Рождество на Пресвета Богородица () — средновековна црква во селото Пискупија, Поградечко, Албанија. Влегува во состав на Горичката митрополија на Албанската православна црква. Изворно ѝ припаѓала на Охридската архиепископија.

Историја Според преданието, селото некогаш било седиште на епископија, за што говорат неговото име и неколку топоними во околината. Забележано е во гравура на Христофор Жефарович од 1743 г. под името Епископија. Теофан Попа во својата книга „Црковни натписи во Албанија“ наведува грчки натпис, кој денес повеќе не постои, поставен на ликот на Богородица над западниот влез:

Архитектура Градбата е проста и претставува еднокорабен правоаголен храм со нартекс на запад и апсида на исток. Изградена е од обични камења, врзани со малтер и покриен со дрвен покрив. Црквата има два влеза — од западната и јужната страна. По обновата во почетокот на XXI век, архитектурата претрпела значителни промени: западниот влез бил затворен, бидејќи од оваа страна била подигната камбанарија, а нартексот бил отстранет и од него останале само неколку греди. Новата таванска конструкција го оштетила и го скрила зачуваниот живопис на источниот тимпан. Променета е и апсидата, која првично била придружена со жртвеник и ѓаконик. Таа била заменета со една поголема апсида која го отстранила жртвеникот. При реставрацијата, фреските претрпеле сериозни оштетувања и во голема мера биле изгубени.

Ктиторски натпис На јужната страна од наосот има слабо зачуван кириличен натпис во црвеникаво-кафеава боја. Натписот е во пет реда, од кои се разликуваат само неколку букви и зборови. Користената калиграфија потекнува од средината на XVII век.

Фрескоживопис лево|мини|Богородица од сцената „Благовештение“, XVII век Зачуван живопис има само на источниот ѕид на храмот. Во ѓаконикот е претставена главата на непознат светец, веројатно Роман Слаткопевец, опкружен со ореоли. Во просторот помеѓу наосот и апсидниот свод има уште еден фрагмент од фреска, исто така многу оштетен — веројатно дел од сцената „Благовештение“. Зачуван е ликот на Богородица со левата рака испружена напред за да ја прими Благата вест. Фигурата е облечена во пурпурна боја и има златен ореол над главата. Позадината е темносива. Фреската била тешко оштетена откако бил отстранет варот со кој била покриена. Зачуван е делумен потпис „ΘΥ...“ и „...ΛΗΣΜΟΣ“, кој е дел од „ΜΠ–ΘΥ“ и „ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΜΟΣ“ („Богородица“ и „Благовештение“). Над апсидата е прикажан Убрус, а целиот триаголен простор на горниот дел е наменет за сцената „Вознесение“. На двата краја, иако оштетени, има големи медалјони, три лево и еден десно. Во медалјоните има бисти на пророци кои држат пергаменти во рацете. Потписите надвор од медалјоните се на грчки јазик, додека натписите на пергаментите се кирилични. Во средина е Богородица, опкружена од ангели со црвени крилја, кои стојат со раширени раце кон небото, каде што Христос стои во Слава внатре во медалјон (скоро целосно оштетен), држен од два ангела во лет, исто така облечени во црвена боја. На растојание од Богородица, симетрично од двете страни, се претставени ликовите на двајца други ангели облечени како ѓакони, кои им го раскажуваат моментот на чудото на апостолите. Сцената „Вознесение“ е слична на таа во црквата „Воскресение Христово“ во Бер, дело на Георгиос Калиергис од 1315 г. Мотивот на Убрус, врзан во два јазли и растегнат во средината, стилски припаѓа на истиот период, но бил користен во украсот и на подоцнежни цркви — во „Св. Петка“ во с. Валеш, дело на Онуфриј Аргитис од 1554 г.

Блиската црква „Св. Димитриј“ во Туминец, Мала Преспа исто така има тесна апсида, со две ниши од страните, а има и двојазични натписи — словенски и грчки. Таква е и пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ во месноста Трстеник кај с. Пустец. Непропорционалните фигури од Вознесението, како и портретите со наивно сликарство во темно кафеава боја со долг нос, мали усни, мали насликани очи, наликуваат на моделите од XIV век во Преспа. мини|Сцената „Вознесение“ над главниот влез, XVII век Судејќи според стилските карактеристики, двајца зографи работеле на храмот околу истиот период. Едниот го живописал барабанот над апсидата (Убрус, Пророци и Вознесение), додека другиот работел на долниот дел (преостанатиот фрагмент од ѓакон во апсидата и Благовештението). Вториот е поискусен творец, кој користи густа темнокафеава линија и придава добар пластичен ефект, со што посликовито ги претставил фигурите и со подобар сооднос на светлината и сенките. Кај првиот зограф, фигурите се подифузни, што ја нарушува убавината на композицијата. Тој не успеал да ја пренесе експресивноста која настанот ја носи во себеси. Нема динамично линеарно цртање или пластично моделирање на портретите и драпериите. Постои уште дисхармонија во цртањето на екстремитетите, па дури и во самите црти на портретите.

Врз основа на горенаведениот натпис, кој веројатно датира од истото време кога е живописана црквата, се претпоставува дека фреските потекнуваат од средината на XVII век. Натписот цитиран од Попа, како и датумот на неговата изведба (1892) од страна на зографот Анастас Михаил од Охрид, упатува кон трето сликарство на надворешната страна на западниот ѕид.

Поврзано

Горичка митрополија

Наводи

Категорија:Цркви во Поградец (општина) Категорија:Цркви во Горичката митрополија