За данокот за овци во турската архивска документација се среќаваат различни називи. Во некои случаи е регистриран како Resm-i ganem, во други како Resm-i agnam. Разликата е во тоа што ganem е еднина и значи овца, додека agnam е арапска множина со значење овци. Потоа се среќава со називот Adet-i agnam со исто значење и Resm-i agnam, т.е. данок за овци. Најпосле се среќава и со називот Resm-i koyun, пак со значење данок за овци.

Во Опширниот пописен дефтер No 4 (1467-1468) се забележува дека овој данок е регистриран само во селата што биле хасови на беглербегот (мирмиранот) и на падишахот. Во сите други села што биле прикрепени кон спахиите-тимариоти овој данок никаде не е заведен, што значи дека тој данок не им припаѓал на спахиите-тимариоти.

Се разбира дека населението од тимарските села не било ослободено од плаќањето на овој данок, зашто тој бил преку посебни повереници, испраќани од султанскиот двор, собиран од сета раја, а потоа предаван во царската благајна.

Што се однесува до висината на овој данок, таа е различна. Во објавените закони во некои случаи е регистрирано дека на три овци се земало по едно акче. Во други случаи дека на две овци се земало по едно акче и најпосле дека за секоја овца се земало по едно акче.  

Литература

Категорија:Економија на Отоманското Царство