Солунската бугарска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (стар правопис: Българска мѫжка гимназия „Свв. Кирилъ и Методий“) — машка гимназија основана во есента 1880 година во Солун, тогаш во Османлиската империја. Постоела до 1913 година. Била едно од најважните бугарски просветни средишта во Македонија и Одринско.

Гимназијата била основана со поддршка на Бугарската егзархија и солунската бугарска црковно-училишна општина. Главен иницијатор и прв главен учител бил Кузман Шапкарев. Официјалното име „Св. св. Кирил и Методиј“ го добила во 1881 година. Наставата се изведувала на бугарски јазик, а училиштето имало пансион.

Во текот на своето 33-годишно постоење низ гимназијата поминале околу 5.800 ученици. Голем дел од нив останале само неколку години, а со целосна матура завршиле 488 ученици. Меѓу учениците имало и идни видни дејци на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО), Врховниот македоно-одрински комитет (ВМОК) и други организации, како Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, Борис Сарафов и други. Учители во одреден период во гимназијата биле Григор Прличев, Васил К’нчов, Георги Кандиларов и други.

Гимназијата престанала со работа по Балканските војни и воспоставувањето на грчка власт во Солун во 1913 година. Нејзин наследник денес се смета Националната хуманитарна гимназија „Св. св. Кирил и Методиј“ во Благоевград, Бугарија.

Историја Основање на гимназијата Пролетта 1880 година, Шапкарев ја напуштил Македонија за да му го понуди своите услуги како инспектор за Татарпазарџискиот училиштен округ на тогашниот директор за образование на Источна Румелија, Јоаким Груев. Но и покрај посредништвото од страна на архимандритот Методиј Кусев, Груев го одбил Шапкарев. За да не пропадне неговата мисија во Бугарија, Шапкарев се обидел да ја искористи блискоста на Кусев со егзархот, за барем да може да го издаде етнографскиот и фолклорен материјал што го собрал претходните години во Македонија. Проникливиот Кусев заклучил дека охриѓанецот може да биде употребен за многу поважна цел. Имено, како што подоцна дознал Шапкарев, „во тоа време се кроеше план да и се помогне на Македонија на просветен план, но не можеше да се најде погодна личност... која што ќе ја постави првата основа – основниот камен на тамошното учебно дело“. Помошта на просветен план за која што зборува Шапкарев всушност има поинаква позадина. Средбата на Шапкарев со Кусев се случила во истиот период кога Портата го издала т.н. Закон за вилаети, кој предвидувал одземање на патријаршиските привилегии во егзархиските училишта. Оттука, испраќањето на личност во Македонија која би ја поставила основата на бугарското училишно дело била токму во овој контекст. Така, со препорака од архимандритот, Шапкарев се упатил во Цариград за да се сретне со егзархот Јосиф I и од него да побара средства за издавање на собраните етнографско-фолклорни материјали. Меѓутоа, во писмото од Кусев до егзархот немало ниту збор за зборникот и во него пишувало само: „Еве го човекот што го бараме за учебното дело“. лево|мини|275x275пкс|Кузман Шапкарев Со препорака од егзархот, Шапкарев бил упатен во Софија за да се сретне со премиерот Драган Цанков, од кого бил задолжен да подготви извештај за перспективите на бугарското училишно дело во Македонија. Во мај 1880 година, Шапкарев го изложил својот план пред кнежевскиот Министерски совет, при што предвидел: 1) Солун да биде центар на делото. Таму да се основаат и поддржат по една полна машка и женска гимназија со пансиони; 2) Во Битола, Скопје и Серес да се отвори по една полугимназија и по едно трикласно женско училиште; 3) Во неколку второстепени градови да се отвори по едно двокласно или трокласно училиште; 4) Во другите места, кај што би се укажала потреба, да се даде привремена или постојана помош за поткрепа на постојните училишта; 5) Помошта за подржување на сите овие учебни установи да не се испраќа директно, туку со посредство на Егзархијата.

