алт=Great white shark feeding|мини|Голема бела ајкула што се храни со мамка што личи на фока. Галеофобија ― медицински поим за страв од ајкули. Името галеофобија потекнува од грчкиот јазик, каде што зборот галеос значи ајкула, а фобија значи страв. Оваа фобија е дијагностицирана со користење на критериумите на DSM-5 и се одликува со тоа што пациентот покажува изразен страв или вознемиреност од ајкули, што доведува до сериозно нарушување на квалитетот на нивниот живот. Иако не е познато точно колку луѓе се дијагностицирани со галеофобија, една студија спроведена во 2015 година, покажала дека нешто повеќе од половина (51%) од жителите на Соединетите Држави, се апсолутно преплашени од ајкули.
Причини Стравот од ајкули, иако го предизвикуваат медиумите во последните децении, е присутен кај целото човештво. Галеофобијата е исконски инстинкт. Стравот од ајкули произлегува од обидот на луѓето да ги избегнуваат ајкулите, што било од суштинско значење за нашиот опстанок како вид во текот на стотици илјади години. Физичките аспекти на ајкулите, особено големата бела ајкула, се забележани како силни причини зошто луѓето се плашат од овие животни. Поединци со галеофобија обично ги гледаат ајкулите како закана за нивниот живот. Редовите остри заби и огромните вилици се опишани како „ѓаволски“, „грозоморни“ и „застрашувачки“ од страна на оние кои страдаат од фобијата. Друг аспект на стравот произлегува од територијалните „кршења“ од страна на ајкулите. Велено е дека ајкулите навлегуваат и упаѓаат во областите што ги посетуваат луѓето, вклучувајќи ги плажите и риболовните води.
И покрај статистички нискиот ризик од напади од ајкули, можноста за заемнодејствија меѓу луѓето и ајкулите придонесува за галеофобија. Во 2018 година, ПЕТА објавила студија која открила дека луѓето убиле приближно 100 милиони ајкули низ целиот свет во текот на 2018 година, додека ајкулите убиле вкупно само пет луѓе во истиот период. Иако фобијата можеби не е статистички разумна, луѓето се програмирани да се плашат од секое животно што претставува закана, предизвикувајќи реакција „бори се или бегај“.
Симптоми и третман Галеофобијата се одликува со преголем и постојан страв од ајкули. Оние кои ја доживуваат оваа состојба може да немаат способност разумно да ја согледаат опасноста што ајкулите им ја претставуваат, што ги наведува да учествуваат во однесувања за да ги избегнат овие животни. Оваа фобија обично резултира со симптоми, вклучувајќи забрзан срцев ритам, отежнато дишење, тресење, хипервентилација, гадење и вртоглавица. Може да се појават и чувства на интензивна вознемиреност и губење на контрола, несоница и кошмари. Помислата на ајкула, гледањето фотографија или видео од ајкула или гледањето ајкула во вистинскиот живот, може да ги предизвика овие симптоми. Симптомите на оваа фобија можат да станат екстремни, што доведува до страв и паника при гледање на водно тело. Овие симптоми мора да постојат најмалку шест месеци за да биде поставена клиничка дијагноза.
Постојат многу методи достапни за лекување на галеофобија, од кои неколку вклучуваат помош од професионалец за психичко здравје. Овие можности за третман вклучуваат терапија со изложување и одговор, терапија со спознавачко однесување, хипнотерапија и лекови во комбинација со други терапии. Од овие можности, препорачувани се терапија со изложување и одговор и терапија со спознавачко однесување. Терапијата со изложување и одговор полека ќе ги изложи пациентите на стимули од страв со цел да ги исклучат избегнувачките однесувања и стравот од ајкули. Терапијата со спознавачко однесување ќе се насочува на намалување на реакцијата на сопствената фобија преку менување на мислите кон ајкулите.
Средби човек-ајкула Популарните медиуми историски ги прикажуваат ајкулите како значителна закана за луѓето, но многу морски биолози и активисти за права на животните тврдат дека ајкулите се погрешно разбрани како видови.
Повремено нарекувани „живи фосили“, постојат фосилни докази за постоењето на ајкули кои датираат од пред 450 милиони години, за време на доцниот ордовициски период. Во текот на нивната еволуција, ајкулите поминале низ периоди на стекнување разновидност и сега има повеќе од 500 видови ајкули во океаните. Исхраната на ајкулите варира во зависност од големината и живеалиштето на одредениот вид. Најчестиот плен кај видовите ајкули се рибите, но познато е дека поголемите ајкули ловат и полуводни морски животни, како што се фоки и морски лавови. И покрај нивниот углед како вид што „јаде луѓе“, научната книжевност наведува дека луѓето не се вообичаен плен за ајкулите.
Истражувањата за однесувањето на ајкулите за време на заемнодествијата со луѓето, наведуваат дека повеќето напади од ајкули, дури и оние што се фатални, произлегуваат од љубопитноста или збунетоста на ајкулата. Ајкулите можат да каснат сурфери или пливачи во обид да идентификуваат туѓ предмет во нивната околина.
