Панонска детелина (науч. Trifolium pannonicum) — повеќегодишен вид детелина позната и како унгарска детелина.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 30–50 см, со подземен, слабо развиен ризом од кој исправено израснуваат повеќе стебленца. Стеблото е неразгрането, со долги интернодиуми и покриено со густи прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките се покуси, а кај најгорните се многу куси (8–10 мм). Лисните дршки се покриени со полураширени влакна. Листовите се големи, елиптично-копјести до долгнавесто-копјести, долги 30–60 мм и широки 8–15 мм, со заострен врв и назабен раб. На долната страна имаат ретки, а на горната густи прилегнати влакна. Прилисниците се големи, долги околу 50 мм, со слободен линеен зелен дел долг околу 30 мм, кој завршува со заострен врв.
Соцветијата се јајцевидни до јајцевидно-цилиндрични, долги 40–50 мм, а дршката на соцветието е долга 8–12 см и покриена со густи прилегнати и ретки полураширени влакна. Цветовите се многубројни, без прицветници и големи, достигнувајќи должина до 25 мм.
Чашката е долга околу 15 мм. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг 5,5–6 мм и покриен со густи, долги полураширени влакна, а околу отворот има прстен од густи куси влакна. Запците се со различна должина: горните и страничните се долги околу 4 мм, додека долниот достигнува околу 9 мм и е приближно двојно подолг од останатите. Запците, особено по работ, се покриени со долги влакна. Венчето е бледожолтеникаво. Барјачето е долго околу 25 мм и благо закривено нагоре. Лаѓичката е околу 6 мм покуса од барјачето, а крилцата се 1–1,5 мм подолги од лаѓичката. Плодот е мешунка која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Панонската детелина расте по тревести и грмушести состоини до надморска височина од 1700 метри. Растението се среќава во околината на Крива Паланка и селото Станци, и планината Дудица кај караулата Шаренка.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Агро атлас Градинарство
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа