Ленапе митологијата — митологија на народот Ленапе, староседелски народ од североисточните шумски предели.
Мит за создавање Ленапе веруваат дека пред создавањето немало ништо, само празен темен простор. Меѓутоа, во таа празнина постоел духот на нивниот створител, Кишеламоканк (Kishelamàkânk). На крајот, во таа празнина, тој заспал. Додека спиел, го сонил светот каков што го знаеме денес – земјата со планини, шуми и животни. Тој го сонил и човекот, и ги видел церемониите што човекот ќе ги изведува. Потоа се разбудил од својот сон во истото ништо во кое живеел претходно. Тогаш Кишеламоканк почнал да ја создава земјата токму онака како што ја сонил.
Најпрво, тој ги создал духовите-помагачи: Дедовците на Северот, Истокот и Западот, и Бабата на Југот. Заедно, тие ја создале земјата токму онака како што Кишеламоканк ја сонил. Еден од нивните последни чинови бил создавањето на едно посебно дрво. Од корените на ова дрво излегол првиот маж, а кога дрвото се наведнало и ја бакнало земјата, од него никнала жената.
Сите животни и луѓе си ги извршувале своите задачи на земјата, сè додека на крајот не се појавил проблем. Постоел заб од една џиновска мечка кој на сопственикот можела да му даде магични моќи, па луѓето почнале да се борат за него. На крајот, војните станале толку лоши што луѓето се отселиле и создале нови племиња и нови јазици.
Кишеламоканк ги видел овие борби и одлучил да го испрати духот Нанапуш (Nanapush) за повторно да ги обедини сите. Тој отишол на врвот на една планина и го запалил првиот Свет Оган, кој испуштал чад што ги натерал сите луѓе на светот да дојдат и да истражат за што се работи. Кога сите пристигнале, Нанапуш направил луле од гранка на руј и глава од сапуница (стеатит), а создателот му дал тутун за пушење. Тогаш Нанапуш им рекол на луѓето дека секогаш кога ќе се караат меѓу себе, треба да седнат и да пушат тутун од лулето, и така ќе носат одлуки што ќе бидат добри за сите.
Истиот тој мечкин заб подоцна предизвикал борба меѓу два зли духа: една џиновска жаба и една зла змија. Жабата била задолжена за сите води, и во екот на борбата, таа ги изела и забот и змијата. Тогаш змијата ја каснала жабата од внатрешната страна, ослободувајќи огромен потоп врз земјата. Нанапуш го видел ова уништување и почнал да се качува на една планина за да го избегне потопот, истовремено фаќајќи ги животните што ги гледал и ставајќи ги во својот појас. На врвот на планината имало кедрово дрво на кое почнал да се качува, а додека се качувал, откинувал гранки од дрвото. Кога стигнал до самиот врв, го извадил својот лак, почнал да свири на него и запеал песна која ги запрела водите. Тогаш Нанапуш запрашал врз кое животно во водата би можел да ги стави гранките и останатите животни. Желката се пријавила доброволно, велејќи дека таа ќе плови и сите ќе можат да останат врз неа. Токму затоа, оваа копнена маса ја нарекуваат Островот на Желката (Turtle Island).
Тогаш Нанапуш одлучил дека желката треба да биде поголема за сите да можат да живеат на неа, па ги прашал животните дали некој од нив би нурнал во водата за да дофати малку од старата земја. Дабарот се обидел прв, но испливал мртов, па Нанапуш морал да го оживее. Нуркачот се обидел втор, но неговиот обид завршил со истата судбина. На крајот, се обидел ондатрата (бизамскиот стаорец). Тој останал долу најдолго и исто така испливал мртов, но на неговиот нос имало малку земја која Нанапуш ја ставил на грбот на желката. Поради неговиот успех, Нанапуш му рекол на ондатрата дека е благословен и дека неговиот вид секогаш ќе напредува на копното.
Тогаш Нанапуш повторно го извадил својот лак и запеал, а желката почнала да расте. Таа постојано се зголемувала, па Нанапуш ги испраќал животните да се обидат да стигнат до работ за да види колку пораснала. Прво ja испратил мечката, која се вратила по два дена велејќи дека стигнала до крајот. Потоа го испратил еленот, кој се вратил по две недели велејќи дека стигнал до крајот. Конечно, го испратил волкот, но волкот никогаш не се вратил бидејќи копното станало преголемо.
Ленапеите тврдeле дека волкот затоа завива, дека тоа е всушност повик за нивниот предок да се врати дома.
Терминологија Кишелемуконг (Kishelemukong) е богот-создател, но тој не бил вклучен во секојдневните работи на народот Ленапе. Наместо тоа, тој управувал со манитовак (manitowak) – животните духови на сите живи суштества, кои биле создадени од него. На духовите манитовак им се оддавало почит преку церемонии, ритуали, соништа, визии, игри и охтас (ohtas), како и преку посредништвото на Метинувак (Metinuwak). Тие биле исцелители, духовни и емоционални водичи и религиозни водачи, кои можеле да комуницираат со духовите манитовак.
Охта (ohta) е дрвена кукла која се резба секоја година и за која се велело дека поседува извонредни моќи за лекување и среќа.
Нианке (nianque) е животно-водич, како на пример кај потрагата по визија.
Наводи
Литература
Weiner, Zack; Robert Red Hawk. "Creation Story" Категорија:Многубоштво Категорија:Митологија Категорија:Митологија на Америка