Марио Манџукиќ (; р. во Славонски Брод) — поранешен хрватски фудбалер, кој играл на позицијата напаѓач. Тој е поранешен репрезентативец на хрватската репрезентација. Покрај тоа што е познат како плодоносен стрелец, тој е познат и по неговиот извонреден придонес во одбраната и неговата моќ во воздушните двобои.
Манџукиќ ја започнал својата кариера во Марсонија од родниот Славонски Брод, од каде што се преселил во два загрепски клуба: најпрво во НК Загреб, а потоа и во Динамо Загреб во 2007 година. Како член на Динамо Загреб бил најдобар стрелец во Прва ХНЛ во сезоната 2008-2009. Благодарение на неговите голгетерски способности, во 2010 година направил трансфер во редовите на Волфсбург. По одличното учество на Евро 2012, на коешто со три погодоци бил на делба на првото место на списокот на стрелците, Манџукиќ потпишал за Бајерн Минхен. Во неговата прва сезона во клубот, тој освоил три трофеи: Бундеслигата, Купот на Германија и Лигата на шампионите; притоа, тој станал првиот Хрват кој постигнал погодок во финале на Лигата на шампионите. Во 2014 година, Манџукиќ го напуштил Бајерн Минхен и потпишал за Атлетико Мадрид, а една сезона подоцна преминал во редовите на Јувентус за 19 милиони евра. Тој одиграл четири и пол сезони во клубот од Торино освојувајќи четири титули во Серија А, три Купа и два Суперкупа на Италија. По кратко време во катарскиот , во зимскиот трансферен период 2021 година потпишал за Милан.
На репрезентативно ниво, Манџукиќ дебитирал за хрватската репрезентација во ноември 2007 под водство на Славен Билиќ. Оттогаш, забележал повеќе од 80 репрезентативни настапи и учествувал на четири големи натпреварувања: европските првенства во 2012 и 2016, и светските првенства во 2014 и 2018 година, од кој на последното Хрватска отишла далеку сè до финалето во кое и покрај тоа што Манџукиќ постигнал гол загубиле од Франција со 4-2. Тој бил избран за Хрватски фудбалер на годината во 2012 и 2013 година.
Во Хрватска е познат по прекарот Манџо, меѓутоа за време на Европското првенство 2012 година со својте одлични настапи го заработил прекарот Супер Марио по истоимениот херој од видеоиграта.
Животопис Манџукиќ е роден во Славонски Брод на 21 мај 1986. Тој се преселил со своите родители во Германија во 1992 година, и живееле во градот Дицинген во близина на Штутгарт, бегајќи од Хрватската војна за независност. Семејството се вратило во татковината во 1996 година, кога војната веќе била завршена.
Неговиот татко, Mато, исто така бил фудбалер.
Технички одлики Суров напаѓач, бомбардер, цврст, во кариерата бил поставен и како втор напаѓач, крило на двете страни од теренот, а исто така, може да игра и како офанзивен играч од средниот ред па дури по потреба и како централен играч од средниот ред, позиција на која ја започнал својата кариерата. Погоден е за играње на противнапади, меѓутоа сепак Манџукиќ е играч за во шеснаесетникот физички силен, моќен, но исто така корисен, со силна глава, добар во играта во воздух, опремен со добра брзина, добар дриблинг и контрола на топката, вешт завршен удар, со голем инстинкт за гол има силен шут со десната нога, одлична отпорност, и неуморен во вршењето на притисок врз противничката одбрана. Во последно време често знае да помогне и на одбраната, нешто што беше една од неговите главни слабости во раниот дел од кариерата. Исто така во областа околу единаесет метри често знае да асистира за својте соиграчи најчесто спуштајќи им топки со глава.
Во споредба со Ален Бокшиќ (кој исто така играл за Јувентус), е класа играч, носи поголема креативност, тактички е поинтелигентен и е незапирлив во шеснаесетникот.
Се смета за еден од најсилните напаѓачи во последниве години.
