Sempervivum marmoreum — вид чуваркуќа () од семејството дебелци (Crassulaceae). Овој сочник природно се среќава во Југоисточна Европа (Македонија, Бугарија, Романија, Грција, Србија итн.) и Средна Европа (Унгарија, Словачка).
Опис и распространетост Sempervivum marmoreum е повеќегодишно цветно тревесто растение со листови во отворена розета широка до 6 см и со долги, силни столони. Цветното стебло достигнува висина до 30 см, покриено со густи кратки жлездести влакна и целосно обвиено од преклопени долги листови. Листовите во розетата се долги 30–50 мм и широки до 12 мм, зелени, обратно-јајцевидни до копјести, со остар врв; од двете страни имаат густи кратки жлездести влакна, а по рабовите тие се подолги и подебели, често свиткани надолу во горниот дел; стеблените листови се долги 40–50 мм и речиси идентични со розетните. Цветовите се составени од 12–15 делови, распоредени на повеќе долги цимозни гранчиња што создаваат широко соцветие налик на штит; дршките се кратки и покриени со жлездести влакна. Ливчињата на чашката се зелени, елиптично-копјести, со остар врв, во основата споени меѓусебно, а по површината покриени со густи жлездести влакна на кратки дршки. Венечните листови се розово-црвени со широк бел раб, долги 10–12 мм, тесно копјести, со издолжен остар врв и густи жлездести влакненца однадвор. Прашниците се пократки од венечните листови; филаментите се розово-црвени до пурпурни, со жлездести влакна во основата, а антерите се темновиолетови. Мешинчињата (плодовите) се пурпурни, обраснати со густи жлездести влакна и имаат долго пурпурно столпче.
Во Македонија расте на високопланински каменливи терени со силикатна подлога. Се среќава на Пелистер - Копанки.
Варијабилност Sempervivum marmoreum subsp. marmoreum (Балкан, Романија) Sempervivum marmoreum subsp. blandum Sempervivum marmoreum subsp. matricum (Унгарија, Словачка, Трансилванија) Sempervivum marmoreum subsp. reginae-amaliae Галерија
Наводи
Категорија:Чуваркуќа (род) Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Дебелци