Луѓето претставуваат релативно поголем ризик за ајкулите отколку ајкулите за луѓето. Еден обид за ублажување на ризикот од напади од ајкули е убивањето ајкули: лов и убивање на ајкули спроведувано од властите. Негативниот углед на ајкулите може да придонесе за привлечноста на убивањето на ајкули. Морските зачувувачи тврдат дека убивањето на ајкули е погрешно информирана и неефикасна техника за ублажување. Во моментов, нема докази што наведуваат дека практиката на убивање на ајкули ги намалува стапките на напади од ајкули.
Галеофобијата во популарната култура Популарната култура, исто така, ја унапредува галеофобијата и влијае врз ставовите на луѓето преку претерување со опасностите што ги претставуваат ајкулите. Ајкулите се честа тема на медиумското известување, но ретко се известувани во позитивно светло. Статијата во „Conservation Biology“ од 2012 година, разгледала стотици примери за ајкули за кои било пишувано во големите американски или австралиски весници. Авторите откриле дека повеќе од половина од сите статии за ајкули во големите весници од 2000 до 2010 година, биле за каснување од ајкула; само 11% дури и споменале заштита на ајкулите.
Според психологот Габриела Ханкок, која работела со Лабораторијата за ајкули во Калифорнија Стејт Лонг Бич, рекла дека луѓето не се раѓаат со страв од ајкули. „Ние не се плашиме вродено од ајкули.“... Петмесечните бебиња не се плашеле од ајкули. Затоа се чини дека нашиот страв од нив е научен и општествено зајакнат.“ Покрај тоа, во поголемиот дел од историјата, ајкулите воглавно биле сметани за безопасни, а „просечниот капач знаел или малку се грижел за ајкулите“. Сепак, ова почнало да се менува почнувајќи од 1960-тите и 1970-тите.
Ајкула (Jaws) мини|296x296пкс|Вилици, првото издание од 1974 година, од Питер Бенчли. Филмови како „Ајкула“, кој бил објавен во 1975 година, ја популаризирале идејата за ајкулите како грабливци што јадат луѓе и го поттикнаа стравот од ајкулите. Филмот било успех во киноблагајните и станал културен феномен, правејќи три продолженија и помагајќи да се зацврсти сликата за ајкулата убијка во популарната култура. По објавувањето, „филмот“ створил невидена реакција на публиката од возбуда и ужас.
Научниците го нарекле неразумниот страв дека ајкулите намерно ги напаѓаат луѓето како „ефект на (филмот) Ајкула“. Прикажувањето на ајкулите во филмот како немилосрдни, грабливи суштества кои напаѓаат луѓе без провокација е една од главните причини зошто „Ајкула“ често е наведувана како клучен фактор во унапредувањето на галеофобијата. Според специјалистот за фобии, Кристофер Пол Џонс, лицата со кои се сретнал со галеофобија често ги наведуваат филмовите како „Ајкула“ како основа на нивниот страв, бидејќи повеќето луѓе не виделе ајкула во дивината.
Питер Бенчли, авторот на книгата од 1974 година, јавно се извинил за влијанието што неговата книга и филм го имале врз населението на ајкули - делумно поради зголемувањето на стравот од ајкули. Покрај тоа, Стивен Спилберг, режисерот на филмот „Ајкула“ од 1975 година, рекол дека „вистински се кае“ како крволочното прикажување на големите бели ајкули во неговиот филм „ Ајкула“ од 1975 година, придонело за нагло намалување на населението на овие животни.
Недела на ајкули мини|170x170пкс|Промотивна реклама за „Неделата на ајкулите“ што го истакнува неразумниот страв од ајкули. ТВ емисиите, исто така, придонеле за стравот од ајкули. Полувистинитите емисии како што е „Недела на ајкули“ (изворно Shark Week), која е емитувана на телевизискиот канал Discovery Channel, се популарни уште од своето основање во 1988 година и одиграле улога во унапредувањето на галеофобијата. Емисијата содржи сегменти за напади на ајкули, однесување на ајкули и напори за зачувување, честопати со сензационалистички наслови и слики. Хари Бејкер од блогот „Marine Madness“ рекол дека десетици сомнителни документарци и долготрајни ТВ кампањи, како „Недела на ајкули“, „дале приоритет на максималната забавна вредност и разгоруваат страв на сметка на вклучување научни податоци и истакнување важни прашања за зачувување“.
Медиумското известување за напади од ајкули, исто така, придонесува за галеофобија. Секогаш кога ќе се случи напад од ајкула, тој често е известуван од месните и националните медиуми, што доведува до зголемен страв и вознемиреност кај пливачите и посетителите на плажата. Иако нападите од ајкули се статистички ретки, медиумското известување за овие настани го засилува нивното влијание, правејќи ги да изгледаат почести отколку што се всушност и зголемувајќи го восприемниот ризик од ајкули и зголемувајќи ја вознемиреноста за ајкулите кај јавноста.
Поврзано
Страв од риби
Наводи
Категорија:Зоофобии Категорија:Фобии