Resident Evil 7: Biohazard (македонски: Притаено зло 7: Биоопасност) — игра на ужасите за преживување, дел од главната серија Resident Evil. Развиена и издадена е од компанијата Capcom во 2017 г. за PlayStation 4, Xbox One и Microsoft Windows. Верзијата за PlayStation 4, исто така, поддржува режим на виртуелна реалност преку шлемот PlayStation VR. Во јуни 2022 г. биле издадени верзии и за PlayStation 5 и Xbox Series X/S. Објавена е во чест на 20-годишнината од серијата игри Resident Evil. На 2 јули 2024 г. биле издадени верзии за iPhone, iPad и Mac. За разлика од неколку претходни игри од серијата, кои сè повеќе претставувале акциони игри од голем обем, Resident Evil 7 била опишана од развивачите и рецензентите како враќање кон корените на серијата; намерно се воспроизведуваат темите и мотивите од првата игра во серијата и од филмови на ужасите како што се Тексашки масакр со моторна пила, Вештерката од Блер или Зли мртовци.

Главниот лик, Итан Винтерс, додека ја бара својата исчезната сопруга, Мија, влегува во напуштен имот во селскиот дел на Америка и паѓа во рацете на семејство канибали. Управувајќи со Итан, играчот мора да го истражи имотот, решавајќи разни загатки, пребарувајќи тајни места и повремено борејќи се со непријателите. Голем нагласок е ставен на атмосферата на страв и клаустрофобија, што е олеснето од некои ограничувања во играта, како што се малиот инвентар и неранливоста на некои противници.

Resident Evil 7 била во целост потврдно прифатена од играчите и критичарите. Како силни страни на играта се истакнуваат играчкиот процес, графиката, дизајнот, приказната и целокупната атмосфера. Можноста за играње во PlayStation VR била прифатена различно: од една страна, тоа силно придонесува за внесување во играта, но исто така има и низа технички проблеми. Одречни одзиви добиле борбите со босовите и последните часови од играта.

Играчки процес Управувајќи со Итан Винтерс, играчот го истражува имотот, решава разни загатки, пребарува тајни места и повремено се бори со наидените чудовишта и босови. За разлика од претходните делови на основната серија, Resident Evil 7 е игра од прво лице.

Спротивно на претходните делови, кои претставувале акциони филмови со многу акција и пукање, оваа игра од развивачите се смета за чист ужас за преживување во поинтимни и клаустрофобични услови. За разлика од претходните игри, главниот лик во Resident Evil 7 е обичен човек, а не суперхеројски платеник сличен на Џејмс Бонд.

И покрај поинтимниот стил, во играта сѐ уште има место за акција, но во стилот на класичните игри од серијата — ликот има мал број оружја со исклучително мал број стреливо, поради што играчот мора да избере — да се бори со чудовиштата до самиот крај или да бега и да се крие од нив. Во новиот дел има многу екстремно насилни сцени. Во играта се појавуваат класични елементи од серијата Resident Evil, како што се потребата од решавање загатки со различна тежина, распоредување на оскудните ресурси и користење лековити билки. Елементот на игра од претходните делови, QTE (Quick Time Events), не е присутен во Resident Evil 7. Играчкиот процес во режим на виртуелна реалност преку шлемот PlayStation VR е идентичен со играчкиот процес без шлем; играта може целосно да се заврши во овој режим.

Инвентарот во играта е прикажан на десната страна и работи слично како во претходните делови од серијата, со многу ограничен простор за предмети. Од самиот почеток на играта, Итан има 12 слободни места во инвентарот, а Мија има 16. Како и во претходните делови, обемот на инвентарот на ликот е ограничен, поради што дел од добиените предмети мораат да се чуваат во посебни кутии сместени во безбедни соби; бројот на слободни места во инвентарот може да се зголеми со пронајдени ранци. Како и во петтиот дел, и во седмиот дел користењето на инвентарот за време на играта е пореалистично, бидејќи неговото отворање не го запира играчкиот процес. Играчот треба да се обиде побрзо да ги избере предметите, бидејќи со отворен инвентар останува беспомошен пред непријателите.

Приказна Дејството на играта се случува четири години по настаните од шестиот дел.

Итан Винтерс добива порака од неговата сопруга, Мија, која исчезнала пред три години. Потрагата го води до напуштена куќа, некаде во градот Далви, Луизијана. Истражувајќи ја куќата, Итан дознава дека таа некогаш му припаѓала на семејството Бејкер, кое исто така исчезнало под таинствени околности. По некое време, тој ја наоѓа Мија заклучена во подрумот. Обидот да избега од куќата се претвора во борба за живот за јунакот, бидејќи неговата жена е обземена од некаква сила што ја претвора девојката во чудовиште. Во меѓувреме, Итан добива повик од извесна Зои, која му наредува што побрзо да ја напушти злокобната куќа. Плановите на јунакот ги уништува појавата на Џек Бејкер, кој насилно го зема него и Мија во главната куќа. Таму, Итан ги гледа останатите членови на семејството: жената на Џек, Маргарет, нивниот син Лукас и една постара жена. Околностите му дозволуваат на јунакот да се ослободи од оковите, но на неговиот пат и понатаму стои Џек, кој го прогонува насекаде и е неранлив на напади: колку и да се обидува Итан да го убие, таткото на семејството постојано се враќа во живот, дури и откако ќе се застрела. Со неверојатен напор, Итан успева да го совлада Џек и да излезе од главната куќа.

