Свртен здравец () — вид на цветнo растениe. Првпат го опишал Карл Линеј. Geranium reflexum е вид на цветно растение од родот Geranium, семејство Geraniaceae.
Опис Општи одлики и стебло Свртениот здравец е повеќегодишно тревесто растение, високо 60 до 80 см, со кус дебел ризом, препокриен со остатоци од прилисниците на базалните листови. Стеблото е аглесто, светликаво и компактно. Покриено е со долги расперени влакна кои се речиси двојно подолги од пречникот на стеблото, а покрај нив се присутни и ретки куси жлездести влакна.
Листови Базалните листови се со долги дршки (2 пати подолги од широчината на лиската (ламината)), додека стеблените листови се спирално распоредени, со куса дршка или приседнати. Листовите се со ширина од 6 до 15 см и се пересто насечени околу 3/4 на 5–7 дела. Деловите на листовите се елиптично-ромбични, крупно назабени или повторно плитко насечени на двојно-назабени делови. Лисните дршки се покриени со расперени влакна и куси жлездести влакна.
Соцветие и цвет Соцветието е терминално и дифузно. Цветовите се поставени по 2 на долга заедничка дршка, која е подолга од листот на чија спротивна страна се развила. Самите цветни дршки се исто така 2–3 пати подолги од чашката. Дршката на соцветието и на цветот има ретки долги расперени влакна и густи куси прости и жлездести влакна. Карактеристично е што по прецветувањето, цветните дршки се спуштаат надолу.
Чашка и венче Чашката е зелена, а чашкините ливчиња се долги 8 до 9 мм, елиптично копјести и со 3 слабо воочливи жили. По површината имаат долги бели влакна и густи куси приседнати жлездести влакна, а на врвот се тапи, но со четинесто врвче долго 0,25 до 0,5 мм. Венчето е виолетово или пурпурно. Венечните ливчиња се долги 7 до 9 мм, широки 2,5–4 мм, со копјест облик. За време на цветањето, тие се заедно со чашкините ливчиња свиткани наназад. Во основата се бледо жолтеникави или бели и имаат расперени влакна по работ.
Прашници и плод Прашниците се подолги од чашката, а кон основата постепено се проширени. По работ се покриени со долги влакна, а во долниот дел по површината со куси влакненца. Долниот дел на плодот е четинесто влакнест. Во горниот дел, под самите столпчиња, има 2 до 4 хоризонтални брчки со ситни влакна по површината. Клунестиот дел на плодот е покриен со густи куси (речиси приседнати) влакненца и со ретки куси (речиси приседнати) жлездести влакна.
Живеалиште Растението вирее по влажни и засенчени места, по камењари и во букови шуми на надморска височина до 1.800 м.
Распространетост Југоисточна Европа: 2001. TDWG – World Geographical Scheme for Recording Plant Distributions, 2nd Edition
Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Југославија.
Македонија Во Македонија, овој вид е научно забележан на следниве места: Скопска Црна Гора (Групче) Шар Планина и Маврово (вклучувајќи ја и клисурата на Мавровска Река) Планините Бистра, Дешат – Крчин, Јабланица, Галичица, Пелистер, Дудица и Кожуф Дебар (село Баниште) Кичево (врвовите Цоцан и Турла)
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Здравец Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј