Хорхе Луис Буручага (роден на 9 октомври 1962 година во Гвалегвај) — аргентински фудбалски тренер и поранешен играч од средниот или од нападот.

Познат по прекарот Буру, тој ја започнал својата кариера во Арсенал Саранди во 1979 година, за потоа да премине во Индепендиенте во 1981 година, каде станал еден од симболите на клубот низ еден од најуспешните периоди во неговата историја. Тој поминал осум сезони со црвените во два различни периоди, првиот од 1982 до 1985 година и потоа помеѓу 1995 и 1998 година, завршувајќи ја својата играчка кариера после вториот престој таму. Со вкупно 234 натпревари и 72 гола за Индепендиенте, тој му помогнал на клубот да освои неколку трофеи почнувајќи од Метрополитано првенството 1983, потоа Копа Либертадорес 1984 и Интерконтиненталниот куп 1984, а по враќањето во клубот во 1995 година и Суперкуп Судамерикана и Рекопа Судамерикана.

Помеѓу двата периоди во кои го носел дресот на Индепендиенте, Буручага имал европско искуство во кое го носел дресот на два француски клуба: најпрво, тој седум години настапувал за Нант од 1985 до 1992 година, и бил избран за најдобар странски играч во француското првенство за сезоната 1985-1986 (неговата прва во Нант), а потоа една сезона поминал и во Валенсиен.

За аргентинската репрезентација забележал 57 настапи и 13 гола, во периодот од 1983 до 1990 година. Со својата нација, станал светски шампион на првенството во 1986 година во Мексико, на кое го постигнал победничкиот гол за гаучосите во финалето против Западна Германија. Освен на ова првенство тој ја претставувал Аргентина и на Мундијалот 1990 и на две изданија на Копа Америка во 1983 и 1989 година. По завршувањето на играчката кариера, тој станала тренер и водел неколку аргентински екипи и парагвајскиот клуб Либертад.

Биографија Роден е на 9 октомври 1962, во Гвалегвај во провинцијата Ентре Риос, но само на двегодишна возраст се преселил со своето семејство - неговите родители и дванаесет браќа и сестри - во Буенос Аирес. Неговите фудбалски почетоци, датираат токму во овој град кога започнал да игра фудбал во младинските категории на Ривер Плејт, на возраст од 9 до 14 години. Сепак, немајќи кој да го спонзорира за влез во повозрасните младински категории во клубот, тој бил отпуштен на само 13 години. На многу рана возраст, тој поминал низ многу тежок период во кој меѓудругото го загубил и својот татко во 1977 година. Сепак, тој не се откажал од фудбалот, по заминувањето од Ривер имал проби во екипата на Килмес каде не се задржал, но набргу потоа неговиот прв професионален клуб во кариерата се појавил во неговиот живот сосема случајно; додека играл во соседството, тој бил забележан од близок пријател на Умберто Грондона кој го одвел во Арсенал Саранди.

Неговата прва сопруга, Лаура Мендоса, загинала во сообраќајна несреќа во 1995 година. Од бракот со неа тој има две ќерки. Во 1997 година, тој повторно се оженил, овојпат со Фабиола Паула Роси со која добил уште две деца: синовите Мауро и Роман, и двајцата денес спортисти: Мауро фудбалер, а Роман тенисер.

Технички карактеристики Играч со одлична визија за играта, голема прецизност во додавањата и одлична техника што го направило повеќе од интересен фудбалер, кој делувал како врска помеѓу средниот ред и напаѓачите. Искуството кое го стекнал низ годините му овозможило да игра на различни позиции во средината на теренот, но неговата омилена позиција била десно крило, на која играл на почетокот на својата кариера и каде се снаоѓал најдобро меѓудругото и поради тоа што бил природен деснак.

Иако бил играч од средниот ред, тој одлично се снаоѓал пред противничкиот гол постигнувајќи преку 150 голови во својата кариера, а многу често токму тој бил човекот кој ги постигнувал одлучувачките голови во најважните натпревари на неговите екипи како во финалето на Копа Либертадорес 1984 или во финалето на Светското првенство 1986. Се сметал и за одличен изведувач на пенали.

