Блатен даб – с. Кривогаштани — природна реткост единично стебло од блатен даб (Quercus robur syn. Quercus pedunculiflora) кое се наоѓа во селото Кривогаштани, Општина Кривогаштани.

Занимливо за овој даб е што заради развиената крошна со многу гранки тој претставува живеалиште и престојувалиште на многу птици. На повисоките гранки регистрирано е присуство на 10 двојки сива чапја (Ardea cinerea).

Местоположба Дрвото се наоѓа во средиштето на селото Кривогаштани, во заградени селски гробишта и во непосредна близина на селската црква „Св. Димитриј“.

Опис Крошната на дрвото започнува со три многу дебели гранки со пречник до 80 см, истите во повисоките делови од крошната се разгрануваат на поголем број дебели гранки во сите правци (како рогови од елен). Во крошната се забележуваат суви гранки кои делумно се искршени. По деблото и долниот дел од подебелите гранки има појава на водопии (леторасти) во облик на густи метли со должина на гранчињата од 1-3 м. Целата крошна изобилува со поголем број на суви гранки. Самото дрво е високо 25,0 м, деблото е високо 6 м, а висината на крошната е 19 м. Крошната е широко полутопчесто заоблена. Обемот на крошната е 97,34 м, а ширината мерена кон: Север 13,5 м Север-југ 33,7 м Исток 14 м Исток-запад 28,2 м Југ 18 м Запад 12 м

Проценка на староста Официјални податоци за староста на овој даб не постојат.

За утврдување на староста (возраста) на дабот, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на блатен даб (Quercus robur syn. Quercus pedunculiflora) во с. Кривогаштани, општина Кривогаштани“, во 2021 година, се користела методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите. Земен е 1 изврток со должина од 6 см со 24 годови, па староста е проценета на приближно 632 години (во 2021).

Поврзано Црква „Св. Димитриј“ - Кривогаштани Список на природни реткости во Македонија

Наводи

Категорија:Поединечни дрва во Македонија Категорија:Дабови Категорија:Кривогаштани Категорија:Природни реткости во Македонија Категорија:Флора на Македонија