Пожар во ноќен клуб во Кочани — пожар што се случил на 16 март 2025 година во 2:35 часот наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата животот го загубиле 63 лицa, додека пак 193 биле повредени. Ова претставува најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најсмртоносниот пожар во Европа по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година. Пожарот е трета најголема трагедија во Македонија според жртвите, веднаш по Авионската несреќа на Палер Македонија во 1993 година, а воедно и настан со најголем број на вкупно повредени лица во историјата на државата. Поголем дел од настраданите од пожарот биле на возраст од 16 до 24 години.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги посетила дел од повредените во болниците и се сретнала со нивните роднини. Била прогласена седумдневна жалост по повод трагедијата во Кочани, одложувајќи ги внатрепартиските избори на СДСМ што требале да се одржат на 16 март.
Започнале протести за тешката трагедија следниот ден во Кочани, Штип, Скопје, Струмица, Битола, како и помали собири низ другите градови од државата.
Заднина Ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани бил сместен во градба што претходно служела како магацин за теписи. Месните новинари ја нарекле „импровизиран ноќен клуб“, како одраз на нејзината спонтана преобразба во место за забава. Властите откриле дека градбата ја немала потребната законска дозвола за работа како ноќен клуб.
Тошковски изјавил дека градбата била одобрена само за лесна индустрија, а не за угостителство, и немало писмен договор помеѓу музичката група ДНК и сопственикот на клубот Дејан Јованов-Деко.
Пожар лево|мини|Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани|240x240пкс Во раните утрински часови на 16 март 2025 година, дискотеката „Пулс“ во Кочани била исполнета со над 500 лица, кои со нетрпение го очекувале настапот на македонската поп-група ДНК.
Во 2:35 часот наутро, додека концертот бил во полн ек, бината била осветлена со пиротехнички ефекти. Ненадејно, искри од пиротехничките средства го запалиле лесно запаливиот таван на клубот, предизвикувајќи брзо ширење на огнот. Паниката се проширила меѓу присутните, кои се обидувале да се евакуираат низ единствениот излез, што довело до турканица. Еден преживеан опишал дека бил газен од толпата откако паднал по скалите. Еден член на групата ја повикал толпата да се евакуира за време на гаснењето на пожарот, изјавувајќи: „Сите излезете, ќе се вратиме“. Некои од жртвите се обиделе да избегаат низ тоалетот на клубот, но биле пречекани со решетки на прозорците.
Видеата снимени за време на случката покажуваат обиди на присутните да го изгаснат пламенот, додека други се бореле да излезат на безбедно. Меѓу повредените имало и деца. Дел од луѓето што успеале да се спасат, влегле повторно во клубот со намера да спасат колку е можно повеќе животи.
Територијалната противпожарна единица Кочани за 7 минути од добивањето на првиот повик со едно навално возило и со тројца од четирите дежурни пожарникари излегла брзо на терен и била првата што пристигнала на местото на пожарот. По самото пристигање кај градбата во пламен и согледување на ситуацијата, го известила пожарникарот што останал во базата да ја мобилизира целата единица како и да побара помош од сите противпожарни бригади во соседните градови. Веднаш по добивањето на повикот за помош, кон Кочани се упатило возило од ТППЕ Виница, кое пристигнало второ, а веднаш потоа и две возила од Доброволното противпожарно друштво Кочани. На терен дошле и екипи од ТППЕ Штип, ТППЕ Свети Николе и ТППЕ Пробиштип. Пожарот во релативно краток период бил изгаснат, а пожарникарите паралелно со гаснење на пожарот, евакуирале и давале прва помош и реанимација на повредените. Успеале и да ја отворат едната врата од локалот што била блокирана.
