Жан-Пол Мара ( - ), бил медицински доктор, физичар, истражувачки научник за топлина, светлина и електрицитет, политички теоретичар, книжевник и полиглот, а најдобро познат по својата кариера во Франција како радикален новинар и политичар за време на Француската буржоаска револуција. Неговото новинарство се прочуло по својот гневен тон, бескомпромисен став кон новите водачи и институции на револуцијата, и застапување на основни човекови права за најсиромашните членови на општеството.
Мара бил еден од најрадикалните гласови на Француската револуција. Тој станал енергичен бранител на санкилотите, објавувајќи ги своите ставови во памфлети, плакати и весници, посебно неговиот L’Ami du Peuple (Пријател на Народот), што помогнало да го направи неофицијална врска со радикалната, републиканска јакобинска група којашто дошла на власт после јуни 1793.
Мара бил убиен од Шарлот Кордеј, симпатизерка на ројалистите, додека ја практикувал својата медицинска бања поради неговата влошена кожна состојба. После својата смрт, Мара станал икона за јакобинците како револуционерен мартир, како што и е портретиран во славната уметничка слика на Жак-Луј Давид, Смртта на Мара.
Живот и образование мини|Родната куќа на Мара во Будри, Швајцарија.
Жан-Пол Мара е роден на 24 мај 1743 година, во градот Будри, близу Нешател, во северозападниот дел на Швајцарија, како дете на незабележлива Сардиниска фамилија. За неговите родители се сочувани оскудни податоци. Неговиот татко, кој имал презиме Маra (без „t“ кое подоцна Жан-Пол го додава), роден е во градот Каљариј, во Сардинија, а во Швајцарија се доселил малку пред раѓањето на својот син. По занимање бил цртач и сликар, а подоцна предавал странски јазици. Има податоци дека се занимавал и со медицина. Со својата работа скромно го издржувал своето големо семејство (освен најстариот син Жан-Пол, имало уште пет деца, две сестри, Марија и Албертин, и три браќа, Анри, Давид и Жан Пјер). Жан-Пол Мара Постариот живеел осумдесет години. Неговиот првенец Жан-Пол се родил кога тој имал четириесет години. До 1754 година Жан-Пол Мара Постариот живеел во Будри, а потоа се преселил во Нешател. Подоцна, во 1768 година, преминал во Женева. Во тоа време малиот Жан-Пол Мара веќе се отселил од домот на своите родители. За својот татко Жан-Пол Мара малку пишувал, но со длабока почит. Тој пишувал со посебна благодарност за тоа што добил „во родителскиот дом многу примерно воспитување“. Од својот татко го наследил интересот и способноста за учење странски јазици па научил француски, англиски, германски, италијански, подоцна шпански и холандски, а потоа латински и грчки. Татко му сакал од него да стане научник. Тоа било од големо влијание на умното формирање на идниот познат трибун. Многу често и со повеќе топлина Жан-Пол ја споменувал својата мајка. Лујз Каброл по раѓање била Французинка. До стапувањето во брак таа живеела со своите родители во Женева, каде се доселиле во 1723 година. Жан-Пол Мара признавал дека токму неговата мајка имала одлучувачко влијание врз развитокот на неговиот карактер и неговите етички идеали.Таа почитувана достојна жена, чија загуба ја оплакувам до денешен ден – пишувал тој во својата автобиографија, која ја објавил пред својата смрт – ме воспитуваше во првите мои години и таа придонесе за буење на човекољубието во моето срце, љубов кон правда и слава… Со моите раце таа укажуваше помош на сиромашните, и начинот на кој таа со нив зборуваше пробудуваше во мене чувство со кое таа беше обземена.Длабоката љубов и почитување кон својата мајка Мара ги сочувал низ целиот негов живот. Подоцна, во своите публицистички и социолошки дела, тој често прибегнувал кон метафорично споредување на татковината со мајка му. Наспроти директното значење на смислата на самиот збор „татковина“ (и на француски јазик овој збор ја има истата смисла „la patrie“), кај Жан-Пол зборот татковина не предизвикувал асоцијација на татковски лик, туку лик на мајка.
