Алпска роза (науч. Rhododendron ferrugineum) — вид зимзелена грмушка што расте на кисели почви, веднаш над горната шумска граница во Алпите, Пиринеите, Јура и северните Апенини. Претставува типичен вид за родот Rhododendron.

Опис и распространетост Алпската роза (Rhododendron ferrugineum) е грмушесто растение со висина од 1 м, со бројни исправени гранчиња обвиткани со сиво-кафеава кора. Младите гранчиња се покриени со рѓести лушпести наслаги. Листовите се издолжено-елипсовидни, долги 2-4 см, кожести и цврсти, со остар или шилест врв, целосни по рабовите; горната страна е сјајна и темнозелена, а долната е покриена со густи рѓести лушпи и има изразена жолтеникава средна жилка; рабовите се свиткани надолу. Цветовите обично се групирани по 6-10 во завршни, штитовидни гроздести соцветија; дршките им се голи и долги колку самиот цвет. Чашката е долга околу 1,5 мм и има издолжени влакнести реси. Венчето е ѕвонесто, долго околу 15 мм, најчесто розово-црвено, понекогаш бело; неговите слободни делови се речиси еднакви по должина со цевчестиот дел, а надворешната страна има жолтеникави жлездести лушпи. Постојат десет прашници со различна должина, кои достигнуваат до две третини од венчето; нивните филаменти се влакнести во долниот дел, а голи во горниот; антерите се долги 1,2 мм и се отвораат на врвот со два кружни отвора. Плодникот е јајцевиден и поделен на пет делови. Столпчето е двојно подолго од плодникот, а жигот е проширен и има пет испакнатини. Плодот е во форма на кутијка.

Во Македонија расте на хумусни и влажни, длабоки почви. Изолирани единки од ова растение се среќаваат во повисоките региони на Шар Планина.

Токсичност Алпската роза (Rhododendron ferrugineum) е умерено токсично растение, бидејќи содржи арбутин, ареколин и родоксантин, и може да предизвика повраќање, како и тешкотии во дигестивниот, нервниот, респираторниот и циркулаторниот систем. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Андора Категорија:Флора на Алпите Категорија:Планински растенија Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа