Нестор Алексиев Мирчевски (, - , ) — македонски копаничар од меѓународна слава и последен од големата тајфа на вакви уметници во Македонија.
Зад себе остави големо дело кое може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Св. Спас“ во Скопје во 1944 година од грабежот на Бугарите и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 година со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија. Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин и бил одликуван со Орден за посебни заслуги и со диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај. За него се кажува дека бил Микеланџело на македонската резба и дека бил резбарот кој ги одушевил кралот Александар и Јосип Броз-Тито.
Како генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата, устабашија и наставник во Уметничкото училиште во Скопје, Мирчевски во својот осумдесетгодишен работен век оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент. Тој го одбележал континуитетот, одделните творечки достигнувања, како и залезот на резбата во Македонија.
Корени Според историчарите на уметноста, во Македонија постоеле и постојат три резбарски центри: Охридски, Прилепско-слепченски и Мијачки резбарски центар. Од долгиот список мијачки резбарски тајфи, кои во текот на XVIII, XIX и XX век работеле речиси по сите меридијани на европскиот континент, позабележителни родови биле: Рензовци, Филиповци, Фрчковци, Станишевци, Мирчевци и други.
Посебен белег со својата резба низ Европа оставил родот Мирчевци од селото Осој, во Мала Река. Последни претставници од овој род се синовите на Нестор, Борис Несторовски и Миле Сирма кои го практикувале резбарскиот занает.МАКЕДОНСКИОТ МИКЕЛАНЏЕЛО: НЕСТОР АЛЕКСИЕВ МИРЧЕВСКИ „Глобус“
Родот Мирчевци се спомнува уште при крајот на 18 век кога предците Младен и Деспот почнале да се занимаваат со резбарство и градежништво. Од Деспот останале потомците Мирче, Ѓорѓи, Дуко и Тримче. Од овие потомци на Деспот, само Мирче се занимавал со резба, кој бил мајстор со големи способности и креативност.
Прадедото Мирче е роден во 1802 година во Осој. Тој имал три сина: Алексо, Гаврил и Коста. Со резба се занимавал само Алексо. Мирче Деспотов Младеновски водел тајфа од 70 души. Тој повеќе бил ориентиран кон резба на тавани. Во почетокот тој изградил една џамија во Дебар, негова е сета внатрешна резбарска декорација без да му помогне никој во тоа. Затоа бил наречен Мирче Џамиси. Таму ги изградил и касарните, а потоа во Тетово ги изработил Хакипашините и Абдурахман беговите конаци на Балтепе. Во Сер изградил митрополиска црква. Кога прадедото Мирче почувствувал дека е физички исцрпен, на 80-годишна возраст, се вратил во родното село Осој каде што ги проживеал последните денови од животот. Дедо ми Алексо Мирчев е роден 1835 година. По смртта на татка си, Алексо формирал своја тајфа и продолжил со работа во Романија, Бугарија и во Грција. Нему повеќе му лежело да изработува елементи во гипс. Тој можел да измисли разновидни украси на капителите, лисја, цветови, птици, животни, ангели и друго, кои, подоцна, ги обојувал и ги позлатувал. Таквите кабарми ги поставувал на столбовите во многу цркви. Во софиското предградие Књажево, во црквата „Свети Илија“, изработил иконостас кој е зачуван до денес. При крајот на својот живот се преселил да живее кај синовите Нестор и Лазар и ќерката Дева во Крушево.
Починал во 1969 година.
Детството Мојот татко Нестор е роден во 1874 година во Осој. Тој имал браќа Лазар и Пафе и сестри Дева, Велика и Мара. Во Осој завршил основно училиште. Уште во ученичките денови на другарчињата им ги покажувал моделирани во глина разни мотиви како гранки со лисја, гроздови и друго. Дедо ми Алексо ја забележал неговата љубопитност и сакајќи некој да го наследи во неговото творештво, еден ден го однел кај мајсторите од тајфата Филиповци, затоа што било докажано дека дете ќе го научи подобро занаетот кај туѓи луѓе отколку кај татка си.