Кога бил во Бордо, Франција, како шеснаесетгодишник во текот на тие две години таму Мара служел како воспитувач на деца во куќа на богати бродосопственици и трговци на робови. Во 1762 година деветнаесетгодишниот Мара преминал во Париз. Без име, без пари, без врски, млад човек од Нешател, кој никој не го познава… Немало во тоа ништо необично. И пред и после Мара илјада непознати млади луѓе кои со себе не носеле ништо друго освен своите осумнаесет години и соништа, исто така го отпочнувале својот пат. Мара знаел дека патот кон подвизите и славата водел преку Париз. Тој пристигнал во Париз во 1762 година кога е завршена и за француската армија неславната и нешто повеќе за Франција понижувачката седумгодишна војна со Англија. Во Париз Мара поминал околу три години, до 1765 година. Каде тој живеел? Кој го прифатил младиот човек кој никој не го познавал – поранешниот воспитувач од Бордо – во огромната престолнина? Од што тој живеел за време на својот тригодишен престој во Париз? Во какво друштво се движел? Со кој се гледал? Кои биле неговите пријатели? Сите тие прашања, кои би можеле да се прошират, остануваат и сега без одговор. Мараовите биографичари, дури и оние најдобрите, како што се Бужар и Шевремон, кои после сто години вложувале труд да ја состават биографијата на големиот француски револуционер, кои до крајност совесно го собирале сиот материјал што се однесувал на неговиот живот, не биле во состојба да пронајдат какви било документи кои би можеле да ја осветлат таа страна на првиот Мараов престој во Париз. Не подоцна од 1765 година, Жан-Пол Мара го напуштил Париз и отпатувал во Англија.
Мара живеел во Англија околу десет години. Живеел во Лондон, Единбург и Њукасл. Отпатувал и во Ирска. За тоа време отпатувал и во Холандија, во Амстердам. Таму Мара станал член на ложата на „Слободно прифатени масони“ на 15 јули 1774. Неговата масонска диплома била продадена меѓу извонредна збирка на документи во врска со Револуцијата во 1862 година. Тоа било фолио-документ, на фин пергамент, потпишан од Големиот секретар „Ja. Heseltine“. Бил одобрен од автографски сертификат потпишан: „E. P. Renouard“, секретар на Ложата Bien Aimée, од Амстердам, сведочејќи дека Братот Жан-Пол Мара ја посетил Ложата, на 12 октомври 1774 година.
Десет години, се‘ до 1776 година, Мара поминал главно во Англија, каде се занимавал со медицина, а исто така со ветерина и физика. За Мара во Англија главно занимање а наскоро и професија било медицината. Тој се занимавал со неа и како лекар практичар и како научник. Како и кога тој ги совладал сите тајни на овие науки? Тоа останува недоволно објаснето. Изгледа дека тој сериозно ја изучувал медицината, покрај другите науки, уште во Франција, па во Англија се усовршувал. Мара како лекар практичар се стекнал со голема популарност. Во 1769 година Мара го објавил во Лондон своето прво научно дело „За една очна болест“, што сведочи дека тој во тоа време никако не бил обичен лекар. Од 1770 година до 1773 година Мара живеел во Њукасл, каде се занимавал со лекарска пракса. Градот Њукасл му подарил титула почесен граѓанин на градот поради големите успеси во борбата со епидемиите. Кон крајот на шеесеттите или во првата половина на седумдесеттите години, Мара ординирал како лекар во Лондон и во главниот град на Шкотска, Единбург. Во 1775 година Единбуршкиот универзитет свети Ендрјус му доделил виши научен степен – докторат на медицина. Во дипломата која му ја издал Единбуршкиот универзитет наведено е дека Мара работел во областа на медицината во текот на многу години и дека во сите нејзини делови стекнал големо искуство.
Лекар, доктор на медицина, во тоа време имало малку. Мара бил меѓу тие малобројни и јасно е дека тој се гордеел со академското образование, кој го стекнал со свој труд во туѓа и непозната земја. Од тоа време тој на насловните страници на своите печатени дела додавал пред своето име два збора: „доктор на медицина“. Во Англија неговата слава како научник кој умеел да излече тешки болести бргу растела. Во неговата лекарска чекалница секогаш имало многу посетители. Мара – хуманист, кој уште од своето детство сонувал за тоа да придонесе корист за човештвото, давал бесплатни здравствени прегледи на сиромашните кои ќе се обратиле. Во оваа амбуланта, тој со полна волја и бесплатно давал и предавања во одредени денови за хигиена и исхрана, бидејќи сметал дека болеста и смртта се забрзуваат кај лошо хранетите и лошо образованите. Но, меѓу неговите пациенти имало и богати и угледни луѓе. Тој, секако, не заработувал малку како лекар. Тоа може да се заклучи од тоа што за време на својот престој во Англија објавил на свој трошок многу книги, а во тоа време требало многу пари за публикација.