Фернандо Мориентес Санчес (роден на 5 април 1976, во Сиљерос) — шпански фудбалски тренер и поранешен фудбалер, напаѓач.
Биографија Роден е во Сиљерос, Касерес, Екстремадура. Тој се преселил во Сонсека во провинцијата Толедо на четиригодишна возраст.
Неговиот прекар бил „Ел Моро“.
Тој се појавува на насловната страница на видео играта „FIFA Football 2005“ облечен во дресот на неговиот национален тим, заедно со Патрик Виера и Андриј Шевченко.
Технички карактеристики Тој бил напаѓач кој имал одлична визија за играта, но исто така бил вешт и во играта во воздухот како и во ослободувањето. Повеќе се потпирал на техниката отколку на силата.
Клупска кариера Албасете и Реал Сарагоса Откако со семејството се преселил во Толедо, Мориентес ја започнал својата фудбалска кариера на 16-годишна возраст во екипата на Албасете. Своето деби со клубот во Примера Дивисион го имал на 7 ноември 1993 година, влегувајќи како замена во 75-тата минута од натпреварот на домашен терен против Тенерифе загубен со резултат 2-3.
Откако во првата сезона одиграл само 4 натпревари во следната добил можност да игра поредовно. На 23 октомври 1994 година, набргу откако влегол во игра како замена во првото полувреме за Алберто Монтеагудо, Мориентес го постигнал својот прв гол, отворајќи го резултатот во домашната победа од 2–0 над Расинг Сантандер. Тој го имал својот прв старт една недела подоцна во поразот од 5–1 од Еспањол. Својата втора сезона ја завршил со вкупно пет гола во 20 првенствени натпревари; дополнително, тој постигнал голови и во двата натпревари од успехот со вкупен резултат 3–2 во двомечот против бранителот на титулата Реал Сарагоса во осминафиналето на Купот на Шпанија.
Мориентес потпишал со Сарагоса во 1995 година, каде што поминал уште две сезони, честопати како партнер во нападот на Дани, производ на младинскиот тим на Реал Мадрид. Тој го имал своето деби на 9 септември на гостински терен против Реал Бетис, постигнувајќи гол по 48 минути, но бил исклучен седум минути подоцна поради удирање на противничкиот играч Хаиме. На 10 јануари следната година, тој го постигнал својот прв хет-трик во победата од 3–2 над Атлетик Билбао во купот; истиот подвиг тој го повторил и во лигата на 3 февруари во победата од 4–1 над Валенсија на Ла Ромареда. Во дресот на Сарагоса, Мориентес поминал две сезони постигнувајќи двоцифрен број на голови во првенството и во двете (13 во првата и 15 во втората).
Реал Мадрид Настапите на Мориентес за Сарагоса го привлекле вниманието на шпанскиот гигант Реал Мадрид, кој го купил играчот во летото 1997 година за околу 6,6 милиони евра. Првично, како замена за веќе етаблираните Предраг Мијатовиќ и Давор Шукер, тој завршил како стартер и постигнал 12 гола во 33 натпревари во својата прва сезона, најмногу во тимот (два повеќе од веќе споменатите двајца напаѓачи како и од чудото од младинскиот систем Раул); тимот завршил четврти во лигата, но ја освоил Лигата на шампионите во сезоната 1997–1998.
Мориентес имал многу добра сезона 1998–1999, постигнувајќи 19 голови во лигата и постигнувајќи вкупно 25 на 38 натпревари. Тој продолжил да прикажува врвен фудбал во сезоната 1999–2000, постигнувајќи 19 гола и завршувајќи како најдобар стрелец на Реал во годината во која исто така помогнал тимот од главниот град да ја освои втората титула во Лигата на шампионите во три години, постигнувајќи гол во победата од 3–0 над Валенсија во целосно шпанското финале. Во следната сезона, тој ја освоил првата од двете титули во првенството со клубот и постигнал вкупно десет гола, вклучувајќи четири во осум настапи во Лигата на шампионите каде испаднале во полуфиналето од подоцнежниот шампион Бајерн Минхен.
