Александар Стојчев (5 април 1975 во Белград—18 април 2021 во Скопје) — македонски историчар и универзитетски професор од областа на воената историја.
Образование
Стојчев дипломирал во 2001 година, на Филозофскиот факултет во Скопје, насока историја. Во 2006 година, тој го одбранил магистерскиот труд со наслов „Дојранските позиции на Македонскиот фронт 1915–1918 година“, а во 2009 година и докторскиот труд „Македонскиот фронт 1915–1918 година“ на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што се стекнал со научен степен доктор по историски науки.
Во периодот од 16 јули до 3 август 2012 година, тој ја посетувал програмата „Разрешување на конфликти“, организирана од Стејт департментот на Владата на САД, одржана на повеќе места во Соединетите Држави.
Во 2003 година, тој ја завршил Школата за резервни офицери на Армијата на Република Македонија во Скопје.
Кариера
Од 2002 до 2005 година работел како помлад асистент. Во 2009 година, тој бил избран за доцент по предметот воена историја од матичната комисија за основање на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Во 2013 година, тој бил избран за вонреден професор по воена историја на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на 2013 и 2014 година, тој изведувал настава по предметите Балканските војни и Првата светска војна на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Од 2010 до 2021 година, тој бил раководител на Службата за воена историја – Воен музеј при Министерството за одбрана.
Покрај наставната дејност, активно се занимава со научноистражувачка и музејска работа. Тој бил учесник и член е на организациони одбори на бројни научни конференции и семинари во земјата и во странство.
Во периодот 2015–2017 година, тој бил член на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941–1945 и граѓаните продолжувачи. Исто така, тој бил член на работни групи за изработка на национални и меѓународни проекти, образовни манифестации и комисии за одбрана и оценка на докторски трудови.
Дела
Стојчев бил автор на повеќе монографии и научни трудови, меѓу кои:
„Македонија во документите на ЦИА“, том 1 и 2 (Скопје, 2019) „Македонија и Македонците во Првата светска војна“ (Скопје, 2017) „Букурешкиот мировен договор“ (Скопје, 2014) „Дојран воени операции 1915–1918“ (Скопје, 2007)
Покрај наведените дела, автор е и на бројни научни и стручни трудови од областа на современата историја и историјата на Македонија.
Наводи
Категорија:Родени во 1975 година Категорија:Починати во 2021 година Категорија:Луѓе од Белград Категорија:Починати во Скопје Категорија:Македонски историчари Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Југословенски Македонци Категорија:Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Доктори на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Категорија:Професори на УГД