Диџеј Ахмет — македонски драмски филм во режија на Георги Унковски, кој е негов прв долгометражен филм. Филмот го прикажува животот на 15-годишниот Ахмет, кој го игра глумецот Ариф Јакуп, во јуручко село во Македонија.
Филмот се снимал во октомври и ноември 2024 година (вкупно 36 дена) во радовишките јуручки села Коџалија и Али Коч, како и во Скопје. Филмот е на турски и македонски јазик.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија.
Својата премиера ја имал на Санденс на 23 јануари 2025 година, каде освоил две награди. Филмот ја доби наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.
На 11 декември 2024 година, Филмс бутик објавиле дека ги добиле меѓународните права за филмот. Во февруари 2025 година било објавено дека агенцијата Филмс бутик ги продала правата за дистрибуција на филмот во повеќе земји како што се Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.
Содржина
Во филмот е прикажан Ахмет, 15-годишно момче од јуручко село во Македонија, кој наоѓа засолниште во музиката истовремено справувајќи се со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница во која живее и првото љубовно искуство — девојка веќе ветена на друг.
Улоги
Ариф Јакуп — Ахмет Агуш Агушев — Наим Дора Акан Златанова — Аја Аксел Мехмет — Таткото на Ахмет Селпин Керим — Таткото на Аја Атила Клинче — Муезин Наџи Шабан — исцелителот Елхаме Билал — Мајката на Ајла Метин Ибрахим — Хакан Адем Караѓа — Таткото на Хакан Ердоан Максут — главниот Тамер Ибрахим — Купувач на сирење Хакан Даци — радио продавач Бранко Бенинов — човек во маркет Зиба Радончиќ — баба Јеткин Сезаир — техничар Миле Вратеовски — купувач Береда Решит — продавач
Снимање
Филмот добил поддршка од 160.000 евра од паневропскиот филмски фонд Еуримаж на 168. сесија во март 2023 година во конкуренција од 76 европски проекти. Од Македонија, како мнозински копродуцент, продукцијата е на „Синема футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“, а проектот ќе се работи во копродукција со „Алтер висион“ од Чешка и „Бекрум продакшн“ и „Баш челик“ од Србија. Претходно, филмот бил поддржан со 380.000 евра од Агенцијата за филм во вториот рок на одлучување на конкурсот за 2020 година.
Критички осврт
Филмот е драма со примеси на комедија за 15-годишното момче Ахмет. Филмот бил опишан како „елегантен и привлечен“ и „инспиративна приказна за созревањето...“ од страна на „Холивуд рипортер“ по светската премиера на филмот на Санденс.
Рецензијата насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата: „Замислете си го „Безгрижен“ да се случува токму сега во едно мало село во Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“.
Позитивна е и рецензијата во „Скринанархи“, каде стои: „Не го потценувајте „Диџеј Ахмет“, играното деби на сценаристот и режисер Георги Унковски. На површина како тинејџерска романса, филмот им дава ново светло на познатите формули на неочекувани начини. Унковски е паметен режисер, неговиот филм е и диво егзотичен и целосно приземен, врзан за специфична култура, но сепак се занимава со универзално препознатливи проблеми. Тоа е солидно деби“.
Позитвни реакции има и во „Скрин дејли“ и „Лауд енд клиар“.
Опширна македонска рецензија дала македонската филмска критичарка Марина Костова, која била објавена на порталот Сакам да кажам.
Премиера
Светската премиера на првиот долгометражен филм на Унковски била во рамките на најголемиот фестивал на независен филм во САД, „Санденс“. Филмот ја отворил главната меѓународна натпреварувачка категорија Светски филм и таму имал вкупно шест проекции. На проекцијата во Парк Сити, Јута, присуствувале режисерот Унковски, кинематографот Наум Доксевски и глумецот Ариф Јакуп. Регионалната премиера на филмот се случила на Сараевскиот филмски фестивал во август 2025 година, каде се борел за наградата Срцето на Сараево. Македонската премиера на филмот се случила на последната вечер од филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ на крајот на септември 2025 година.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Македонски филмови Категорија:Чешки филмови Категорија:Српски филмови Категорија:Хрватски филмови Категорија:Филмови од 2025 година Категорија:Филмови на македонски јазик Категорија:Филмови на турски јазик Категорија:Филмови на Георги Унковски Категорија:Македонски филмови од 2020-тите