Клупска кариера Почетоци, Марсонија, НК Загреб и Динамо Загреб Манџукиќ ги направил своите први фудбалски чекори во германскиот клуб ТСФ Дицинген. По враќањето во родниот град, тој продолжил да игра фудбал во екипата на Марсонија, поминувајќи ги сите младински категории во периодот 1996-2003, пред да дебитира за првиот тим во сезоната 2004-2005. Својата прва професионална сезона ја завршил со 23 настапи и 14 гола за Марсонија 2. ХНЛ. Во текот на летото на 2005, по наговор на Мирослав Блажевиќ тој се преселил во неговиот клуб, НК Загреб и во сезоната 2006-2007 тој го потпишал првиот професионален договор. Дебитирал за клубот на 29 јули 2006 година во победата со 1-3 против Камен Инград, натпревар во кој исто така го постигнал својот прв гол за новиот клуб, воедно прв и во Прва ХНЛ. Истото го повторил во следниот натпревар, постигнувајќи го решавачкиот погодок во победата со 0-1 против Славен Белупо. На 2 декември, тој постигнал гол во поразот со 2-1 во дербито против Динамо Загреб. Својата прва сезона во Првата лига на Хрватска ја завршил со 9 одиграни натпревари и 3 постигнати гола.
thumb|left|Манџукиќ во периодот додека настапувал за Динамо Загреб.
Во сезоната 2007-2008 преминал во редовите на Динамо Загреб за 1,5 милиони €, во обид да го замени во нападот Едуардо. Дебитирал во "модриот" дрес на 21 јули 2007 во победата со 5-0 на домашен терен против Шибеник, каде што исто така го одбележал својот прв гол за Динамо. На 7 август 2007 дебитирал во Лигата на шампионите, во натпреварот од прелиминарната рунда против Домжале во кој Динамо славел победа со 3-1. На 1 септември, за првпат во кариерата постигнал два гола во еден натпревар, во победата со 1-3 во дербито против својот поранешен клуб НК Загреб. На 4 октомври, го направил своето деби во Купот на УЕФА, во победата со 2-3 на гостувањето кај Ајакс, каде што постигна два гола негови први во европските натпреварувања. Сезоната ја завршил со вкупно 38 натпревари и 14 погодоци.
Следната сезона ја започнал со настап во првото коло од првенството на 3 август во победата со 3-1 на домашен терен над Интер Запрешиќ. На 17 август, во натпреварот Динамо Загреб - Цибалија 6-0, го постигнал својот прв хет-трик во неговата кариера. На 16 јули во натпреварот од првиот круг на квалификациите за Лигата на шампионите против северноирскиот Линфилд постигнал гол во победата со 0-2. Тој исто така бил стрелец и во реваншот во ремито 1-1. На 18 септември, го одиграл својот прв натпревар за сезоната во Купот на УЕФА, во ремито без голови против Спарта Прага. Во неговиот трет настап го постигнал својот прв гол во ова натпреварување, во победата со 3-2 над НЕК. Својата втора сезона во Динамо ја завршил со 46 настапи и 20 гола во сите натпреварувања, а бил и најдобар стрелец во Првата хрватска лига со 16 голови.
И покрај силниот интерес на странските клубови за него, загрепската екипа одлучила да го задржи и да се потпре на него во нападот за трета последователна сезона. Првиот натпревар за сезоната 2009-2010 Манџукиќ и Динамо го имале на 14 јули 2009 во ремито без голови против Пјуник во Лигата на шампиони; во реваншот во Загреб седум дена подоцна, тој го постигнал првиот гол за својот тим во победата со 3-0. Новото првенство на Хрватска го започнал со два постигнати гола во победата со 7-1 над Истра 1961 на домашен терен. На 27 февруари 2010 година тој го постигнал својот втор кариера хет-трик во победата од 6-0 дома против Кроатија Сесвете. Сезоната ја заклучил со 38 натпревари и 17 погодоци.
Волфсбург На 14 јули 2010, по три сезони во Динамо Загреб, Манџукиќ се преселил во Германија потпишувајќи четиригодишен договор со Волфсбург. Висината на трансферот изнесувала околу 8 милиони евра. Манџукиќ пристигнал во клубот по наредба на тренерот Стив Мекларен, кому се допаднал фактот дека хрватот веќе знаел германски. Своето деби за "волците" го направил на 15 август 2010, во победата на гости против Мунстер со 1-2.Preußen Münster-VfL Wolfsburg 1-2 (0-0) Пет дена подоцна дебитирал во Бундеслигата во поразот на Алијанц Арената од Бајерн Минхен со 2-1; на почетокот од второто полувреме тој ја погодил стативата од голот на Бајерн при резултат 1-0 за баварците. Во првиот дел од сезоната најчесто играл како крило или како втор напаѓач зад босанецот Един Џеко во формација 4-2-3-1 и во таа улога не успеал да се пронајде, така што останал без ниту еден постигнат погодок во првиот дел од сезоната. Меѓутоа во зимскиот преоден рок Џеко го напуштил Волфсбург и се преселил во Манчестер Сити, а новиот тренер Пјер Литбарски кој ја презел функција како привремена замена по заминувањето на Стив Мекларен во февруари 2011, продолжил да го користи по страничните позиции. Својот прв погодок во Бундеслигата го постигнал на 12 март 2011 во победата со 1-2 на гостувањето кај Нирнберг во неговиот последен натпревар кој го започнал како крило. Со доаѓањето на Феликс Магат, Манџукиќ бил преместен на неговата природна позиција, што веднаш донело резултат откако тој постигнал 7 гола во последните 6 натпревари од сезоната. Својата прва сезона во Германија во дресот на Волфсбург ја завршил со вкупно 27 натпревари и 8 гола.