Во сезоната 2001–2002, Реал не успеал да ја одбрани титулата во првенството откако загубиле од Валенсија. Мориентес ја продолжи својата голгетерска форма, постигнувајќи 18 првенствени гола во само 25 настапи како стартер, со шест настапи како замена. Тој, исто така, постигнал пет гола во победата од 7–0 над , пропуштајќи двоен хет-трик откако промашил пенал кон крајот на натпреварот. Тој завршил втор на листата на стрелците, изедначен со Патрик Клајверт и единствено зад Диего Тристан од Депортиво Ла Коруња. „Кралевите“ биле успешни во Лигата на шампионите, откако го победиле Бајер Леверкузен – тој играл во финалето и го освои својот трет личен победнички медал во натпреварувањето.
Во летото 2002 година, Реал Мадрид ја потпишале бразилската суперѕвезда Роналдо од Интер. Ова ги поттикнало гласините дека Мориентес наскоро ќе замине, а наводно заинтересирани за неговите услуги биле Барселона и Тотенхем - првите наводно биле на работ да го потпишат играчот за околу 22 милиони евра, но трансферот пропаднал поради неподготвеноста на Барса да ги исполни неговите барања за плата. На крајот, тој одлучил да остане, но како што се предвидувало, не играл толку многу по доаѓањето на Роналдо, кој бил претпочитан во почетната постава заедно со Раул. На крајот, тој паднал во хиерархијата на напаѓачите дури и зад Гути и Хавиер Портиљо и, за време на победата на домашен терен против Борусија Дортмунд во февруари 2003 година – 2–1 во Лигата на шампионите – бил вмешан во многу публицитетизирана расправија со тренерот Висенте дел Боске, при што играчот наводно го навредил тренерот откако бил повикан да влезе на теренот како трета замена во последните минути; во зимскиот трансферен прозорец, и покрај континуираните гласини за трансфер во Тотенхем, Сарагоса, Рома и Милан, тој останал во клубот до крајот на сезоната, а тимот ја освоил титулата во првенството, при што играчот имал вкупно 19 настапи (од кои три биле како стартер) и постигнал пет гола.
Позајмицата во Монако и враќање во Реал Мадрид На почетокот на сезоната 2003–2004, било очигледно дека Мориентес не бил повеќе дел од плановите на Реал. По долги, но на крајот неуспешни преговори во врска со договор за позајмица во германскиот клуб Шалке 04, тој на крајот бил позајмен на Монако во Лига 1, каде што одиграл многу добро, постигнувајќи 10 гола во 28 настапи во првенството, кое монегаските го завршиле на третото место. Сепак, во Лигата на шампионите, тој оставил уште посилен впечаток, завршувајќи како најдобар стрелец за сезоната со девет гола: во четвртфиналето на натпреварувањето, Монако се сретнал со Реал Мадрид, каде што постигнал клучен гол во првиот натпревар (загубен со 4–2 на гостински терен); во вториот натпревар, тој повторно го пронашол патот до мрежата, а неговиот тим победи со 3–1, со што вкупниот резултат гласел 5–5 па поради правилото за повеќе постигнати голови во гости Монако се пласирал во следната рунда. Тој, исто така, постигнал гол во двата натпревари од полуфиналето против Челси, но не можел да го спречи поразот од 3–0 во финалето од Порто, одиграно на АуфШалке арената во Гелзенкирхен.
Откако се вратил во Реал Мадрид на почетокот на сезоната сезоната 2004–05, надежите на Мориентес да се пробие во тимот биле дополнително намалени со доаѓањето на Мајкл Овен од Ливерпул за голема сума. Тој настапил во 13 првенствени натпревари (сите како замена) без постигнати голови, по што се преселил во Ливерпул во јануари 2005 година за сума од 9,3 милиони евра. За време на неговиот престој на Сантјаго Бернабеу, тој одиграл 272 натпревари за „Лос Бланкос“ во сите натпреварувања, постигнувајќи точно 100 гола и освојувајќи 8 трофеи со клубот.
