Androsace villosa — вид цветно растение кое припаѓа на родот Androsace, од семејството Јаглики (Primulaceae). Ова алпско растение е широко распространето во планинските предели на Европа и Азија и е многу популарно меѓу одгледувачите на алпска флора., pp. 78–79

Опис и распространетост Androsace villosa е повеќегодишно тревесто растение со долги столони, од кои вертикално излегуваат разгранети и збиени гранчиња со лисни розети на врвот, создавајќи перничести формации. Со должина од околу 2 см, темнокафеавите стебленца се безлисни и носат само една розета во својата основа. На нивните постари делови се сочувани остатоци од претходните розети, поставени во пршлени еден над друг на растојание од 1,5–2 см. На стеблото, долу на листовите, на дршката од соцветието, како и на брактеите и чашката, присутни се 1–2 мм долги свиленести влакна составени од повеќе клетки, а меѓу нив се забележуваат и многу кратки жлездести влакненца. Листовите се многубројни и образуваат полусферична розета. Тие се со должина од 5 мм и ширина од 1 до 1,5 мм, имаат линејно-ланцетна до ланцетна форма, целокраен раб и се приседнати. На горната страна се голи, додека на долната се прекриени со бели, свилести влакненца. Врвот им е заострен и завршува со снопче влакна, а по самиот раб се забележуваат долги влакненца. Дршката на соцветието е со должина од околу 3 см, вообичаено има црвеникава боја и на врвот завршува со штитче составено од неколку цветови. Брактеите се линејно-ланцетни, долги меѓу 4 и 6 мм и се подолги од самите цветни дршки, кои изнесуваат од 0,5 до 4 мм. Чашката има ѕвонест облик, долга е околу 4 мм и е длабоко насечена (околу две третини од нејзината должина), а по површината е прекриена со долги, бели свилести влакна. Чашкините запци се ланцетни и завршуваат со тапи врвови. Венчето е обоено во бела или розова боја. Неговата трубичка е со должина од околу 3 мм и постепено се проширува кон горниот дел. Слободните делови се со обратно-јајцевиден облик, целокрајни и образуваат пречник од 8 до 10 мм. Грлото на венечната трубичка има изглед на јака, опкружена со 5 испакнати структури во основата на расперениот дел од венчето. Антерите се поставени веднаш до отворот. Плодникот е сферичен со кратко столпче. Кутијката е издолжено-јајцевидна и нешто покуса од чашката.

Во Македонија расте на варовнички карпи, на височини од 1800 до 2700 метри. Се среќава на Шар Планина, Јакупица и Дудица.

Одгледување Androsace villosa често се одгледува во карпести градини (алпинуми). Во градинарството се застапени повеќе нејзини форми:

A. villosa var. arachnoidea има збиен (компактен) облик и повеќе волнести лисни розети. A. villosa var. taurica (син. A. taurica) има розови цветови со црвено око. A. villosa var. jacquemontii, потекнува од Хималаите на надморска височина над 3500 м; таа е столониферна и се шири формирајќи големи килими. Листовите ѝ се погусто прекриени со влакна, а цветовите се црвено-виолетови со зеленкасто-жолто око. Чувствителна е на влага во текот на зимата.

Галерија

Наводи

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Алпите Категорија:Флора на Европа Категорија:Планински растенија Категорија:Флора на Македонија