Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква во битолското село Магарево, Македонија.

Во дворот на црквата се наоѓаат чинари, од кои најстариот е заштитена природна реткост од 1983 година.

Местоположба

Црквата е гробишен храм, сместен во северозападниот дел на селото. Околу црквата се наоѓаат селските гробишта.

Недалеку на североисток, на повисок терен е Магаревскиот манастир со црквата „Св. Ѓорѓи“ од 1871 година.

До црквата води асфалтен пат.

Историја

мини|300п|лево|Оригиналната црква на грчка разгледница од 1885 г.

Храмот е изграден во 1834 година или во 1835 година. За време на Првата светска војна на подрачјето се воделе жестоки битки и црквата била уништена. Вредниот иконостас е демонтиран од бугарски војници со намера да го однесат во Бугарија. Сепак, нивната намера не успеала и тој е подоцна откриен и пренесен во храмот „Св. Богородица“ во Битола заедно со оној од „Успение на Пресвета Богородица“ во Трново. По војната црквата е возобновена.

Архитектура

Црквата е голема и убава крстовидна камена базилика со сложена архитектура. Во многу нешта е слична на „Св. Димитриј“ во Битола.

Основата на црквата е трикорабна и има галерии (припрати) на три страни, запад, север и југ.

Градбата на црквата е во задоволителна состојба, иако се соочува со оштетен покрив и има оштетување во долниот дел од третиот столб на наосот.

Фрескоживопис

Во внатрешноста нема зачувано траги од живопис, но црквата поседувала живопис кој го добила во 1844 година, како што е запишано на фреската над еден од влезовите од северниот трем во внатрешноста на црквата.

Sидното сликарство е во катастрофална состојба. Во северниот отворен трем постојат остатоци од фрески изведени во 1844 година според наодот на едната од фреските. Фреските се поставени над трите влезни врати од северниот трем кон внатрешноста на црквата. Едната фреска кон запад е целосно изгубена, од втората е зачуван само мал дел на кој е напишана годината, додека од третата фреска над источниот влез во јужната капела е зачувана помалку од половина фреска од композицијата „Св. Петар и Св. Павле“ и годината 18??.

На фасадата од олтарниот простор постојат елементи на камена пластика кои се декорирани во боја со претстави на хералдички и флорални елементи, херувими, крстови и натписи.

На една од претставите на аголот помеѓу јужниот и источниот олтарен ѕид е наведена годината 1820, најверојатно како почеток на градењето на храмот.

Доколку не се преземат итни конзерваторско-реставраторски зафати фреските ќе бидат целосно изгубени.

Икони и иконостас

Иконостасот со два реда икони е нов, а од старите икони се зачувани само неколку оштетени примероци.

Галерија

Поврзано Битолско архијерејско намесништво Кукуречанска парохија Магарево

Наводи

Надворешни врски

Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија

Магарево