Пепелав здравец () — вид цветно растение од семејството Geraniaceae, по потекло од Пиринеите. Расте до 50 сантиметри и во висина и во ширина. Пепелавиот здравец е мало, листопадно или полузимзелено повеќегодишно растение кое обично се одгледува на тенка покривка на земјата, каменити градини или покрај поголеми растенија како рози. Листовите се длабоко поделени и пепелавосиви - од каде доаѓа и латинскиот специфичен епитет cinereum „пепел-сив“. Цвета во лето, со впечатливи црнооки цветови со црни прашници. Растението расте на полна сончева светлина и е отпорно до -15 степени Целзиусови.
Опис Пепелав здравец е повеќегодишно ниско тревесто растение високо 5–30 см, со дебел вертикален ризом. Горниот дел од ризомот е обвиен со остатоци од изумрени прилисници и базални делови од лисните дршки. Вегетативните гранчиња се многу куси, додека цветните гранчиња достигнуваат височина до 30 см. Стеблото по целата должина е покриено со куси, лакообразно искривени и надолу свртени прилегнати влакна. Базалните листови се бројни и имаат долги дршки густо покриени со куси свртени влакна. Листовите се кружести до кружесто-бубрежести, со пречник од 1 до 3 см, од двете страни влакнести. Листовата плочка е до основата поделена на пет обратно јајцевидно-клиновидни делови, од кои врвниот дел е триделен, а деловите се тапи или кусо заострени. Прилисниците се линијарно-копјести, долги, постепено заострени и црвенкаво-кафеави, со долги влакна по рабовите. Листовите на цветните гранчиња, доколку се присутни, се дланковидно разделени на пет копјести целокрајни делови. Во нивните пазуви се развиваат соцветијата. Цветовите најчесто се по два на безлисни цветни гранчиња. Помеѓу двата цвета, или на границата меѓу нивните дршки и заедничката дршка, се наоѓаат четири линијарно-копјести прицветници, густо покриени со куси прилегнати влакненца и со подолги влакна по рабовите. Цветните дршки се густо влакнести со куси, надолу свртени влакна. Чашката е раширена. Чашкините ливчиња се широко копјести, долги околу 8 мм, а на врвот продолжени во шилесто врвче долго околу 1 мм. Површината е покриена со ситни прилегнати влакна, а по рабовите, средината на ливчињата и под чашката има долги раширени влакна. Венчето е пурпурно-виолетово. Венечните ливчиња се обратно јајцевидни, во основата клиновидни. Долниот дел од ламината е темновиолетов, речиси црн, со темни жили што се протегаат нагоре, или има бела основа. Рабовите се покриени со густи раширени влакна. Прашниците се темновиолетови и влакнести по рабовите и на горната страна. Плодовите се густо покриени со долги бели свиленкасти влакна, додека клунестиот дел на плодот е обраснат со многу ситни прилегнати влакненца. Семките се светлокафеави и имаат нежна, слабо воочлива мрежеста структура.
Подвидови и вариетети Познати се следниве подвидови и вариетети: subsp. cinereum subsp. subcaulescens var. subcaulescens subsp. rupestris, Micevski subsp. macedonicum, Micevski var. macedonicum var. liskensis, Micevski var. pallidum, Micevski
Живеалиште Растението расте на планински пасишта и варовнички камењари, на надморска височина од 1.500 до 2.700 м.
Распространетост Пиринеи - Франција и Шпанија
Во Македонија Видот, неговите подвидови и вариетети, само еден подвид не се среќава во Македонија: subsp. cinereum – не се среќава во Македонија subsp. subcaulescens – доста широко распространет вид во Македонија var. subcaulescens – познат за планините Шар Планина, Јакупица, Кораб, Дешат со Крчин, Ниџе со Кајмакчалан, Мавровско (над с. Врбен и Кожа) subsp. rupestris – познат за Галичица и Пелистер subsp. macedonicum – широко распространет подвид во Македонија var. macedonicum – познат за Бистра, Горна Радика, Дешат со Крчин, Јабланица – Подгоречко Езеро, Дудица, Стогово var. liskensis – познат само за Илинска Планина var. pallidum – познат само за Кичевско – Баба Сач и Лубен со врвот Кафчал.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Здравец Категорија:Растенија опишани во 1787 година Категорија:Флора на Пиринеите Категорија:Таксони именувани од Антонио Хосе Каваниљес Категорија:Флора на Македонија