Trifolium alpestre — повеќегодишен вид на детелина од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј. Растението потекнува од централна, јужна и источна Европа, Кавказ, Турција и Иран. Се размножува преку клонирање и со семе.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 15–40 см, со тенок и разгранет подземен ризом. Стебленцата се исправени, најчесто неразгранети и покриени со погусти или поретки прилегнати или раширени влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, кај горните листови дршките се покуси, а кај најгорните се долги само неколку милиметри. Листовите се копјести или речиси елиптични, два до четири пати подолги отколку широки, достигнуваат должина до 60 мм, со тап врв и речиси цел раб, односно многу ситно назабени. Најшироки се во долната половина. Горната страна е гола или со ретки прилегнати влакна, додека долната страна и работ се покриени со густи прилегнати или полураширени влакна. Жилките се густи, испакнати и благо искривени кон работ на листот. Прилисниците кај долните листови се покуси од половината на лисната дршка, а кај горните се подолги од неа. Тие се долгнавести, ципести, со испакнати жили и влакнести, а нивниот слободен дел е линејно-шиловиден, зелен, со долг тенок врв и е 1,5–2 пати подолг од сраснатиот дел.

Соцветијата се топчести или јајцевидно-цилиндрични, со пречник од 25–40 мм, составени од многубројни густо збиени цветови. Се развиваат поединечно или по две, речиси приседнати или на дршка покуса од 10 мм, а во основата се обвиени од најгорниот лист. Цветовите се без прицветници.

Чашката е долга околу 12 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 4 мм, со дваесет жили, гол или покриен со полураширени до раширени влакна, а околу отворот има прстен од влакна. Запците се тенки и шиловидни; горните се долги околу 3 мм, страничните околу 3,5 мм, а долниот достигнува 8–9 мм и е приближно 2,5–3 пати подолг од останатите. Венчето е пурпурно, поретко розово или бело. Барјачето е долго 15–18 мм, а крилцата и лаѓичката се речиси еднакво долги како него. Плодот е јајцевидна мешунка која обично содржи едно семе.

Варијабилност

Trifolium alpestre var alpestre — стеблото и лисните дршки се голи или со прилегнати влакна. Trifolium alpestre var lanigerum — стеблото и лисните дршки се со расперени влакна.

Од T. alpestre, како полиморфен вид, се посочуваат повеќе таксони, како на пр: f. incanum, f. monostachyum, f. pedunculatum и f. brevifolium од кои некои се посочуваат и како вариетети.

Распространетост во Македонија Trifolium alpestre расте по суви каменливи брдски и планински пасишта, шумски рабови и по проретчени шуми до надморска височина од 2100 метри.

Trifolium alpestre var alpestre — широко распространето растенија. Растението се среќава на планините Јакупица, Китка, Жеден, Водно, Скопска Црна Гора (Групче), Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат - Крчин, Илинска Планина, Пелистер, Галичица, Осогово, Буковиќ, Ѓавато, Богословец (Овче Поле), Козјак (Прилепско), Голак (Делчевско), потоа во Скопје над селото Нова Брезница, Таорската Клисура, селото Пезово во Куманово, Маврови Анови, Кожа и селото Врбен, клисурата на Мавровска Река, Крушево, Маркови Кули и манастирот Трескавец во Прилеп и Делчево. Trifolium alpestre var lanigerum — се среќава во Скопска Црна Гора, Таорската Клисура, Козјак во Прилеп, Дабничката Планина, Пелистер, Ниџе, Кожуф, Беласица, Плачковица, Голак во Делчево, Македонска Каменица, Пехчево и планината Кадијица.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Данска Категорија:Флора на Иран Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Франција Категорија:Детелина Категорија:Растенија опишани во 1763 година Категорија:Флора на Европа