Мајсторите ја изведувале резбата со дрвено токмаче со кое се чукало на рачката на разни длета. Во тоа време се употребувале длетата: ружаче за цветови, зрначе за зрна, запче за изработка на лисја, шаече за жили по лисјата, грбаче за копање по поголеми длабочини или за ажурна работа, секирче за длабење по аглите, и разлачето за криви линии. Применувајќи ги овие длета за длабење и за вадење на непотребниот материјал, како и за делкање на другите фрагменти, мајсторите обликувале длабока резба која го привлекла татко ми со сета своја сила и тој да изведе нешто како нив. Добро, ама до токмаче и до длето не можел да дојде, бидејќи мајсторите му давале споредни работи. Еден ден приквечер, пред да си оди дома, крадешкум земал едно парче оревово дрво. На него сам си нацртал фрагмент сличен на оној што го работеле мајсторите, потоа го ставил в џеб длетото и дома, ноќта на виделниче, длабел и делкал. Утрото станал порано за да отиде прв на работа и да не го забележат мајсторите дека го зел длетото. На 14 години веќе станал еден од најдобрите мајстори во резбарската уметност. Големо задоволство му претставувало кога ќе го посетел татко му Мирче кој го набљудувал додека работел.
Образование На 18-годишна возраст се здобил со мајсторско резбарско уверение. Во 1899 година татко ми и брат му Лазар добиле покана да работат во манастирите на Света Гора. Таму работеле три години и стекнале голема репутација. Потоа, работата ја продолжиле во Битола. Тука татко ми отворил свое столарско резбарско ателје. Работилницата била сместена во месноста Довлеџик и била опремена со столарски машини. Фирмата била напишана на турски, македонски, француски и на грчки јазик. Прва работа што ја изработиле браќата Нестор и Лазар е иконостасот во црквата „Свети Спас“ во битолското село Брусник. Татко ми го изработил иконостасот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Трново и се претпоставува дека го изработил иконостасот црквата „Света Богородица“ во селото Магарево. За време на Првата светска војна иконостасите биле демонтирани од Бугарите и спакувани за да се пренесат во Бугарија.
Формирање семејство Работејќи по манастирите, татко ми имал тежок гурбетчиски живот, посебно со исхраната. Најчесто во едно грне се варел грав со лути пиперки, а ретко се хранел со пастрма печена на пиростија. Бидејќи бил презаситен од беќарскиот и гурбетчискиот живот, решил да се ожени. Судбината го навела да се запознае со Елена Наумова од Битола. Во бракот му се родиле четири сина - Александар, Тодор, Михаил, Борис и една ќерка Уранија.
Лазар и Нестор Мирчевски во Крушево во 1906 година
Престојот во Крушево За престојот во Крушево татко ми запишал: „По востанието во 1903 година, се договоривме со Влашкото настојништво да им изработам иконостас со сите други потреби како Владиков престол, анвон и две проскернитарки од липов материјал за 300 наполеони. Три години со брат ми Лазар седевме во Крушево и го работевме договореното. Надвор од договорот изработивме две табли. На едната страна е Тајната вечера, а на другата Судењето на Христа пред Кајафа. Нека се обиде кој сака и да е мајстор над мајсторите да го направи тоа нема да ме победи. Ова дело го направив затоа што некои од Власите ми велеа: не се родил никој како резбарот Петре Гарката, кој го направил грандиозниот иконостас во црквата „Свети Никола“ што изгоре за време на востанието. Од тие зборови јас бев навреден и ги изработив таблите без да ми се плати“.
Истражувајќи ја работата од престојот на татко ми и чичко ми во Крушево, првпат ги запознав братучедите Кузе и Велко Костовски од тетката Дева која живеела и починала во Крушево.
