Хасан бег Приштина (албански: Hasan Bej Prishtina; Вучитрн, Косово, 1873 - Солун, ) — албански политичар. Пред Првата светска војна, тој одиграл важна улога во албанското движење за независност. Во 1921 година, кратко време, тој бил премиер на Албанија.
Животопис Рани години Хасан бег Приштина потекнува од богато земјоделско семејство. Изучувал право во Истанбул. По Младотурската револуција од 1908 година е избран за пратеник во Османлискиот парламент. Приближно во тоа време го менува семејното презиме од Бериша во Приштина и ја додава кон своето презиме титулата „бег“.
По Албанското востание од 1910 година Хасан бег Приштина станува пратеник во османлиското собрание. Во 1912 година е раководител на Албанското востание од 1912 година, за време на кое нуди создавањето на албанско-македонска држава во Македонија, поддржан од британскиот конзул во Скопје. За време на Првата балканска војна Хасан бег се обидува да ја спречи поделбата на териториите населени од албанското население помеѓу Црна Гора, Србија и Грција.
Албанска независност и Прва светска војна Со објавувањето на албанската независност, Хасан-бег Приштина ја поддржал првата влада на Исмаил Ќемали, чија власт се протегала до Елбасан. Во 1913 година, тој добил за кратко време министерска должност, која реално не можел да ја извршува.
На 17 мај 1914 година, тој добил министерска должност од албанскиот кнез Вилхелм Вид. Избувнувањето на Првата светска војна довела до привремено исчезнување на Албанија од политичката карта на Европа. Поголемиот дел од војната, Хасан-бег го поминал во Италија.
Политичка кариера На крајот на војната, околу него било основано движење кое се противело на враќањето на Косово и Метохија кон Србија. Во октомври 1919 година, Хасан-бег заедно со косовската делегација го посетила Париз, со мисија да бара обединување на Косово и Метохија со Албанија. Делегацијата не била примена и сослушана од речиси никого.
Во 1920 година, тој учествува на конгресот во Лушње на кој учествуваат богати и авторитетни Албанци и има за цел изградба на силна повоена албанска влада. Во април 1921 година, тој избран од Дебарско (албански Долен Дебар) во албанското собрание. Застапувал политика за поддршка на косовските албански бунтовници. Бил политички противник на Ахмед Зогу, кој ја имал поддршката на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Истата година, Приштина склучил договор со претставниците на ВМРО Павел Христов и Александар Протогеров за заедничка борба против српската/југословенската власт во Вардарска Македонија и Космет, според кој Албанија треба да го добие поранешниот османлиски Новопазарски Санџак и Космет, а вардарскиот дел на Македонија да стане независна држава, додека поранешниот османлиски Дебарски Санџак бил спорен.
На 7 декември 1921 година, Хасан-бег Приштина е избран за премиер. Тој останал на оваа функција само неколку дена. Причина е интервенцијата на Ахмед Зогу, кој бил принуден да ги отстрани косовските Албанци националисти од собранието и владата за да избегне судир со Кралството СХС.
Во февруари 1923 година Хасан-бег и неговите најблиски приврзаници биле принудени да ја напуштат Албанија. Во летото 1924 година, настапила нова промена во албанската политика. Владата на Фан Ноли поддржила испраќање на една албанска делегација во Женева, во Друштвото на народите за поплаки против југословенските власти во Косово. Член на делегацијата бил и Хасан-бег Приштина.
Егзил и смрт Откако на крајот на 1924 година Ахмет Зогу ја преземал повторно власта во Албанија со помош на Кралството СХС, Хасан бег бил принуден да ја напушти Албанија засекогаш. Тој си купил куќа во Солун и останал таму да живее.
На 14 април 1933 година Иван Михајлов, Анте Павелиќ и Хасан-бег Приштина изработиле проект за сојуз меѓу ВМРО, усташите и Косовскиот комитет за борба против Југославија.Љубомир Костовски „Хасан Приштина: од иницијатор за балкански ослободителни сојузи до политичар во лошо друштво“ , „Глобус, 16.10.2012.Виктор Цветаноски, „Албанците - нивното минато, потеклото и обичаите (20)“ , „Утрински весник“, 13.12.2009.
Набрзо потоа, на 13 август 1933 година, тој бил убиен од страна на Албанецот Ибрахим Чело. Не се знае со сигурност дали се работи за крвна одмазда или за убиство по наредба на Ахмед Зогу. Погребан е во албански Кукуш.
Наводи
Категорија:Луѓе од Вучитрн Категорија:Албански политичари Категорија:Албански револуционери Категорија:Премиери на Албанија Категорија:Косовски Албанци Категорија:Отомански Албанци Категорија:Отомански политичари