eBay Inc. (се изговара: Ибеј, стилизирано како ebay) — американска мултинационална корпорација за електронска трговија со седиште во Сан Хосе, Калифорнија. Платформата им овозможува на корисниците да купуваат и продаваат предмети преку малопродажни и интернет-трговски места на 190 пазари ширум светот. Продажбата се одвива или преку онлајн аукција или преку можноста за миговна продажба „Купи веднаш“ (англ. Buy It Now), при што компанијата им наплаќа провизија на продавачите по остварената продажба.
Компанијата е основана од Пјер Омидијар во септември 1995 г. Во 2021 г., eBay имала приближно 17 милиони продавачи на светско ниво, а во 2023 г. пријавила 132 милиони активни купувачи и вкупен промет од 73 милијарди долари, од кои 48 % се остварени во САД.
eBay може да го користат поединци, компании и влади за купување и продавање речиси секаков легален и дозволен предмет. Купувачите и продавачите можат меѓусебно да се оценуваат и рецензираат по секоја трансакција, со што се создава систем на репутација. Услугата на eBay е достапна преку мрежни места и мобилни апликации. Софтверските програмери можат да создаваат апликации што се интегрираат со eBay преку неговиот програмски интерфејс, а трговците можат да заработуваат провизија преку програмите за партнерски маркетинг на eBay.
Историја мини|десно|Пјер Омидијар, основач и претседател на eBay
1990-ти eBay е основан под името AuctionWeb во Калифорнија на 3 септември 1995 г., од страна на Пјер Омидијар, компјутерски програмер со иранско-американско потекло, како хоби за дополнителна заработка. Еден од првите предмети продадени на AuctionWeb бил скршен ласерски покажувач за 14,83 долари. Кога Омидијар го контактирал купувачот за да праша дали сфаќа дека покажувачот е расипан, купувачот одговорил: „Јас сум собирач на расипани ласерски покажувачи“.
Во февруари 1996 г., давателот на интернет-услуги на Омидијар го известил дека мора да премине на деловна сметка поради големиот број посети на неговата страница. Зголемувањето на месечната цена од 30 на 250 долари го поттикнало Омидијар да побара поддршка од семејството. Веб-страницата заработила 1.000 долари во првиот месец, а 2.500 долари во вториот. Крис Агарпао бил првиот вработен во компанијата; тој ги обработувал плаќањата со чекови испратени по пошта.
Џефри Скол бил вработен како прв претседател на компанијата на почетокот на 1996 г. Во ноември истата година, компанијата пуштила онлајн аукции за авионски билети, хотелски соби и други туристички производи. Дотогаш, компанијата веќе организирала повеќе од 200.000 онлајн аукции.
Во септември 1997 г., компанијата го променила името на својата услуга од AuctionWeb во eBay. Името доаѓа од компанијата за консалтинг на Омидијар, Echo Bay Technology Group. Бидејќи доменот echobay.com веќе бил регистриран од компанијата за ископување злато Echo Bay Mines, Омидијар го скратил на eBay.com. Во 1997 г., компанијата добила 6,7 милиони долари вложувања од фондот за ризичен капитал Benchmark.
Најпродавани предмети на страницата биле играчките Beanie Babies, кои во 1997 г. сочинувале 10 % од сите огласи.
Мег Витман била назначена за претседателка и извршна директорка во март 1998 г. Во тоа време, компанијата имала 30 вработени, 500.000 корисници и приход од 4,7 милиони долари во САД. Во септември 1998 г., за време на „интернет-меурот“, eBay станала јавно претпријатие преку иницијална јавна понуда (IPO) на берзата NASDAQ, со почетна цена од 18 долари по акција, за на крајот на денот да достигне 53 долари. Пазарната капитализација на компанијата тогаш достигнала речиси 1,9 милијарди долари.
Наводи
Надворешни врски
Матична страница
Категорија:Програмска опрема за Windows Категорија:Виртуелни заедници Категорија:Американски семрежни претпријатија