Георги Милетиќ бил просветен деец во Македонија и Бугарија, татко на Љубомир Милетиќ.
Биографија
Рани години Георги Милетиќ, бил роден во 1837 година во селото Мошорин, Банат, во близина на градот Тител. Своето основно образование го завршил во Тител, а потоа продолжил во училиште на германски јазик во Сремска Митровица. Како мал, во бурната и револуционерна 1848 година ги слушал огнените говори на својот брат Светозар. Откако го завршил своето гимназиско образование, тој заминал за хабсбуршката престолнина – Виена. Таму младиот Георги учел сметководство и инженерство. Во престолнината на империјата, младиот Георги морал да работи на разни места со цел да се издржува. Така, работејќи на разни места, тој дошол во контакт со протераниот српски кнез Милан Обреновиќ и со неговиот син Михајло. Најверојатно понесен од младоста, тој се ангажирал во заговорничкото дејствување на Милан и Михајло. Имено, тој во 1858 година бил ангажиран во тајни мисии, организирани од Обреновиќите. Тие мисии биле во Босна и во Црна Гора, во насока на организирање на борбата со Османлиите. Најверојатно овие негови активности не биле случајни. Георги потекнувал од семејство кое дало голем придонес во развојот на српската кауза во Војводина. Неговиот брат Светозар Милетиќ станал еден од поистакнатите дејци на српското движење во Војводина. Тој извесно време бил дури и градоначалник на Нови Сад (1861–62; 1867–68). Меѓутоа, подоцна, за разлика од неговиот постар брат, Георги се вклучил во бугарското ослободително движење.
Неговиот бурен живот, продолжил на друг континент, барем за кратко. Георги во 1859 година се нашол во Египет. Причината за неговото одење во Африка била едноставна – тој морал да ја напушти хабсбуршката држава, бидејќи го избегнал служењето на воениот рок. Во Египет тој кратко бил ангажиран во работните активности околу изградбата на Суецкиот канал. Африканската земја најверојатно не била погодна за младиот Милетиќ. Од Египет, Георги заминал за османлиската престолнина, што се покажало како решавачко за понатамошниот тек на неговиот живот и на приватен и професионален, па и на политички план. Во Цариград тој се поврзал со членови на тамошната многубројна бугарска заедница. Таму се сретнал и со Велешко-ќустендилскиот владика, Авксентиј, кој го убедил Георги да замине за Велес и таму да стане учител.
Во Македонија Доаѓањето на Георги во Велес се поклопило со развојот на овој македонски град. Како што забележал Данчо Зографски, Велес кон средината на XIX век, благодарение и на Танзиматските реформи, почнал забрзано да се развива. Градот, според некои процени, на почетокот од шеесеттите години на XIX век имал околу 20 000 жители, иако оваа процена била претерана. Како и да е, во Велес забрзано се развивала и трговијата. Затоа воопшто не чуди и потребата на локалните трговци за развој на образованието. Така, во 1857 година во градот било основано и трговско училиште: „Фактот дека се отвори трговско училиште токму во Велес не беше случајна коинциденција, што најдобро го покажува бројот од 40 ученици што го посетуваа училиштето“. Георги Милетич останал неколку години во Велес, каде што се оженил со Евка (Евтимија) Поп Даова, која потекнувала од градот. Оваа девојка во Велес била позната по својата убавина и по носењето убава и модерна облека, која тогаш сè уште им била туѓа на огромниот дел од тамошните жители. Евка не била само убава и дотерана госпоѓа. Според оние кои се занимавале со проучување на биографијата на нејзиниот маж, забележале дека таа била образована и можела да биде учителка.
