Вознесение Христово (или Св. Спас) — главна селска и гробишна црква во битолското село Граешница, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа на самото сретсело.
Историја
Овој храм бил изграден во 1860 година, што го дознаваме од записите над јужниот влез во храмот, како и врз фасадата на камбанаријата. Таа била подигната во време на митрополитот Венедикт, кој управувал со Пелагониската митрополија.
Архитектура
По својот архитектонски облик претставува трикорабна градба со тремови на јужната и делумно на западната страна. Над западниот влез, црквата е надвишена од високата камбанарија.
Со внатрешноста на градбата се комуницира преку јужниот и западниот влез. Централниот дел од градбата е поделен на три кораби, со два реда од по неколку столбови.
Фрескоживопис
За разлика од страничните равни таваници, над централниот кораб се надвишуваат неколку слепи калоти насликани со ѕидно сликарство. Во едната од нив, каде е поставена допојасната претстава на Христос Седржител, испишана е годината 1868. На сводните партии насликано е уште допојасјето на Хростос Емануил, а над олтарниот простор се монументалните фигури на св. Тројца. Во нишата од апсидата сочувани се мали остатоци од допојасната претстава на св. Богородица, а во долниот дел се архиереите: св. Василиј, св. Григориј, св. Спиридон, св. Никола, св. Атанасиј и св. Јован Златоуст. Малата ниша од протезисот е исполнета претставата на мртвиот Христос.
Иконостас
Наосот од црквата е издвоен од олтарниот простор со иконостас врз кој се поставени три реда на икони. Најдолниот, основен ред го сочинуваат престолните икони, а во горните две зони се поставени икони со претстави на апостолите, други поединечни светители и претстави, како и сцени од Великите празници. Врз позадината од престолната икона на св. Богородица со малиот Христос, зографот испишал поопширен авторски запис од 1884 година во кој соопштува дека иконата е дело на Димитар Анастасов од селото Магарево. Според стилскиоликовните карактеристики, изгледа дека повеќето икони од иконостасот се негови дела. Нему можат да му се припишат и иконите од певницата подигната на еден од северните столбови во наосот, со повеќе икони на Исус Христос, евангелистите и ѓаконите од 1884 година.
Галерија
Поврзано Битолско архијерејско намесништво Бистричка парохија Граешница
Наводи
Надворешни врски
Граешница