Дабјани — раселено село во Општина Долнени, во областа Прилепско Поле, во околината на градот Прилеп.
На местото на коешто се наоѓало селото денес се среќаваат само остатоци.
Географија и местоположба Селото се наоѓа во северниот дел на Прилепското Поле, во средишниот дел од територијата на Општина Долнени. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 605 м. Неговиот атар зафаќа површина од 4,5 км2.
Дабјани е мало село, сместено помеѓу Бело Поле, Средорек, Ропотово, Жабјани и Сарандиново. Околината е под ниви, ливади и пасишта. Во минатото, водата за пиење доаѓала од бунари.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мера, Гола, Сабјица, Дери Вол, Шарен Петел, Пејоица, Никоа Ливада, Висои, Бисен Вир, Вирови, Чепина и Црна Земја.
Историја Дабјани се смета за многу старо село. Во него некогаш постоела и црква, од која денес нема никакви видливи остатоци. Околу црквиштето има поголем број гробови. Селото се спомнува во Слепченскиот поменик од XVII–XVIII век.
Како и сите околни населби, во отоманско време Дабјани било чифлиг, чии сопствениците биле Турци. Од Турците сета земја („деветстотини слогови“) ја купил некојси Влав Капка од Крушево. Подоцна, тој со своите синови се иселил во Солун. Капковите синови Ристо, Никола и Ташко во селото имале три кули. Тие лете доаѓале да го соберат својот дел на производите. Дабјани припаѓало на споменатите сопственици до 1948 г.
Во 1948 г. државната власт ја национализирала земјата на Капковци. Од таа земја и од земјата на околните села било основано државното добро „Пецо Даскалот”, така што Дабјани престанало да постои. Преостанатите селски родови се иселиле во с. Бело Поле.
Гробиштата на иселените селани лежат околу 500 м источно од селото. При неговата посета во јули 1954 година, антропологот Јован Трифуноски забележал дека таму се познавале околу 30 добро зачувани гробови од камени плочи, а некои имале и крстови. Во Дабјани сѐ уште постоеле неколку порушени куќи, како и една приземна зграда за чување на земјоделски алат. Во оваа зграда живееле две бегалски семејства од Егејска Македонија.
Население
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Дабјани е село со 19 домаќинства и 87 жители Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 76-77.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дабјани имало 130 жители, сите Македонци.Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. стр. 246.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Дабени се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 11 куќи.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година Дабјани е село со 56 жители Македонци.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало од 25 до 50 Македонци.
Селото е целосно раселено по 1953 година, кога броело само 11 жители, Македонци.Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат . Државен завод за статистика.
Според пописот од 2002 година, во селото Дабјани немало жители. Истото било потврдено и на пописот во 2021 година.
Иселеништво Целосно се иселиле последните селски родови Кобиловски (2 к.), Ристески (1 к.), Димоски (1 к.) и Рувчевски (1 к) во соседното село Бело Поле во 1948 г. Постари иселеници во Бело Поле се Чораповци (4 к) од 1922 г. и Слабаковци (5 к) и Љасковци (1 к) од 1927 г. Родовите Бурчески (1 к) и Дајковци (4 к) се иселиле во 1922/23 г. во Кутлешево.
Самоуправа и политика Во XIX век, селото било дел од Прилепската Каза на Отоманското Царство.„Дабјани“. OldPrilep. 19 октомври 2014.
Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1952 година.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Раселени села во Македонија Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Долнени