Дух во оклопот (; ) — светски позната манга во жанрот киберпанк, создадена од мангаката Масамуне Широ во периодот од 1989 до 1990 г.
Мангата е екранизирана од режисерот Мамору Оши во формат на долгометражни аниме-филмови: Дух во оклопот (1995) и Ghost in the Shell 2: Innocence (2004). Исто така, компанијата Production I.G ја издала телевизиската аниме-серија Ghost in the Shell: Stand Alone Complex. Првата сезона излегла во 2002 г., а втората под наслов Ghost in the Shell: Stand Alone Complex 2nd GIG во 2004 г., во режија на Кенџи Камијама и со музика на композиторката Јоко Кано.
Во 2002 г. излегло продолжение на мангата — Ghost in the Shell 2: Man/Machine Interface.
Во самата Јапонија, екранизацијата на мангата не стекнала огромна популарност, но во САД екранизациите станале култни и објект на подражавање за многу анимирани и играни филмови (како на пример, Матрица).
Во 2020 г., корпорацијата Netflix го најавила излегувањето на новата аниме-серија заснована на мангата Дух во оклопот.
Манга
Содржина Далеку во XXI век, границата помеѓу човекот и машината незапирливо се брише откако луѓето почнале да се потпираат на моќта на механичките импланти, а роботите почнале да добиваат подобрувања во вид органски ткива. Во овој динамичен свет, суперагентката киборг, мајор Мотоко Кусанаги, раководи со борбата против најподмолните и најопасните терористи и киберзлосторници. Меѓу нив се и „хакерите на духот“, способни да го користат човечко-машинскиот интерфејс за да го репрограмираат човечкиот ум, претворајќи ги луѓето во марионети за остварување на своите злосторнички цели. Кога мајор Кусанаги ќе тргне по кибертрагата на еден таков генијален хакер, познат како Кукларот, потрагата ја носи во свет надвор од информациите и технологијата, каде што самата природа на свеста и човечката душа е целосно превртена и преиспитана.
Создавање Постојат две официјални имиња на ова дело. Првото е Kōkaku Kidōtai (буквално: „Мобилна оклопна единица за борба против немири“), а второто е англиското — Ghost in the Shell (или на македонски одомаќинето: „Дух во оклопот“). Масамуне Широ првично сакал да го користи насловот Ghost in the Shell како упатување на книгата на Артур Кестлер, Духот во машината (The Ghost in the Machine), од која црпел вдахновение. Јури Коичи, првиот координатор во списанието Young Magazine, побарал да се смисли „повпечатливо“ име, по што Широ го создал името Kōkaku Kidōtai. Широ побарал на корицата сепак да биде вклучен насловот Ghost in the Shell, макар и со помал фонт. Се смета дека Kōkaku Kidōtai е главниот наслов, додека Ghost in the Shell е темата на делото.
За време на развојот на продолжението Ghost in the Shell 2: Man-Machine Interface, Широ сакал да го смени последниот канџи-знак што означува „воена единица“ (隊, tai) со истозвучен знак што означува „тело“ (体, tai), така што насловот буквално би се преведел како „Мобилно тело суштество“, но на крајот се откажал од таа идеја.
Објавување Мангата Дух во оклопот излегувала во месечното списание Young Magazine Kaizokuban на издавачката куќа Kodansha од април 1989 г. до ноември 1990 г., а во формат на танкобон (посебен том) за првпат е објавена на 2 октомври 1991 г.
Масамуне Широ го напишал продолжението Ghost in the Shell 2: Man-Machine Interface, кое излегувало во списанието Weekly Young Magazine во 1997 г. Танкобон-изданието излегло на 26 јуни 2001 г. и содржело дополнителни измени, вклучувајќи 24 страници во боја и над 20 обемни корекции на веќе постоечките страници.
Четирите поглавја од продолжението што излегувале во периодот 1991–1996 г., а кои претходно не биле издадени како танкобон, подоцна се собрани во посебен том под наслов Ghost in the Shell 1.5: Human-Error Processor. Оваа манга била објавена на 17 јули 2003 г.
Наводи
Надворешни врски
Матична страница
Категорија:Манги Категорија:Аниме-серии Категорија:Манга од 1997 година Категорија:Манга од 1991 година Категорија:Манга од 2019 година Категорија:Манга од 1989 година