Христофор Лакапин (; ок. 890 – август 931) — византиски аристократ и ко-император (совладетел) од 921 до 931 година. Бил најстариот син на императорот Роман I Лакапин и неговата сопруга Теодора.

Биографија Христофор е роден најверојатно помеѓу 890 и 894 година, како второ дете во семејството на Роман Лакапин (по ќерката Елена). Пред татко му да ја преземе власта во 919 година, Христофор се оженил со Софија, ќерка на богатот славјански велмож Никита, кој потекнувал од Пелопонез.

По успешниот преврат на Роман I во 919 година, Христофор го наследил татко си на високата позиција мегас хетеријарх (командант на дворската гарда). На 20 мај 921 година, по крунисувањето на Роман I за император, Христофор бил прогласен за ко-император. Со ова, Лакапините ја зацврстиле својата положба наспроти легитимниот император Константин VII Порфирогенит.

Во 922 година, по смртта на мајка му Теодора, неговата сопруга Софија била прогласена за августа. Во 924 година, неговите помали браќа Стефан и Константин, исто така, биле крунисани за ко-императори. Христофор се сметал за најспособен и најамбициозен меѓу синовите на Роман I. Во 927 година, неговата ќерка Марија (во Бугарија позната како Ирина) се оженила со бугарскиот цар Петар I. Оваа брачна врска била дел од мировниот договор меѓу Византија и Бугарија и била исклучително ретка за византиска принцеза од царско потекло. По барање на Бугарите, Христофор бил ставен пред Константин VII во хиерархијата на власта.

Христофор Лакапин починал во август 931 година, на околу 40 години. Неговата смрт многу го погодила татко му Роман I. Според некои извори, уште пред смртта имал влошено здравје.

Категорија:Византиски цареви од 10 век