Rhododendron myrtifolium (syn. Rhododendron kotschyi) — вид цветна зимзелена грмушка од семејството вресови (Ericaceae). Претставува честа појава на високите планински венци на Источна Европа, особено во Бугарија, Романија и Украина.
Опис и распространетост Rhododendron myrtifolium е ниска грмушка со висина до 50 см, која е карактеристично разгранета уште од основата. Старите стебла имаат набрана сиво-кафеава кора со бројни брадавичести остатоци од жлезди, а младите гранчиња се црвенкаво-кафеави и покриени со многу кратки влакненца. Листовите се поставени спирално, долги 1-2 см, широко-елипсовидни, кожести и голи; горната страна е темнозелена и сјајна, со спроводни жили вградени во ткивото што дава набран изглед; врвот е тап, рабовите благо свиткани надолу, основата се стеснува во кратка црвена дршка; долната страна е рѓесто-кафеава со виолетова нијанса и густо покриена со лушпести жлезди. Цветовите се групирани по 3-7 во завршни штитовидни гроздести соцветија; прицветните листови се издолжени, долги 7-8 мм, со тап врв, покриени со ситни влакненца и рабови со долги влакна; дршките се долги 10-20 мм, тенки, виолетово-црвени, со многу ситни влакненца и бројни лушпести жлезди. Чашката е во форма на чинија, поделена на 5 делови, со многу мали и кратки триаголни сегменти. Венчето е цилиндрично, долго 15-20 мм, со слободни делови околу 5 мм кои завршуваат заоблено; бојата е црвено-розова, површината има кратки бели влакненца и ретки жлезди, а внатрешноста на цевчестиот дел е густо влакнеста. Има десет прашници, покуси од венечната цевка; нивните филаменти се светлорозови, проширени во основата и по рабовите на долниот дел покриени со долги густи влакна. Антерите се отвораат на врвот преку кружни отвори. Плодникот е јајцевиден и густо покриен со жлезди, а столпчето е виолетово и еднакво долго со плодникот. Плодната кутијка е долга 4-6 мм.
Во Македонија расте на тревести и каменливи терени со силикатна подлога во алпскиот појас. Ова растение се среќава единствено на планината Јакупица, над Салаковските Езера.
Синоними Rhododendron ferrugineum (Schott & Kotschy) Hayek 1928 Rhododendron kotschyi Simonk., 1887
Галерија
Наводи
Категорија:Флора на Бугарија Категорија:Загрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа