Trifolium balansae — едногодишен вид на детелина опишан од Пјер Едмон Боасје.
Опис Растението е едногодишно, голо и силно разгрането, високо 30 до 50 см. Стеблото е исправено, приподигнато или полегнато, шупливо или исполнето со меко ткиво. Базалните листови имаат дршки неколку пати подолги од листната плочка, средните стеблени листови имаат покуси дршки, додека кај најгорните листови дршките се покуси од листната плочка. Листовите се долго 10–40 мм, обратнојајцевидни, најшироки во горната половина, со заоблен или слабо заострен врв и назабен раб со нееднакво големи шилести запци. Врвот на листот завршува со мал боцковиден израсток. Прилисниците се јајцевидно-копјести и постепено се стеснуваат во долг заострен врв.
Соцветијата се топчести, густи и составени од голем број цветови, најчесто 50 или повеќе. Дршката на соцветието е речиси двапати подолга од соодветниот пазувен лист. Прицветниците се копјести и завршуваат со заострен врв. Цветовите се долги 10–12 мм.
Чашката е долга околу 5 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 1,5–1,75 мм, а запците се линејно-шиловидни и долги 2–3 мм. Венчето е розово. Барјачето е долго 10–12 мм, со издигнат преден дел, додека крилцата се околу 2 мм покуси и благо странично раширени. Плодот е мешунка која содржи четири до пет семиња.
Распространетост во Македонија Trifolium balansae е широко распространето и расте на влажни ливади на надморска височина до 1200 метри. Познати местоположби каде што се среќава растението се: село Доброшане во Куманово, околината на Гостивар, село Баниште во Дебар, село Царина во Ресен, село Грнчари, село Подмочани, Ѓавато помеѓу Битола и Ресен, село Новаци и село Лознени во Битола, Пелистер на детското летувалиште Д. Тодоровски, селата Чепигово, Тројкрсти, Кривогаштани, Сенокос во Прилеп, Крушево, на планината Плачковица во Кочани, во селата Сушица, Секирник, Ново Село, Банско, Смолари и Мокрино, и на Моноспитовско Влато во Струмица, селото Стојаково во Гевгелија. Според Стојанов во 1928 година се среќава исто така во Скопје, село Добрушево во Битола, село Тројаци во Прилеп и во историското село Кајали во Валандово. Исто така во 1995 гоинда, според Матевски се среќава на планината Добра Вода.
Наводи
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија