Blitum virgatum, (син. Chenopodium foliosum) е вид цветно растение од фамилијата Amaranthaceae. По потекло е од Евроазија. Може да се најде на други континенти како воведен вид и расте како помал плевел во нарушени живеалишта и обработливо земјиште.
Опис Едногодишно растение високо до 50 цм, голо или со ретки меурести влакна. Стеблото вертикално, во горниот дел или од основата разгрането. Листовите последователни, триаглести или копјевидни, со испакнати лобуси, на врвот заострени, неправилно назабени и со куси дршки. Погорните листови исто така копјевидни, но потесни и во основата клиновидни. Цветовите групирани во топчести групи во пазувите на листовите, а по врвовите на гранчињата тие формираат безлисно привидно класовидно соцветие. Перијантните ливчиња кај средните цветови на една топчеста група четиричлени или петчлени, а кај страничните цветови тричлени, во почетокот се зелени, потоа стануваат месести, сочни и црвени, а покасно се исушуваат и попримаат кожеста конзистенција и добиваат црвеникаво-кафеава боја. Перијантните ливчиња 1/3-1/4 сраснати помеѓу себе и на врвот заокруглени. Цветовите со 1 прашник. Плодникот со 2 куси папилозни жига. Перикарпот кожест и гол. Семките овални, вертикални, темнокафеави и светликави.
Распространетост во Македонија Blitum virgatum расте покрај селските куќи и огради, селските патишта и ѓубриштата во планинските предели.
Познато за Кожуф - Висока Чука а се посочува за Охрид, Кавадарци - Мајден, Беласица - Висока Чука, Скопје - Осој, Куманово – с. Дренок, Маврово - с. Богдево и с. Врбен, Битола - с. Ѓавато, Ниџе - Влашки Колиби, Малешевски Планини, Делчево - Голак, Плачковица.
Употреба Листовите и цветовите се јадливи и личат на спанаќ. Растението се одгледувало како лиснат зеленчук во Европа во минатото, а во последно време повторно се зголемува интересот за негово одгледување.
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Русија Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Либан Категорија:Лиснат зеленчук Категорија:Флора на Македонија