За време на Илинденското востание татко ми станал член на Битолскиот револуционерен комитет. Заедно со брат му Лазар учествувал во револуционерното движење, било за агитација за помагање на четите или за пренесување луѓе и оружје на релација Крушево-Битола. Додека, пак, мајка ми Елена се преоблекувала како бремена и носела муниција што ја оставала на гробишта за да ја земат комитите. Таквата активност била забележана од турските власти и се подготвувале да ги уапсат. Нивни пријатели-Турци претходно ги известиле да се засолнат некаде извесно време додека се смират работите. Татко ми заминал за Солун и купил билет за брод на линијата за Америка. Додека чекал да тргне бродот бил сведок на потопување на брод кој бил торпедиран на отворено море. Тоа многу го исплашило и се премислил да патува за Америка. Го вратил билетот и си купил друг за Франција. Тоа патување му изгледало многу посигурно, бидејќи немало пловење преку океан.
Престојот во Франција Отпатувал во градот Марсеј, оставајќи ја работилницата и семејството во Битола. Во Марсеј пристигнал во 1912 година. Таму работел шест месеци во резбарско ателје. Солидно го совладал францускиот јазик и се запознал со начинот на живеење и со обичаите на Французите. Потоа, отпатувал за Париз. По препорака на сопственикот на ателјето во Марсеј се вработил во фабриката ИРИ во Париз која имала 12 работници-мајстори кои, главно, изработувале мебел во барок и рококо стил. Нестор со својата техника ги воодушевил соработниците, бидејќи тие изработувале плитка резба. Школата на мијачките резбари се одликувала со тридимензионално прикажување на сите делови од резбата. Татко ми бил известен од брат му Лазар од Софија дека е распишан оглас за иконостас во црквата „Свети Никола“ во Три кладенци. За оваа резба татко ми забележал: „Извадив пасош и се најдов во Белград каде што се видов со многу роднини. Таму ме задржаа за да им изработам некои црковни работи. Кога ги завршив, отпатував за Софија. На огласот јас ја добив работата за 2.100 наполеони“.
По ослободувањето, Нестор Мирчевски се зафатил да го монтира иконостасот и да ја воспостави неговата првобитна состојба во црквата „Свети Спас“.
Устабашија Нестор во својата работа бил главен копаничарски мајстор. Тој водел сметка за својата копаничарска дружина, за работата, склучувал нови договори. Татко ми ги правел плановите за сите резбарски работи, а другото го правеле членовите на тајфата и затоа го викале устабашија. Во виорот на животот во 1918 година, по породувањето на шестото дете, мајка ми починала. Мене ме пратија во Битола кај баба ми Спасија, каде што останав две години.
Оставен сам да се бори со животните проблеми со работата и со децата, татко ми решил повторно да се жени. Во Стара Загора работел иконостас и таму ја запознал Душка Рашкова со која стапил во брак. Од овој брак нема деца, само е доведена посестрата Милка. Мене ме вратиле од Битола во Софија. За време на престојот во Софија татко ми изработил повеќе иконостаси и украси за цркви во Бугарија. Од сите нив за одбележување е овој момент. Во Пазарџик била опожарена катедралната црква „Успение на пресвета Богородица“. Во неа постоел иконостас изработен од Макариј Негриев Фрчкоски. Овој иконостас и денес спаѓа меѓу најубавите остварувања од првата половина на 19 век. Иконостасот е на два ката во должина од 20 метри. Обновата ја извршил татко ми со брат му Лазар и му биле исплатени 45 златни наполеони. Во тоа време царот Фердинанд дознал за големите резбарски способности на татко ми и побарал да му изработи пирамида 8 метри широка и 4 метри висока. По изработувањето, пирамидата била сместена во военото училиште во Софија и во неа биле изложени сите видови оружја од минатото до тоа време. Наедно, била изработена и библиотека во резба за царскиот двор. Еден непријатен настан оставил траги кај татко ми. За време на Септемвриското востание во 1923 година, бил обвинет дека соработувал со востаниците. По 15 дена поминати во затвор, бил ослободен поради недостиг на докази.