Во овој македонски град, Георги станал учител. Интересно е да спомене дека првично тој предавал на српски и за потребите на училиштето тој користел учебници на српски јазик. Тој наскоро морал да го научи мајчиниот јазик на учениците, со цел да го разберат. Токму овој момент од неговото минато, според бугарскиот историчар Симеон Дамјанов, бил искористен од некои за да биде обвинуван Георги дека бил таен агент на српската пропаганда во Македонија. Меѓутоа, тогашните учители, поради платите, често ги менувале градовите и селата каде што предавале. Таков бил случајот со Георги и со неговата сопруга. Тие во 1861 година се преселиле во Штип, каде што останале до 1864 година. Таму на 1 јануари 1863 година се родил нивниот син Љубомир. Во родното место на Љубомир, татко му покажал одлични резултати во работата со учениците, а тоа најдобро се гледало од завршните годишни испити, кои биле мошне успешни за неговите ученици. Георги не бил единствениот член на семејството кој работел како учител. Образованието на неговата сопруга ѝ овозможило да предава во женското училиште во штипско Ново Село. Двајцата млади сопружници од Штип се вратиле во Велес, но набргу Георги со своето семејство заминал за Видин, каде што работел како учител. Во овој бугарски град не можел да остане подолго време, бидејќи дошол во судир со видинскиот митрополит. Така, тој морал да го напушти градот на Дунав и заминал за османлиската престолнина, а оттаму за Кукуш, каде што повторно бил учител сè до 1868 година. Меѓутоа, и во овој град од османлиска Македонија таткото на Љубомир не останал подолг временски период. Тој заминал за Ваташа, каде што повторно бил учител. Тука, Георги влегол во отворен конфликт со патријаршиските црковни власти. Македонија во тоа време била зафатена со силно антипатријаршиско движење. Активностите на Георги биле забележани од страна на струмичкиот митрополит Јеротеј, познат по својата преданост кон грчката идеја. За несреќа на Георги Милетич, струмичкиот митрополит бил близок со солунскиот валија Акиф-паша. Османлискиот функционер службено ја посетил Струмица и се сретнал со Јеротеј. Патријаршискиот митрополит го искористил моментот со цел да го обвини Георги за некакви врски со бунтовничките чети. Тоа било доволно учителот од Ваташа да се најде во пранги. Малиот Љубомир, како што забележал Христо Поп Антов во своите спомени, доживеал да го види својот татко окован во пранги за да биде пратен на заточение во Анадолија. Професорот на Софискиот универзитет, Романски, пишувајќи за Љубомир Милетич, забележал дека апсењето на татко му предизвикало ужас кај малиот Љубомир. Тешката состојба за Георги и неговото семејство имала колку толку среќен крај. За него се заложиле влијателни велешани. Георги бил ослободен и заминал за Велес. Кога е во прашање струмичкиот митрополит Јеротеј, не е излишно да споменеме дека истиот патријаршиски великодостојник имал отворен судир и со Димитар Поп-Георгиев Беровски.
Георги, поради компромитираноста кај османлиските власти, повеќе не можел да работи како учител, но во моментите кога тој имал проблеми со властите, во османлиската држава започнала изградба на железницата. Во 1869 година белгискиот банкар баронот Хирш успеал да добие концесии за изградба и за користење железнички линии во османлиската држава. Овие линии требало да го поврзат Истанбул „преку Одрин, Јамбол, источниот Балкан, Шумен со линијата Русе–Варна, а од друга страна преку Пловдив, Софија, Скопје, Босна и Хрватска со Виена. Во истиот проект се имала предвид изградба на двата клона кон Бело Море, а имено од Одрин до Деде Агач и од Скопје по Вардар до Солун. Концесијата важела 99 години“. Токму изградбата на железничката линија Солун–Скопје, која започнала во 1871 година, му отворила можност на Георги за преживување. Така, тој не можел да биде учител, но изградбата на железничката линија Солун–Скопје овозможила тој да најде работа на неа, а со тоа и да обезбеди финансиски средства за себе и за своето семејство.
Во Бугарија Подоцна заминал за Софија, каде што, исто така, работел на железничката линија Софија–Ќустендил.
Преселувањето на семејството Милетич во Софија се случило во еден интересен момент, кој бил пресвртница во балканската историја. Во 1875 година прво во Херцеговина, а многу брзо и во Босна, започнало востание кое ќе предизвика голема криза, позната како Големата источна криза. По избувнувањето на Српско-турската војна (1876-1878), Милетиќ заминува во Романија. Ја исполнувал службата на секретар во четата на Панајот Хитов. По избувнувањето на Руско-турската војна (1877-1878) се запишал во руската војска, во која служи во Црвениот крст до крајот на војната. По ослободувањето на Бугарија се сместува во Софија, каде што го поминува остатокот од животот.
Наводи
Извори
Категорија:Родени во 1837 година