Жртви
Починати Од 17 април 2025 година, 63 лица на возраст меѓу 16 и 48 години загинале во пожарот, од кои шест од жртвите биле малолетници. Најголем број од жртвите биле од Кочани и Кочанско, но и од Штип, Пробиштип, Виница, Скопје, Струмица и Куманово. Ова бил најсмртоносниот пожар во ноќен клуб во Европа по пожарот во ноќниот клуб во Букурешт во 2015 година и најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија, и двата предизвикани од пиротехнички средства. Најголем број од луѓето биле пронајдени на самиот влез едни врз други. Според директорката на кочанската болница дел од пациентите што се починати, починале во турканицата што се случила при паниката за излез од клубот. Многу жртви биле тешко да се утврдат поради недостаток на лични карти.
Андреј Ѓоргиески, еден од водечките пејачи на ДНК, иако првично успеал да ја напушти градбата, со изгореници се вратил назад во обид да помогне и да спаси што е можно повеќе животи. За жал бил потврден мртов заедно со фотографот на групата, Александар Ефремов; придружната пејачка Сара Пројковска; тапанарот Ѓорѓи Ѓоргиев; и клавијатуристот Филип Стевановски, бит боксерот Мартин Атанасовски познат како "Буцо Битбокс". Двајца други члена на групата првично го преживеале пожарот, но им подлегнале на повредите подоцна тоа попладне. Владимир „Панчо“ Блажев, друг пејач на дуото ДНК, се здобил со изгореници на лицето и рацете и добил терапија со кислород.
Во пожарот загинал и полицаец, кој бил на должност и извршил увид на местото за дрога и малолетници. Фудбалерот на ФК Шкупи, Андреј Лазаров, претрпел тешко вдишување на чад додека се обидувал да ги спаси посетителите на клубот и набргу починал. Дамјан Танески, млад фудбалски голман од Штип, и Петар Ивановски, кошаркар на Баскет Дино деликатес, исто така биле дел од жртвите на пожарот.
Возачот на брзата помош во Кочани, Иле Гоцевски, кој превезувал жртви во болница во текот на целиот ден, починал во сон на 17 март, еден ден по пожарот, откако се вратил дома да се одмори. Еден од неговите колеги напишал објава на социјалните мрежи во која ги нерекол македонските возачи на брза помош преморени и недоволно платени и ги пофалил постапките на Гоцевски. Македонскиот министер за здравство Арбен Таравари одговорил на објавата, кој ветил дека ќе ги подобри условите за работа и платата на возачите на брзата помош, и рекол дека нивната работа често се занемарува.
Утрото на 4 април, во јавноста излегла вест дека трагедијата зела уште еден живот, со што бројката на загинати се искачила на 60 лица. Станувало збор за Александар Карадаковски, кој работел како шанкер во кобната дискотека и на хартија бил управител на МММ Кафе дооел, кој управувал со дискотеката. Александар бил испратен на лекување во Литванија каде што и го изгубил својот живот.
29-годишниот Александар Глигоровски од Пробиштип, кој 22 дена бил во критична состојба, ја загубил битката за живот на 7 април и станал 61-та жртва од несреќата. Тој исто така бил на лекување во Литванија како и Карадаковски, кој починал само 3 дена претходно.
На 17 април, Министерството за здравство објавило соопштение согласно со информации од Воено-медицинската академија во Белград дека претпладнето истиот ден, на повредите подлегнал и 24-годишниот Стојанче Стефанов од Кочани, станувајќи 62-та жртва на трагедијата.
По 7 месеци лекување во приватна болница, на 14 октомври, починал Владимир Блажев — Панчо, станувајќи 63-та жртва на трагедијата.
