Мовеста каменоломка () — вид цветно тревесто растение од родот каменоломка во семејствотото на каменоломките (Saxifragaceae). Природно е распространета на Алпите и други планински венци на големи надморски височини во континентална Европа. Saxifraga bryoides и Saxifraga aspera се единствените два вида од секцијата Trachyphyllum кои можат да се најдат на големи надморски височини во континентална Европа.

Опис и распространетост Ова е повеќегодишно силно разгрането растение, со густи гранчиња кои создаваат масивни перничести форми. Неговите неразгранети цветни стебленца достигнуваат висина од 2-5 см, во основата имаат розета од листови, горниот дел е покриен со жлездести влакна, носат 1-3 спирално поставени листови и најчесто еден цвет. Во пазувите на неплодните гранчиња се појавуваат округли лисни розети, долги колку и листовите од кои произлегуваат. Розетните листови се зелени, тесно копјести, долги 2-6 мм и широки помалку од 1 мм, со срповидна закривеност, најчесто без жлездести влакна, со хиалински раб и ретки влакненца по краевите, завршуваат со остар врв; листовите на стебленцето се издолжено копјести и исто така со хиалински раб. Цветните групи најчесто содржат само еден цвет. Ливчињата на чашката се долги 1,5-3 мм, триаголни и остри, покриени со жлездести влакна и прилегнуваат врз венечните ливчиња. Венечните ливчиња се два до трипати подолги од чашкините, најшироки во средниот дел, бела боја со бројни портокалови точки во долната половина. Има натцветен плодник.

Во Македонија расте на силикатни карпи во алпскиот и субалпскиот појас, на височина од 2200 до 2600 метри. Се среќава на врвовите на Шар Планина.

Одгледување Мовестата каменоломка може да се одгледува во алпиниуми (карпести градини) во умерените климатски предели, а се размножува со семе или со резници. Претпочита песоклива, добро дренирана почва. Интересно е што навидум здрави и веќе прифатени растенија понекогаш самите се одвојуваат од коренот — појава која најчесто е предизвикана од прекумерна влага.

Наводи

Категорија:Каменоломка Категорија:Планински растенија Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Алпите Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година