На 2 јуни 1880 година Кузман Шапкарев пристигнал во Солун заедно со Д. Узунов, кој бил назначен да отвори училиште во Битола. Притоа, Шапкарев истакнува дека улогата што му била наменета од Егзархот, покрај учителствувањето, била и „да ја насочува бугарштината во цела Македонија“. Истовремено, Егзархијата поканила уште 30 Македонци во Бугарија да појдат за учители во Македонија, но никој од нив не одговорил на повикот. Во Солун Шапкарев, кој бил назначен за главен учител во солунските егзархиски училишта, ги нашол училиштата во очајна состојба. Во машкото училиште имало само 17 ученици првоодделенци и четворица повозрасни, кои составувале нешто налик на прв клас. Во женското училиште учеле 11 ученички, од кои само 2-3 знаеле да читаат.

Во октомври истата година, Шапкарев и кукушанецот Христо Бучков започнале со работа во солунското основно училиште во солунското маало Ајринџик. Како резултат на плодната агитаторска дејност на Шапкарев, активноста на солунската егзархиска општина и претходно воспоставените врски во Солунско и Кукушко, училиштето го посетувале 87 ученици, претежно од околината на Кукуш и Солун, од кои се формирале 4 одделенија и два класа. Брзиот успех резултирал со позитивни сигнали од Егзархијата за отворање на редовна и полна бугарска гимназија во Солун. Меѓутоа, и покрај успешно завршената учебна година, пред почетокот на 1881/82 година, Шапкарев бил известен дека бугарската гимназија ќе биде отворена во Прилеп. Тврдоглавоста на охриѓанецот сепак се покажала решавачка. Шапкарев одбил да ги изврши наредбите на архимандритот Методиј Кусев, кој како роден прилепчанец најмногу се залагал гимназијата да биде отворена во Прилеп. По долга расписка со разни егзархиски и политички фактори, Шапкарев успеал да издејствува гимназијата сепак да биде отворена во Солун. Притоа, меѓу другото, егзархискиот учител истакнал дека Европа може да види дека во Македонија живеат и Бугари само доколку гимназијата биде отворена во Солун, кој го посетувале голем број на странци. Истовремено, Шапкарев разгласил низ цела Македонија дека во Солун ќе се отвори бугарска гимназија со пансион. На тој начин, учебната година започнала со 123 ученици, распоредени во три гимназијални класа.thumb|300px|right|Документ од 1884 година

Ученички бунтови Солунската гимназија, и покрај егзархискиот језуитски режим, била расадник на револуционерни идеи. Во гимназијата циркулирала забранета литература, се ковале планови и се дигале ученички бунтови.

Во гимназијата често избувнувале конфликти за тоа да се зголеми бројот на професори со потекло од Македонија, а да се намали бројот на оние што се носат од територијата на кнежевството Бугарија. Бугарската егзархија која ја спроведувала политиката на Стефан Стамболов за еволутивно решавање на македонското прашање, била против зголемување на бројот на учители од Македонија, заради стравот дека Македонците учители ќе ги револуционеризираат учениците, и со тоа ќе бидат нарушени добрите односи меѓу кнежевството Бугарија и Османлиска Турција.

Веднаш по нејзиното создавање, веќе во учебната 1882/1883 година, дошло до бранување. При училишниот бунт во учебната 1883/1884 година биле исклучени од гимназијата Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои биле меѓу првите ученици на оваа гимназија. Во учебната 1887/1888 година дошло до нов бунт, поради кој биле исклучена поголема група на ученици. Меѓу причините за бунтот било и барањето на учениците: дека не можат да работат на бугарски јазик, туку сакале да работат и да им се предава на нивниот домашен, македонски дијалект. Меѓу учениците кои заминале во Белград, за да го продолжат образованието, биле: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Никола Наумов, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев итн.