Клупска кариера Арсенал Саранди Во 1979 година, Буручага како 16 годишник му се приклучил на Арсенал Саранди, откако сосема случајно бил забележан како игра фудбал во соседството од страна на пријател на Умберто Грандона, синот на Хулио Грандона - основач на клубот. За време на првата година во Саранди, тој најчесто играл за втората екипа во третата лига, но импресионирал толку многу што веќе кон крајот на сезоната бил повикан во првиот тим, заедно со соиграчот Хуан Карлос Уртасун. Своето деби за првиот тим на Арсенал Саранди, Буручага го направил на 20 октомври 1979 година, играјќи како стартер во последниот натпревар од сезоната во Примера Б Метрополитана во кој неговиот клуб го победил Естудиантес со 2-1.

thumb|right|Буручага со Арсенал Саранди во 1980 година. Следната сезона, под водството на тренерската двојка Оскар Лопес и Оскар Каваљеро, Буручага ја започнал на клупата за резервни играчи. Сепак, откако Раул Оскар Баљиони заработил црвен картон во натпреварот од второто коло против Банфилд, се отворила можност тренерска двојка да му даде шанса на Буручага да го започне натпреварот од третото коло како стартер, на позицијата која тој никогаш повеќе нема да ја загуби до крајот на првенството. Својот прв гол во дресот на Арсенал Саранди, Буручага го постигнал во победата со 3-0 на домашен терен против Дефенсорес дел Белграно на 22 март 1980 година. Сепак, на клубот не му одело добро во текот на оваа сезона и морал да се бори за опстанок во лигата, а тренерската двојка Лопес-Каваљеро била отпуштена од фунцијата кон крајот на јули. Новиот тренер, Хуан Емилио Елена им дал повеќе можности на помладите играчи како Буручага, а овој му вратил со гол во победата со 2-0 против во тој момент високопласираната екипа на Химнасиа Ла Плата во 33-тото коло од првенството, победа што била од огромно значење за опстанокот на Арсенал во дивизијата на крајот од сезоната. Во сезоната 1980, Буручага иако многу млад бил еден од најкористените играчи во клубот забележувајќи 34 настапи и 6 гола во Примера Б Метрополитана, што донело интерес за него од поквалитетните аргентински екипи во тој момент.

Во 1981 година, како резултат на големиот број ангажмани во младинската репрезентација на Аргентина, Буручага ги пропуштил поголемиот дел од натпреварите на Арсенал Саранди. Во последното коло од првенството, победата со 2-0 над Алмиранте Браун на 12 декември, Буручага го постигнал својот прв гол за сезоната; истиот, многу брзо, ќе се покаже и како неговиот последен во дресот на Арсенал Саранди.

Пред почетокот на следната сезона Буручага ќе го напушти Саранди. И покрај фактот дека како резултат на тоа што настапувал за клубот како многу млад во комбинација со неговата брза продажба, тој не покажал во Арсенал ниту половина од класата што ја поседувал и што ќе ја покаже подоцна, пред се, во аргентинската репрезентација на Светското првенство 1986, Буручага и денес се смета за најпознатиот играч кој го носел дресот на Арсенал Саранди. Вкупно за својот прв клуб во кариерата одиграл 49 првенствени натпревари и постигнал 7 голови.

Индепендиенте thumb|right|Буручага во дресот на Индепендиенте во 1985 година. Во 1982 година, Буручага направил голем скок во својата кариера приклучувајќи му се на Индепендиенте, кој освен што се натпреварувал во најсилната аргентинска лига бил и еден од најсилните аргентински клубови во тој период. Своето деби за Ел Рохо, го направил на 14 февруари 1982, во победата со 4-1 на гостувањето против Естудијантес Сантјаго дел Естеро. Тој се појавил во игра од клупата за резерви заменувајќи го Алехандро Барберон во 78-мата минута. На 28 февруари, за време на натпреварот од третото коло против Унион Сан Висенте, Буручага (од пенал) го постигнал својот прв гол за Индепендиенте во победата со 2-3. Тој постигнал пет гола во Кампеонато Насионал, кои на крајот не биле доволни за Индепендиенте да се пласира во нокаут-фазата на разигрување за титулата, завршувајќи на третото место во групата Б. Во Метрополитано првенството, својот прв гол го постигнал во седмото коло во победата со 5-0 над Феро Карил Оесте во Авељанеда. Својата добра форма ја потврдил и на следните два натпревари во кои исто така бил стрелец, против Сармиенто (2-2) и Институто (4-2), но својте најдобри перформанси ги демонстрирал во завршницата од сезоната кога постигнал 5 гола на последните 8 натпревари, помагајќи му на својот клуб да го заврши првенството на второто место со два бода помалку од шампионот Естудијантес. Со 12 постигнати гола, тој бил втор најдобар стрелец на клубот во Метрополитано, зад Карлос Морете, кој бил најдобар стрелец во целото првенство со 20 погодоци.

