„Мртвите знаат најдобро“ — роман од македонскиот писател и поет, Владо Јаневски. Романот е издаден е во 2020 година во Скопје, од издавачката куќа „Арс Ламина“, откако во истата година ја доби книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен македонски роман. Илустрацијата на корицата е дело на Јаневски.

Содржина Романот „Мртвите знаат најдобро“ се состои од 47 глави. Дејствието се одвива во помал град во Јапонија каде што живеат и работат таткото Шикамото и неговиот син, главниот јунак, Фуриозо. Уште од самиот почеток се навестува дека станува збор за свет во кој реалноста е магична, каде сонот и јавето се подеднакво важни. Фуриозо е прилично комплексен лик: поделена личност која се дружи со своите имагинарни пријатели Алберт Ајнштајн и Мерилин Монро и работи како платен убиец. За време на убиствата оперира најчесто облечен како жена. Фуриозо работи за неговиот татко, Шикамото. Двајцата поседуваат магацин со голем ладилник каде имаат бизнис за складирање, но тоа е само параван. Всушност, ладилникот им служи за криење на телата на убиените, таму ги пакуваат во црни пластични кеси и ги замрзнуваат. Еден ден, во близина на градот, Фуриозо налетува на убава млада автостоперка, Нозоми. Таа е симбол на наивна невиност; исполнета е со оптимизам и верба во луѓето што ги среќава, за што редовно пишува во својот дневник што секогаш го носи со себе. Девојката, не знаејќи што ја очекува, му се доверува на Фуриозо дека сака да оди во градот каде планира да отвори цвеќарница, во рацете има упадлив букет црвени рози. По пат, во напад на страст и лудило, Фуриозо ја задавува Нозоми; потоа ја става во багажникот од колата и ја носи во ладилникот со намера да ја замрзне. Останува запрепастен кога пристигнува во ладилникот и го отвора багажникот од колата – таму има само црн мачор. Наместо телото на Нозоми, освен црниот мачор, во багажникот го наоѓа нејзиниот букет црвени рози, заедно со дневникот, сè уште во ранецот на задавената девојка. Фуриозо забележува дека во дневникот на Нозоми страниците сами се испишуваат, како таа да продолжува да живее преку тие записи и дури пишува дека успеала да отвори цвеќара во градот. Тоа го избезумува Фуриозо. Од тој момент започнуваат да се испреплетуваат светот на живите и светот на мртвите. Фуриозо продолжува со платени убиства, но сега, во последните денови од животот на секој што треба да биде убиен, се појавува ликот на девојката Нозоми. Таа, на некој волшебен начин, им овозможува на жртвите на Фуриозо да поминат извесно време во нејзината мистериозна цвеќарница, придружувани од нејзиниот необичен мачор. Нозоми се појавува како некаква ангелска фигура во овој свет на трагедија и страдање, дава проблесок на светлина, внесува добрина, љубов, човечност и нотка на хумор во животите на жртвите пред тие да бидат убиени од Фуриозо. Приказната продолжува да се развива во таа насока и се усложнува до конечната разврска. Особено е интересен крајот на оваа несекојдневна приказна каде е доловен еден грандиозен и магичен премин во светот на мртвите.

Осврт кон делото И покрај тоа што почетокот на романот може да сугерира дека станува збор за психолошки трилер, со грозоморни убиства, „Мртвите знаат најдобро“ всушност е суптилна трагикомична драма на повеќе човечки судбини. Ваквата драмата се случува во свет потонат во магичен реализам и е со одмерена доза на црн хумор, вешто проткаен низ целиот роман. Во делото се испреплетуваат судбините на живите кои го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. „Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во „Мртвите знаат најдобро“, што му го поставува имагинарниот лик, инспекторот Ичиро, на неговиот сонувач – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И, воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и сонот/фантазијата, додека во меѓупросторот се одвива бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото, кои се занимаваат со нивниот мрачен бизнис на платени убиства. Главната тема во романот е смртта. Таа сè уште е мистерија за човекот – впрочем, како што е и животот. За смртта многу малку знаеме и додека се чита романот се наметнува прашањето: што се случува по смртта? Веројатно тоа прашање најдобро знаат да го одговорат мртвите, затоа и самиот роман се вика „Мртвите знаат најдобро“.

„Овој роман, што потсетува на делата на популарниот современ писател Харуки Мураками, е луциден, игрив и забавен, но истовремено проникнува и во многу морални и етички прашања, што му дава особена вредност. Сценаристичкиот пристап на авторот и доминантната дијалошка форма се пресудни дејството да се доживее поблиско и понепосредно, што предизвикува вистинско читателско уживање“ – се вели во образложението на жири комисијата за победничкиот роман „Мртвите знаат најдобро“ на конкурсот за наградата „Пегаз“, составена од: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, писателот Давор Стојановски и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).

„Сметам дека науката допрва треба да го даде одговорот на прашањето – што е смртта? Во романот таа е претставена како едно секојдневие. Главниот лик Фуриозо, платен убиец, на смртта не гледа како на ужасен крај на нечиј живот, туку како на уметност. Тој педантно ја завршува својата работа, без графички сцени со крв или измачување на жртвите; дури и ги фотографира своите жртви, наоѓајќи убавина и уметност во последниот израз на новото лице и се надева дека еден ден фотографиите ќе бидат изложени во некоја галерија“ – вели авторот, Владо Јаневски.

Технички одлики Романот „Мртвите знаат најдобро“, со обем од 187 страници и со димензии од 21 сантиметар, каталогизиран е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-267-143-7. Издаден е во 2020 година во Скопје, од издавачката куќа „Арс Ламина“, во едицијата „Пегаз“. Издавањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура. Илустрацијата на корицата е дело на Јаневски.

Наводи

Поврзано Владо Јаневски Награда „Пегаз“ Магичен реализам Алберт Ајнштајн Мерилин Монро Харуки Мураками Македонска книжевност

Надворешни врски Мртвите знаат најдобро Се расплакав кога дознав дека со „Мртвите знаат најдобро“ сум го освоил првото место Промовиран романот „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски – добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година Владо Јаневски: Креативноста не изостанува ниту во вакви услови Осврт на Читачот (Александар Маџаровски) за романот „Мртвите знаат најдобро“ Писателите ги измислуваат најголемите лаги (извадок од романот) Теорија на свеста Мртвите знаат најдобро (goodreads) „Пегаз“ Winners

Категорија:Македонски романи Категорија:Дела на Владо Јаневски Категорија:Македонска книжевност Категорија:Книги од 2020 година Категорија:Македонски дела од 2020 година Категорија:Појавено во 2020 година во Македонија Категорија:Изданија на Арс Ламина - публикации