Во своето дело „Во Македонија под ропство“ Павел Шатев пишува дека во основата на ученичките бунтови бил спорот како да се извршува ослободувањето на Македонија.Шатев, П., В Македония под робство, София, 1983, трето издание, с. 35 Екзархиската страна верувала дека ова требе да се извршува со легална борба, просвета, цркви и училишта, а другата страна - со револуционен метод на дејствие.Шатев, П., В Македония под робство, София, 1983, трето издание, с. 36

Педагошки курс при гимназијата За да се обезбедат учители за основните и за трикласните училишта во провинцијата (пред сè во Македонија), во учебната 1887/1888 година при машката гимназија бил отворен педагошки курс во времетраење од две години. Со курсот раководел директорот на гимназијата, а наставата ја изведувале професорите кои предавале и во самата гимназија. Курсот функционирал осум учебни години, од 1887/1888 до 1895/1896 година. Во тој период го завршиле 129 ученици, кои биле оспособени за учителска работа.

Учениците кои биле примани морало да имаат завршено трет клас гимназија (приближно денешно основно образование). Програмата на курсот била составена од општо гимназиски предмети, дополнети со педагогија (наука за воспитување и образование), која ја предавале специјализирани наставници. Иако педагошкиот курс бил наменет за подготовка на учители, релативно малиот број на завршени ученици укажува дека учениците почесто избирале да го продолжат гимназиското образование, наместо да се насочат кон учителската професија.

По 1913 По крајот на Втората балканска војна, грчките власти го протеруваат целиот наставнички колектив на гимназијата во Бугарија. Задно со себе тие успеваат да земат голем дел од материјалот и регистарски материјали. Преместувана е неколкупати во Струмица, Штип и Петрич.

Од 1920 до денес се наоѓа во Благоевград (Горна Џумаја), Пиринска Македонија и го носи името Национална хуманитарна гимназија „Свети Кирил и Методиј“ (Национална хуманитарна гимназия „Свети Свети Кирил и Методий“).

Директори и учители

Директори мини|350x350px|Првата генерација на матуранти во гимназијата во учебната 1885/86 год.Прв ред (учители): Георги Миндов, Александар Кулев, Христо Димитров, Костадин Стателов, Фран Сплитек, Григор Прличев, Георги Кандиларов, архимандрит Козма Пречистански, ѓакон Иларион Пенчев, Георги Попов, Петар Драганов, Андреј Дојкин, Јероним БуфетиВтор ред (матуранти): Христо Нечев, Јордан Читкушев, Јордан Мирчев, Иван Липошлиев, Димитар Изов, Бано Кушев, Лазар Тодев, Јордан Бомболов, Георги Стрезов, Петар Мавродиев, Александар Кожухарски Од вкупно 14 директори на гимазијата, 9 биле од Бугарија, а 5 од Македонија. Притоа нужно е да се истакне дека во најважните години од работата на солунската гимназија, од нејзиното основање до периодот кога во Македонија се отвориле и други бугарски средношколски установи, директорите биле исклучиво етнички Бугари. Според нивното образование, речиси сите минале низ бугарските средни училишта во Софија, Пловдив итн., а голем дел од нив го продолжиле своето образование во поголемите европски центри.

Повеќемина од солунските директори имале и завидна политичка кариера. Додека Михаил Сарафов најпрво бил министер за народна просвета во владата на Петко Каравелов (1880-1881) и министер за финансии во владата на Драган Цанков (1884), а дури потоа бил назначен за директор на гимназијата во Солун, некои од директорите својот политички подем го започнале откако се докажале како спроводници на бугарската политика во солунската машка бугарска гимназија. Васил К’нчов во 1902 година бил министер за народна просвета во владата на Стојан Данев, а Лазар Пајаков бил министер за финансии во кабинетите на Рачо Петров, Димитар Петков, Димитар Станчов и Петар Гудев (1903-1908).

Кузман Шапкарев — (1880 – 1881) (главен учител) Божил Рајнов — (1881 – 1883) Георги Кандиларов — (1883 – 1887) Никола Начов — (1887 – 1891) Димитар Хаџи Иванов — (1891 — 1892) Васил К’нчов — (1892 — 1893) Михаил Сарафов — (1893 — 1896) Анастас Наумов — (1896 — 1897) Атанас Ченгелев — (1897 — 1899) Лазар Пајаков — (1899 — 1900) Георги Раев — (1900 — 1904) Христо Тенчев — (1904 — 1907) Антон Поп Стоилов — (1907 — 1909) Тодор Дечев — (1909 – 1912)