Свети Никола Долни или Свети Никола Талалеј — главна селска црква во битолското село Ротино, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа на сретсело. До црквата води асфалтен пат.
Историја
Била изградена во 1870 година. врз темелите на старо црквиште. Нејзината изградба ја потпомогнал влашкиот род Пиниковци, преселници од Магарево.
За време на Првата светска војна на ова подрачје се воделе жестоки битки и црквата тешко пострадала. По војната таа била обновена и преосветена.
Архитектура
Храмот е мала трикорабна градба со полукружен средиштен свод и полукружна апсида на исток, со шест лажни столба кои образуваат слепи ниши. Поседува затворена припрата (трем) на јужната страна.
Градбата на црквата е во добра состојба и истата во 2017 година била дополнително зајакната со армирано-бетонски серклаж и челични профили и била извршена замена на столаријата со нова ПВЦ имитација на дрво, како и нов покрив со ќерамиди.
Во дворот на црквата пред влезот е изградена нова камбанарија.
Фрескоживопис
Внатрешноста на храмот е живописана од мајсторот Златко Лечковски, родум од Ротино. Живописот бил насликан во 2018-2019 година.
Икони и иконостас
Иконостасот датира од повоената возобнова. Од стариот црковен инвентар е зачувана само една икона.
Галерија
Поврзано Битолско архијерејско намесништво Кукуречанска парохија Ротино
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Ротино