Зграда на Катарина Папатеодоси — зграда во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата под називот Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17.

Историја Зградата на Катарина Папатеодоси, била проектирана во 1939 година, од страна на архитектот Ѓорѓе Ристиќ, и била изградена во 1940 година.

Со текот на годините имало промени во однос на првобитниот изглед и функција на зградата, односно биле сменети покривните ќерамиди, имало промени во поткровјето заради добивање дополнителни станбени површини, одреден број на првобитни дрвени прозорци биле заменети со прозорци од ПВЦ материјал, на југоисточната страна на вториот кат била доѕидана соба, биле поставени импровизирани прегради на задните тераси помеѓу становите, било сторено целосно затворање со застаклување на една од задните тераси, на главната фасада на приземјето кај јужниот стан биле отстранети заштитните украсни решетки од ковано железо.

Зградата била прогласена за значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-434 од 16 септември 2015 година.

Архитектура и особености Приземјето и катовите се наменети за домување. На секое ниво има по два стана чии основи се функционално решени. Во скалишниот простор има двокраки скали и истиот е природно осветлен преку застаклени врати со натсветла изведени на источните ѕидови на подестите. Овие врати водат кон тераси ориентирани кон источната страна на зградата од каде секој стан има свој економски влез. Подрумот служел како стан за домаќинот на зградата. Таму имало просторија за централно греење, просторија за перење и сушење на алишта и подрумски простори. Уѓте на почетокот, зградата имала електрично осветлување, канализација и водовод.

Темелните стопи и сутеренските ѕидови се изведени од набиен бетон, а сите ѕидови се од тула со варов малтер. Меѓукатните конструкции и скалите се од армиран бетон. Покривот има дрвена кровна конструкција, и е повеќеводен покрив покриен со ќерамиди од филц. Фасадата, односно сите надворешни ѕидови се малтерисани со продолжен малтер и прскани во два тона. Целата столарија била изработена од чамова граѓа, освен влезните врати и прозорските крила кои се од борова граѓа. Главната влезна врата, капијата на колскиот влез, сите огради во скалишниот простор и на терасите биле изведени од ковано железо. Сите лимарски работи се од поцинкуван лим. Со својата главна фасада, зградата излегува на јавен простор, а од задната страна има двор заграден со ѕидови од тула и малтер со простор за паркирање и помошни градби. Подната обработка е од бетон. Скалите со од армиран бетон и се обложени со терацо, оградата на скалите е од ковано железо. Цоклето на скалите е обоено со масна боја во тон, а ѕидовите при скалите се обоени со посна боја. Сите внатрешни ѕидови во становите се малтерисани со варов малтер и окречени со посна боја во тон. Цоклето во кујните, бањите и тоалетите биле обоено со масна боја. Патосот во собите е изработен од чамови даски поставени на перо и жлеб, а во сите останати простории од терацо.

Зградата има статус на значајно културно наследство со режим на заштита од втор степен. Контактната зона на зградата е со режим на заштита од трет степен.

Поврзано Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41 Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (бул. „Илинден“ бр. 53) Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63 Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68 Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80) Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115 Зграда на Министерството за култура Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88 Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а Зграда на Ташковиќ Зграда на Кубеш

Наводи

Надворешни врски

Службено мрежно место на Управата за заштита на културното наследство

ул. „Аминта Трети“ бр. 17 Категорија:Дебар Маало Категорија:Појавено во 1940 година во Македонија