Trifolium pilczii — вид на бобови опишан од Адамовиќ. Trifolium pilczii е во родот детелина и семејството бобови. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Trifolium pilczii е повеќегодишно, ниско тревесто растение со дрвовидно задебелен приземен дел, силно разгрането и со јак, долг корен. Стебленцата се високи 3–5 см, голи, поединечни или по неколку, најчесто неразгранети и израснуваат од врвовите на старите приземни гранчиња. Најдолните листови на вегетативните гранчиња имаат долги дршки, додека кај погорните дршките постепено се скратуваат. Листовите се голи, долги 8–12 мм, обратнојајцевидни, најшироки во горната третина, со тап или плитко срцевидно всечен врв и ситно, неправилно назабени рабови. Запчињата завршуваат со кукесто свиткани шилести врвчиња.
Прилисниците се долги 7–12 мм, бели или на врвот зеленикави, ципести и копјести. Во основата се сраснати околу 2 мм и образуваат ракавец, додека нивниот горен дел е триаглесто-копјест и заострен. Поради кусите интернодиуми, прилисниците често се преклопуваат. Соцветијата се ретки, составени од 4–6 цветови и се носат на влакнести дршки кои се два до три пати подолги од пазувниот лист. Цветните дршки се покуси од трубестиот дел на чашката и по прецветувањето се свиткуваат надолу.
Прицветниците се лушпести, долги 0,4–0,5 мм, обратнојајцевидни и на врвот назабени. Чашката е гола и долга 5–6 (до 7) мм. Нејзиниот трубест дел е долг 2,5–3 мм, додека горните запчиња се долги 2–2,5 мм, страничните околу 3 мм, а долното околу 4 мм. Венчето е пурпурно; барјачето е долго околу 15 мм и елиптично, со густи паралелни жили. Крилцата достигнуваат должина од околу 13 мм, а лаѓичката околу 12 мм.
Плодот е мешунка долга околу 10 мм, која содржи едно до две семиња. Столпчето е долго околу 11 мм и на врвот кукесто свиткано.
Распространетост во Македонија Расте на високопланински пасишта на надморска височина од 1800 до 2500 метри. Овој вид се среќава на планините Бистра, Јабланица, Пелистер и Галичица, но според Адамовиќ се среќава и на Бабуна, а според Рехингер се среќава и во Стогово.
Наводи Heywood,V.H. & Ball,P.W., 1968 Leguminosae.In:Flora Europaea Vol.2.ed.Tutin,T.G.et al. Adamovic,L., 1904 Denkschr.Akad.Wiss.Math.-Nat.Kl.(Wien) Vol.74
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија