Свети Петар и Павле — главна селска црква во велешкото село Папрадиште, Македонија.

Црквата се наоѓа во самото село, а истата е прогласен за заштитен споменик на културата.

Местоположба

мини|300п|лево|Воздушен поглед на црквата

Црквата се наоѓа во горниот дел на селото и доминира со својата големина. Околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта.

Историја

За подигнувањето на црквата не постојат точни податоци. Иако е наведено дека била изградена од познатиот градител Андреј Дамјанов во 1875 година, а била зографисана од Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, сепак првите податоци се од 1901 година кога се споменува дека била извршена поправка/обнова на црквата. Најверојатно, постоела постара црква од каде се пренесени и дваесетината икони. Исто така, градител на црквата според усните преданија е Ѓорѓија Џонгар од самото село, кој водел своја тајфа.

Архитектура

Црквата е трикорабна градба, со полукружна апсида. Корабите се поделени со по четири столбови. Над средишниот кораб има три поголеми калоти, а над страничните по шест поплитки калоти. Во западниот дел е сместена галерија на спрат, т.н. „женска црква“.

Црквата е изградена од камен во долниот дел и е целосно малтерисана.

Живопис

Од старио живопис зачувани се бистата на Исус Христос во средишната калота и фреската со ликовите на патроните на црквата, Свети Петар и Павле, во нишата над јужниот влез, кои биле насликани од Димитар Андонов - Папрадишки во 1934 година. Останатиот дел од црквата е насликан во 1969 година од самоук сликар, Доне од селото Гари.

Икони и иконостас

Многу повреден е самиот иконостас на црквата, изработен во 1934 година од последните македонски зографи по потекло од Тресонче, Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски. Папрадишки изработил 25 икони, кои се поставени во иконостасот, како и 8 престолни икони на Зографски.

Иконите во црквата се направени од страна на двајца зографи, Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, кои долги години не биле одржувани и биле оставени во т.н. „женска црква“ во горниот дел на црквата, а дел од нив и на самиот таван, со што биле надвор од очите на јавноста и губеле на квалитет. Во 2011 година се започнал проект за реставрација на девет највредни икони од страна на Националниот конзерваторски центар во Скопје.

Состојбата на иконите надвор од иконостасот е во исклучително лоша состојба и било решено да се заштитат иконите посветени на Благовештение, Исус Христoс, Св. Петар и Павле, Св. Јован Крстител и Богородица со Исус. Во најголем дел овие икони се дело на Димитар Андонов - Папрадиште, а мал дел се од непознат автор, но сите се вредни.

Сепак, и иконите во иконостасот се соочуваат со проблеми, бидејќи самиот иконостас е нагризан од црвоточина. Во иконостасот се наоѓаат икони на Зографски, кои се во лоша состојба, нападнати од инсекти со голема веројатност да се уништат.

Во текот на 2013 година, биле конзервирани уште седум вредни икони со средства од Министерството за култура на Македонија.

Галерија

Поврзано Велешко архијерејско намесништво Богомилска парохија Папрадиште

Наводи

Надворешни врски

Информации за црквата — Управа за заштита на културното наследство

Папрадиште Категорија:Дела на Дебарската школа