thumb|left|Составот на Индепендиенте, победник во Метрополитано 1983. Следната сезона, Индепендиенте стигнал до финалето на Кампеонато Насионал, каде загубиле од Естудијантес со вкупен резултат 3-2. На патот дотаму, Буручага постигнал 8 погодоци, и бил најдобар стрелец на Ел Рохо во натпреварувањето, изедначен со напаѓачот Морете. Истата година, со своите 15 гола Буручага бил најдобар стрелец на Индепендиенте и дал огромен придонес за освојувањето на титулата на неговиот клуб во Метрополитано 1983. После три нерешени резултати во првите три кола од првенството, Буручага го постигнал единствениот гол во победата на гостувањето кај Феро Карил Оесте (0-1). На 21 септември 1983, тој постигнал два гола во победата со 3-0 над Таљерес. Сезоната ја завршил со вкупно 55 настапи во двете првенства и 23 гола.

Во 1984 година, Буручага помогнал Индепендиенте да освои уште два многу важни трофеи: Копа Либертадорес и Интерконтиненталниот куп. Во најсилното меѓународно натпреварување на Јужна Америка, Буручага дебитирал на 29 февруари во натпреварот против Естудијантес во Ла Плата (1-1), додека својот прв гол го постигнал во победата со 1-0 на гостувањето кај парагвајскиот Спортиво Лукењо. Во последното коло од групната фаза против Олимпија, Индепендиенте во Авељанеда го совладал парагвајскиот претставник со 3-2 со головите на Марангони, Буручага и Буафарини, за да заврши на првото место во групата и да се пласира во полуфиналната група.

thumb|right|Буручага го постигнува победничкиот гол за Индепендиенте во финалето на Копа Либертадорес против Гремио. Во полуфиналната група, Буручага постигнал два гола во победите на домашен терен над Универсидад де Католика (2-1) и Насионал Монтевидео (1-0); со две победи и две нерешени, Индепендиенте ја освоил групата пред уругвајскиот и чилеанскиот клуб и се пласирал во финалето. Финалето на Копа Либертадорес се играло на два натпревари, дома и гости, а противник на Индепендиенте му бил брзилскиот Гремио, бранител на титулата од претходната сезона. Во првиот натпревар од финалето одигран во Порто Алегре, клучниот момент се случил во 24-тата минута: Буручага добил одлична топка од соиграчот Рикардо Бочини, стигнал навреме и само ја "поткопал" преку голманот на бразилската екипа за да го доведе Индепендиенте во водство од 1-0. Тој резултат останал важечки до крајот на натпреварот и аргентинците обезбедиле предност пред реваншот на домашен терен во Авељанеда. Во вториот натпревар Индепендиенте ја одбранил предноста, играјќи без голови пред домашните навивачи и ја освоил својата седма титула во натпреварувањето. Буручага со 6 постигнати гола бил најдобар стрелец на Индепендиенте.

Во декември 1984 година, Индепендиенте како шампион на Јужна Америка учествувал во Интерконтиненталниот куп 1984, против европскиот шампион Ливерпул, кого го совладале со 1-0 во Токио со голот на Хосе Алберто Перкудани. Буручага го одиграл целиот натпревар за својата екипа и на крајот го прославил новиот трофеј со соиграчите.

Буручага во Индепендиенте останал до летото 1985 година. Иако во клубот поминал само три ипол сезони, тој бил најдобриот стрелец на клубот во декадата (1980-1989) со 53 гола.

Нант и Валенсиен