Својата втора сезона во клубот ја започнал како напаѓач во тандем со Патрик Хелмес во формација 4-3-1-2. Новата сезона ја отворил со две асистенции во победата со 3-0 на гостувањето кај Келн. Своите први голови (два) ги постигнал во петтото коло од првенството, помагајќи му на својот тим да дојде до победа над Шалке 04 со 2-1 на 11 септември 2011. Во периодот од 1 октомври до 29 октомври постигнал вкупно 5 гола во четири првенствени натпревари по ред против Бајер Леверкузен (3-1), Нирнберг (2) (2-1), Хамбургер (1-1), Херта (2-3). Сезоната ја завршил со 32 првенствени настапи и 12 гола и еден настап во купот. Со своите 12 гола бил најдобар стрелец на клубот за сезоната 2011-2012, но исто толку постигнал и Хелмес.
Бајерн Минхен thumb|left|upright=0.75|Манџукиќ во Бајерн Минхен во 2012. На 27 јуни 2012 по одличните настапи на Евро 2012, каде што тој постигнал три гола и бил најдобар стрелец на турнирот заедно со уште 5 играчи, Манџукиќ преминал во Бајерн Минхен за сума од 13 милиони евра, потпишувајќи тригодишен договор за годишна плата од 3,5 милиони €, плус опција за четврта година. Првично тој требало да биде втор избор во нападот зад Марио Гомес но по повредата на германецот пред почетокот на сезоната, Манџукиќ избил во почетниот тим на баварците предводени од Јуп Хајнкес.
Своето прво појавување за Бајерн во официјален натпревар Манџукиќ го имал на 12 август, постигнувајќи гол после само шест минути игра против тогашниот Бундес-првак Борусија Дортмунд (2-1), со што му помогнал на неговиот тим да победи и да го освои Суперкупот на Германија. Само осум дена подоцна тој постигнал два гола во победата над Јан Регензбург во Купот на Германија. Својот прв гол во Бундеслигата за Бајерн го постигнал против екипата на Гројтер Фирт во првото коло од првенството, а веќе следното коло додал уште еден во победата со 6-1 против Штутгарт. Манџукиќ продолжил со одличната форма во лигата достигнувајќи до 8 гола во првите 9 натпревари. На 19 февруари тој го постигнал својот прв гол во Лигата на шампионите во својата кариера (не сметајќи ги квалификациските натпревари) во победата со 1-3 на гостувањето против Арсенал во Лондон во првиот натпревар од осминафиналето. На 6 април со Бајерн ја освоил титулата во Бундеслигата (23. титула на баварците) на шест кола пред крајот на првенството. На 25 мај 2013 година за првпат во својата кариера ја освојува и Лигата на шампионите, благодарение на победата со 2-1 против Борусија Дортмунд во финалето, а тој бил стрелец на првиот гол за Бајерн за моменталнен резултат 1-0. На 1 јуни 2013 година тој исто така го освоил и Купот на Германија со својот клуб, комплетирајќи ја тројната круна за сезоната 2012-2013, во која одиграл вкупно 40 натпревари во сите натпреаврувања и постигнал 22 гола.
Својата втора сезона ја започнал со мали проблеми при прилагодувањето на системот на игра на новиот тренер на Бајерн, Пеп Гвардиола. На 30 август го одиграл целиот натпревар во Суперкупот на УЕФА во кој Бајерн бил поуспешен од Челси со 7-6 на пенали, освојувајќи уште еден трофеј во својата кариера. До крајот на сезоната освоил уште три други титули со баварската екипа, ФИФА Светското клупско првенство, Бундеслигата и Купот на Германија.