„517“ е дистописки роман на Сања Михајловиќ-Костадиновска и претставува дебитантски прозен ракопис, кој доби награда на „Новите“ за 2015 , што ја доделува издавачката куќа „Темплум“. Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ беше во состав Будимка Поповска, Алекс Букарски и Иван Шопов. 517,Сања Михајловиќ-Костадиновска,Скопје: Темплум, 2015
Содржина Романот „517“ се раскажува за ерата на т.н. „сегашизам“ - епоха во која времето не постои, нема ниту иднина ниту минато, а сеќавањата се забранети, како и пишувањето. Една мала група млади луѓе, т.н. антисегашисти, се обидуваат да го победат сегашизмот на тој начин што ќе се обидат да го повикаат за помош херојот 517, за кого кружат легенди и гласини, а никој не е сигурен што всушност тој претставува. Младите бунтовници ќе ја откријат својата цел: да го вратат времето и да го реконструираат минатото, користејќи ги своите не баш најјасни сеќавања и скудните материјални траги од времето што изминало кога еден од антисегашистите ќе се сети на сцена од детството, голем застанат часовник кој покажува 5.17 часот (што претставува алузија на скопскиот часовник кај Старата железничка станица, застанат во времето на земјотресот). Тие се соочуваат со многу опасности, стравови и дилеми, па некои дури и се откажуваат и преминуваат на страната на сегашистите, исплашени од репресијата и казната што ги чека
Сатиричните сегашистички ритуали опишани низ бројните епизоди во дискотеките (каде музиката е строго контролирана), во студентските домови (во кои студентите папагалски учат да рецитираат песни), во театрите (каде драмското „прашање“ гласи: „да се биде, да се биде, тоа е прашањето“) на улиците кои секојдневно ги менуваат своите имиња, во салоните за убавина каде постои контрола на максимално дозволената должина на влакната и задолжителна депилација... ни го доловуваат извртениот свет кој отпрво се чини дека е сместен на некоја далечна планета и во далечно време. Но, откако ќе го „прочистиме“ од симболиката и хиперболизацијата, го препознаваме како огледален, реалистичен одраз на нашиот локален контекст.
Ангажираниот тон во романот „517“ е ублажен со внимателно дозиран хумор, како и со воведување споредни наративни линии, речиси паралелни приказни, како што се љубовната приказна и исповедните епизоди на нараторката, кои, сепак, не се целосно развиени. Краткоста на исказот, прецизните и сугестивни дијалози, како и на места минималистички напишаните поглавја, се стилските одлики кои во најголема мера придонесуваат читателот да се движи низ текстот без никакви пречки.
Технички податоици Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4658-1. Таа е испечатена во печатницата „Про Поинт“ во тираж од 300 примероци во едицијата Катапулт. , 517, Сања Михајловиќ-Костадиновска,Скопје: Темплум, 2015.
За делото Станува збор за краток дистописки роман во кој се забележува ехото на класиците на жанрот (Орвел, Замјатин, Бредбери итн.), но и моќниот индивидуален глас на авторката. Сања Михајловиќ Костадиновска покажува сосема солидни познавања на конвенциите на антиутопијата, но вешто ги разбива жанровските крутости воведувајќи елементи од повеќе суб-жанрови и користејќи ја способноста на романот да ги апсорбира истите.
Да се пишува дистопија во една култура во која речиси и не постои таква книжевна традиција претставува храбар исчекор: сериозен предизвик е да пронајдете нови и специфични одредници во еден жанр кој го добил своето место во меинстримот и веќе е кодифициран, а авторката успешно се справува со тој предизвик.
Сања Михајловиќ Костадиновска успева да ги долови болестите на модерното време кои се дел од едно капиталистичко или посткапиталистичко „цунами“, се фаќа во костец со тоталитаризмот, патријархатот и конзумеризмот, разните видови идеолошки фаст-фуд и поданичкиот менталитет на луѓето кои беспоговорно се покоруваат на разните авторитети. Освен што ги дијагностицира глобалните болки на денешното време, максимализирајќи ги на начин типичен за дистопијата, авторката се осврнува и на конкретните локални налудничавости, кои се еден вид заштитен знак на македонската современост. Важно е да се спомене дека сето тоа е изведено со внимателно направени алузии и сугерирање, а не со врескање и на памфлетски начин.https://okno.mk/node/52319
Наводи