„Божественото и човечкото“ (руски: Божеское и человеческое) — расказ на рускиот писател Лав Толстој од 1906 година.

Содржина Расказот се состои од 13 глави, а дејствието се одвива во 1870-тите. Анатолиј Светлогуб е богат млад човек кој несебично им помага на селаните, а истовремено членува во тајна организација која се бори против власта. Кога полицијата пронаоѓа динамит во неговиот дом, тој е затворен и осуден на смртна казна. Во затворот, тој почнува да го чита Евангелието и доживува душевен препород. Откако дознава за пресудата, тој размислува за смртта која ја прифаќа мирно. Во затворот се наоѓа и еден старец-староверец, кој е восхитен гледајќи колку е спокоен Анатолиј додека го носат на бесилка. По извршувањето на казната, џелатот дава отказ од работата и набргу станува алкохоличар и пропаѓа. По некое време, во Петроград го затвораат и Меженецки, водачот на терористичката група на која припаѓа и Анатолиј. Кога дознава за него, старецот-староверец бара средба со Меженецки, распрашувајќи се за цврстината на верата на Анатолиј. Меженецки престојува седум години во затворот во Петроград при што на почетокот е немирен и често страда од халуцинации, но потоа се смирува, живеејќи во спомените во својот замислен свет. Потоа, тој е испратен на робија, а во еден попатен затвор среќава група млади револуционери-социјалисти кои ја напаѓаат неговата дејност. Нивната критика го вознемирува, па започнува да се преиспитува и тогаш се сеќава на Анатолиј. Во истиот затвор пак го среќава старецот-староверец, кој умира ноќта со визија на Анатолиј кој со восхит ја прифаќа смртта, а пак Меженецки извршува самоубиство. .Лав Николајевич Толстој, Хаџи Мурат и друге приповетке. Просвета - Рад, Београд, 1983, стр. 312-353.

Наводи

Категорија:Дела на Лав Толстој Категорија:Руски раскази