Ливерпул
Откако му се приклучил на Ливерпул, Мориентес го имал своето деби за „црвените“ на 15 јануари 2005 година против Манчестер Јунајтед, започнувајќи го натпреварот во поразот на домашен терен со 0–1. Тој го постигнал својот прв гол за клубот на 1 февруари, израмнувајќи го резултатот со удар од околу 18 метри во победата од 2–1 над Чарлтон Атлетик, и четири дена подоцна го постигнал својот прв гол на Енфилд за да ја отвори победата од 3–1 над Фулам по само девет минути игра. Со оглед на тоа што настапил за Реал Мадрид тој немал право да игра за Ливерпул (поради правилото кое дозволувало настап само за еден клуб) во Лигата на шампионите, каде клубот имал победничка одисеја по успехот над Милан во финалето на натпреварувањето.
На 10 август 2005 година, Мориентес постигнал голови во двете полувремиња од победата од 3–1 на гости против ЦСКА Софија во првиот натпревар од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите. Неговата форма во Премиер лигата била неконзистентна, но на 10 декември, тој постигнал два гола во рок од пет минути во победата од 2–0 на домашен терен над Мидлсбро, нивниот седми натпревар по ред. На 21 март 2006 година, тој постигнал гол во победата од 7–0 над Бирмингем Сити во четвртфиналето на ФА купот, завршувајќи ја акцијата по центаршутот на Стивен Џерард по само три минути откако влегол во игра на местото на Питер Крауч. Ливерпул на крајот го освоил турнирот, а Мориентес го заменил Хари Кјуел на почетокот на второто полувреме од финалето против Вест Хем Јунајтед.
Мориентес постигнал вкупно 12 гола во 61 настап во дресот на Ливерпул, додавајќи го исто така и трофејот во Суперкупот на УЕФА 2005 во својата ризница, а бил и на поразената страна во финалињата на Лига купот и Светското клупско првенство 2005. На крајот, тој не успеал да го оправда своето реноме во Ливерпул, заминувајќи после само година и половина.
Валенсија thumb|Мориентес (лево) во судир со Икер Касиљас, голманот на Реал Мадрид, за време на Суперкупот на Шпанија 2008 Кон крајот на мај 2006 година, Мориентес потпишал за Валенсија за сума од околу 3 милиони фунти. Враќањето во татковината му годи и набрзо тој почнал да ја враќа својата форма, постигнувајќи гол на своето деби во лигата - победата од 2–1 на домашен терен против Бетис – и исто така постигнал хет-трик во неговиот прв натпревар во Лигата на шампионите против Олимпијакос. Тој се поврзал добро со својот партнер во нападот Давид Виља и постигнал 12 гола во 24 натпревари, а исто така, бил и најдобар стрелец на тимот во Лигата на шампионите со 7 гола; добрата форма во текот на сезоната му донела повик и враќање во репрезентацијата.
За сезоната 2007–2008, на Мориентес и Виља во нападот сила им се придружиле Никола Жигиќ и Хавиер Арисменди. Сепак, сезоната била разочарувачка, бидејќи „Лос Че“ биле елиминирани од Лигата на шампионите откако завршиле четврти во групата, а менаџерот Кике Санчес Флорес бил отпуштен по лошата форма. Тој се повредил во декември 2007 година, поради што отсуствувал од терените речиси три месеци, и се вратил во тимот против Севиља на 15 март 2008 година; Мориентес, исто така, влегол од клупата за резерви за да го постигне третиот и последен гол во победата на Валенсија од 3–1 над Хетафе во финалето на Купот на Шпанија следниот месец. Мориентес пропуштил уште неколку натпревари откако бил хоспитализиран кон крајот на април поради болки во стомакот и треска. Тој бил пуштен од болница на време за последните два натпревари од сезоната, но не играл во ниту еден од нив.
Својата трета и последна сезона во Валенсија ја започнал како неискористена замена во првиот натпревар од првенството, додека во вториот запишал неколку минути само влегувајќи од клупата. Својот прв настап од почетната постава го имал во Купот на УЕФА во натпреварот против Маритимо, во кој го постигнал единствениот гол со соло акција во 12-тата минута за да и донесе успех на својата екипа во Португалија. Поодминатите веќе фудбалски години во кои се наоѓал Мориентес како и формата на Виља и Хуан Мата, сепак, довеле до тоа тој да има драстично намален број на настапи во првенството; сепак, тој завршил како најдобар стрелец на клубот Купот на УЕФА со три гола на седум натпревари, турнир во кој Валенсија го завршила своето учество во шеснаесттина финалето.
Олимпик Марсеј