Вардарски скобуст (Chondrostoma vardarense) — вид на зракоперкаста риба од семејството Leuciscidae. Се среќава во Македонија, Бугарија, Грција и Турција. Нејзино природно живеалиште се реките. Таа е загрозена од губење на живеалиштата.

Опис и распространетост Скобустот има долго валчесто тело, од страните благо сплескано, прекриено со густо насадени лушпи, кои се средно големи или мали. Горниот дел на телото е темен (зеленкастокафен), страните се посветли и скоро чисто сребренести, а стомакот е изразито сребренобел. Грбната и опашната перка се сивоцрнкасти, другите перки имаат црвенкава нијанса со сивкаст прелив. Скобустот се одликува со мала глава со нос, и устата, која е долна, во вид на рамна, попречна пукнатина. Долната усна е обложена со 'рскавица и е заострена. Внатрешната телесна опна, која ја обвиткува стомачната шуплина е со изразито црна боја. Голточните заби се едноредни, силно сплеснати по страните, со облик на нож. Долната вилица се спојува со черепот под средината на очите, кои се релативно големи. Грбната перка започнува нешто пред вертикалната на почетокот на стомачните перки и обично има девет разгранети зраци. Горниот раб на грбната перка е всечен. Аналната перка е малку косо всечена. Стомачните перки достигнуваат скоро до аналниот отвор. Кај машките единки, во раздобјето на мрестењето, се јавуваат брадавичести израстоци по главата и предниот дел на телото (епителијални брунки). Согласно новата систематизација подвидот C.nasus vardarensis е издигнат на ниво на вид C.vardarense, односно „вардарски скобуст“. Ја населува реката Вардар со притоките од Полошка Котлина до излезот од Република Македонија, како и водите од Егејскиот слив кои се наоѓаат во Турција, Бугарија, Грција и дел од сливот на реката Војуша во Грција и Албанија кој е дел на Јадранскиот Слив.

Основни биолошки одлики Скобустот ги населува обично средните текови на реките, а може да се сретне и близу изворскиот регион и во долните теченија на големите реки. Обично се задржува во брзаците каде што водата преминува во помирен тек, при чакалесто и песокливо дно. Иако е жител на проточни води, се среќава и во мирни води. Се наоѓа групиран во помали или поголеми јата. Скобустот полово созрева во втората или третата година од животот. Се мрести од март до јуни, во водите на Република Македонија претежно крајот на април и почетокот на мај. За мрестење бара помали, поплитки и брзи водотеци со чакалесто дно. Во времето на мрест специфично е тоа што се групира во полово подвоени јата. Јатата составени од машки единки во раздобјето на мрест се наоѓаат поблиску до устијата на притоките и навлегуваат во нив, додека јатата составени од женски единки се наоѓаат во средишните делови на реката и тука го дочекуваат мигот кога се подготвени за мрест. Тогаш тргнуваат по машките единки кон притоките каде се одвива чинот на мрест. Плодноста на женските единки изнесува до 100 000 зрна икра, кои се со пречник околу 1,5 мм, па и до 2 мм и се лепливи. Ларвите, по ресорпцијата на жолтната кесичка, извесно време се хранат со зоопланктонски организми, но брзо преминуваат на растителна храна, главно перифитонски дијатомејски алги, но и со детритус, а зема и безрбетници (хирономидни ларви, малучетинести црви и гастроподи). Скобустот достигнува максимална должина до 50 см и маса околу 3 кг, но обично расте помалку од 30-40 см.

Значење За сливот на реката Вардар скобустот нема стопанско значење, но има значење од аспект на рекреативен и спорстки риболов. Месото на скобустот е без изразит вкус и често има мирис на трева или тиња, особено во лето. Во месото има многу ситни коски. Скобустот е една е од најатрактивните риби за рекреативен риболов.

Наводи

Категорија:Таксони именувани од Станко Караман Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Риби опишани во 1928 година Категорија:Слатководни риби