Зои повторно стапува во контакт со Итан. Излегува дека таа е ќерка на Џек и Маргарет. Семејството било заразено со одредена „зараза“, која може да се победи со помош на серум. Потрагата по состојките паѓа на плеќите на Итан. За таа цел, тој треба да ја истражи старата куќа, каде што се наоѓа Маргарет. Откако ќе ја совлада, Итан ги наоѓа потребните компоненти, но ненадејно почнуваат да го посетуваат виденија за некое девојче. Јунакот ѝ се јавува на Зои, но на другиот крај му одговара Лукас, кој ги одвлекол Зои и Мија. Тој го навлекува Итан во дел од куќата однапред опремен со стапици, организирајќи му разни испитувања. Меѓутоа, јунакот успева да избега и да го натера Лукас да побегне. Тој ги наоѓа девојките во колибата покрај реката, каде што Зои подготвува две дози серум. Одеднаш, силно мутираниот Џек ги напаѓа, што го принудува Итан да го искористи еден од шприцевите за да го совлада постариот Бејкер, вбризгувајќи му серум. По ова, тој се соочува со избор: кому да му го даде последниот шприц. Во зависност од изборот на играчот, се менуваат и последователните настани и завршницата на играта.

Ако играчот ја избере Зои, Мија останува кај колибата, скршена од тага. Зои му кажува на Итан дека заразата се случила откако Џек во куќата донел мало девојче, Евелина, кое го нашол во близина на разбиен брод. Одеднаш, Зои ја слуша Евелина во главата и се претвора во камен, а огромно непознато суштество го исфрла Итан од чамецот. Ако играчот ја избере Мија, Зои останува кај колибата. Итан и Мија допливуваат до разбиениот брод, каде што се нападнати од суштество што го одвлекува Итан. Без оглед на изборот, играчот потоа го презема управувањето врз Мија. Додека го бара својот сопруг, девојката го гледа истото мало девојче, кое ја нарекува мајка. Подоцна, Мија открива снимка од која ги дознава причините за целиот кошмар и го враќа своето помнење. Се испоставува дека Евелина е живо биолошко оружје. Мија била вработена во непозната корпорација што требало да ја пренесе Евелина за понатамошни експерименти. За таа цел, таа и нејзиниот партнер, Алан, морале да глумат семејство за да ја задржат девојката. Но ситуацијата излегува од контрола, Евелина ги убива сите на бродот и ја заразува Мија со мувла. Девојката го наоѓа Итан и го ослободува. Ако играчот ја избрал Мија, таа му дава на Итан генетски материјал од Евелина и го турка надвор од собата за да не му наштети. Ако, пак, играчот ја избрал Зои, Евелина целосно го презема управувањето врз Мија, принудувајќи го Итан да ја убие.

Откако ќе излезе од бродот, Итан се пробива во напуштените рудници, каде што се наоѓа стара лабораторија. Во неа тој наоѓа информации за Евелина, која има способност да ги управува бактериите, што ѝ овозможува да управува со заразените. Обземена од желбата да има семејство, девојчето ги заразило Мија и Бејкерови. Јунакот дознава и дека Лукас цело време соработувал со одредена организација што му дала серум што му овозможува да го избегне управувањето на Евелина. Со помош на лабораториската опрема, Итан синтетизира токсин способен да го убие девојчето. Тунелите го водат назад во куќата, каде што јунакот е подложен на моќен психички напад од девојчето, но сепак успева да ѝ го вбризга токсинот. Кога халуцинациите исчезнуваат, Итан ја гледа пред себе постарата жена, која и била Евелина, бидејќи нејзиниот организам старее 25 пати побрзо од вообичаеното. Евелина мутира во огромно суштество и се обидува да го убие Итан. Група војници, предводена од Крис Редфилд, пристигнува на местото и му помага на јунакот да се справи со чудовиштето, по што Итан е евакуиран со вртолет.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за PlayStation 5 Категорија:Игри за Nintendo Switch Категорија:Игри од Resident Evil Категорија:Игри за iOS Категорија:Игри за Xbox Series X/S Категорија:Игри за Xbox One Категорија:Игри за Mac OS X Категорија:Ужаси за преживување __СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__ Категорија:Игри за Nintendo Switch 2 Категорија:Продолженија на видеоигри Категорија:Игри за PlayStation 4