Повредени мини|300x300пкс|Број на хоспитализирани во пожарот во ноќниот клуб во Кочани Повредени биле дури 193 лица, од кои 20 малолетници. Првиот повик во итната медицинска помош бил точно во 2:48 часот наутро со назнака дека во дискотека, непосредно во индустрискиот дел на Кочани имало пожар. Според директорката на Општата болница во Кочани, сиот болнички кадар за помалку од 15 минути бил мобилизиран, а првите пациенти што биле примени биле со изгореници и со труење со јаглероден моноксид. Биле испратени болнички возила од сите здравствени домови од Источна Македонија (Штип, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Пехчево и Берово) како и од Скопје и Велес. Дел од пациентите со поголеми изгореници од прв степен веднаш биле препратени до Клиничката болница во Штип, а од таму најкритичните во скопските клиники. Голем број на повредени биле пренесувани и со приватни возила во болниците во регионот. Утрото на 16 март, во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје биле хоспитализирани 29 лица со тешни изгореници, 7 во клиниката „Жан Митрев“, 24 на Клиничкиот центар, 20 во „8 Септември“, од кои двајца биле во критична состојба. Во Клиничката болница во Штип се лекувале 20 пациенти, а 12 во болницата во Кочани.
Подрачната болница во Кочани била сериозно неопремена за напливот на жртви, со само две амбулантни возила и едно комбе со кревет. Радио Кочани јавило дека повредените останале да лежат на улица, бидејќи немало доволно возила за итна помош да ги превезе сите. Некои од жртвите биле пренесени во болница од цивилни случајни минувачи. Братот на една од жртвите сведочел за огромен број на трупови во болничките ходници и дека тој морал да ги прегази за да ја провери неговата повредена сестра. Поради сериозноста на повредите како резултат на изгореници и вдишување чад, дел од повредените биле префрлени во специјализирани одделенија во болниците и клиниките во Скопје и Штип. До 17 март, сите преостанати пациенти во општа болница Кочани биле префрлени на клиниките во Скопје. Со оглед на тоа што материјалот од што бил изграден таванот на ноќниот клуб содржел азбест, канцероген, министерот за здравство Таравари им наложил на повредените и на секој друг што бил на местото на пожарот да одат на лекар бидејќи можеби го вдишале азбестот. Според Мери Цветковска, професор по градежништво на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, теориите за изгорениот азбест не се точни, бидејќи азбестот се крши на топлина наместо да гори. Докторот Бојан Трајковски рекол дека секој што е внатре во ноќниот клуб треба да биде надгледуван за знаци на мезотелиом до крајот на животот.
Меѓународна медицинска помош Од вечерните часови на 16 март и во текот на наредните денови, повеќе од 100 најтешко повредените биле префрлени во здравствени установи во странство, како последица на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји.
Австрија: 6 пациенти биле хоспитализирани во болниците во Виена и Грац. Белгија: По 1 пациент бил хоспитализиран во Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа, со помош на воен авион од Романија. Бугарија: 9 пациенти биле хоспитализирани во Софија, а по 3 пациенти во Пловдив и во Варна. Грција: 5 пациенти биле хоспитализирани во општата и воената болница во Солун, а 7 други пациенти во Атина. Италија: 2 пациенти биле хоспитализирани во Милано, а по 1 пациент во Парма и во Пиза. Литванија: 3 пациенти биле пренесени на лекување во Вилнус и 1 пациент во Каунас, со помош на воен авион од Романија. Полска: 2 пациенти биле хоспитализирани во Ленчна блиску до Лублин. Србија: 26 пациенти биле хоспитализирани во болниците во Белград и 3 пациенти во Ниш. Словенија: По 2 пациенти биле хоспитализирани во Љубљана и Марибор. Турција: 6 пациенти биле хоспитализирани во Истанбул, а дополнителни 6 пациенти во Анкара. Унгарија: 6 пациенти биле пренесени на лекување во Будимпешта, со помош на авион од Луксембург. Хрватска: 5 пациенти биле хоспитализирани во болниците во Загреб. Шведска: 5 пациенти биле пренесени на лекување во повеќе градови во Шведска. Шпанија: 7 пациенти биле пренесени на лекување во Мадрид.
Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигнале медицински екипи од Србија, Чешка и Израел, кои се приклучиле на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.