мини|десно|260п|Две цигари Цигарата претставува мала ролна од тенка хартија, во форма на цилиндaр, во која има завиткано прецизно исечени ливчиња тутун. Цигарата се пали на едниот крај и почнува да гори; димот се вдишува од другиот крај, кој се држи во или до устата, а понекогаш се користи и држач за цигари (чибук). Современите цигари содржат филтер и се направени од преработен тутун и други адитиви.

Поимот цигара се употребува често и се однесува на цигара која содржи тутун, но понекогаш се употребува и за цигари кои содржат други билки, како на пример каранфилче и канабис. Цигарата се разликува од пурата по тоа што е помала, направена е од преработени ливчиња тутун и е завиткана во бела хартија (иако понекогаш хартијата може да е и во друга боја). Пурите најчесто се направени од цели ливчиња тутун.

Откако првпат влегле во широка употреба во средината на 19-иот век, размерот на употреба на цигарите постојано варира и значително се менува во текот на историјата. Додека бројот на пушачи се стабилизирал или опаѓал во развиениот свет, тој продолжува да расте кај нациите во равој.

Краток преглед

Никотинот, основната психоактивна хемикалија во тутунот, според тоа и во цигарите, создава психолошка зависност, но не и физиолошка ( при прекин со консумирање на цигари, не доаѓа до соматски синдром на повлекување во себе, каков што предизвикуваат дрогата или алкохолот). Според статистиките, секоја испушена цигара го намалува животниот век на пушачот за 11 минути. Скоро една половина од пушачите умираат од болести предизвикани од цигарите и во просек губат по 14 години од животот. Кај бебињата на трудниците-пушачи се појавуваат вродени мани, како и психички и физички пречки во развојот. Докажано е дека димот од цигарите е штетен и за пасивните пушачи, па затоа е донесен Закон за забрана на пушење во работни простории и јавни места.

Новите истражувања покажаа дека димот од трета рака, оној кој пасивните пушачи го пренесуваат на трето лице, ја зголемува веројатноста за појава на заболувања на белите дробови. Цигарите се најчестиот извор на пожари во приватните домови. Тоа ги натера Соединетите Американски Држави и Европската Унија да ја забранат употребата на цигари кои тешко се изгаснуват.

Историја

Најраната форма на цигари, не се разликувала од пурите. Во 9-иот век во Средна Америка, цигарите се употребувале во форма на трски и цевки. Маите, а потоа и Ацтеките, пушеле тутун и разни психоактивни наркотични средства за време на религиозни ритуали, а на керамички гравури и на резби во храмовите се прикажани свештеници и богови кои исто така пушат. До скоро време, цигарите и пурите биле најчестите производи кои се пушеле во Мексико, Средна и Јужна Америка и на Карибите.

Во Јужна и Средна Америка, за завиткување на цигарите се користеле разни растенија, во Шпанија се користела пченката, а од 17-иот век, почнала да се употребува тенка хартија.

Во 1830 година, цигарите се појавиле во Франција, каде и го добиле името (француски: cigarette) и во 1945 година, францускиот тутунски монопол почнал да ги произведува.

Во земјите од англиско говорно подрачје, употребата на тутунот станувала сè помасовна за време на Кримската војна и по нејзиниот завршеток, кога Британците почнале да ги имитираат своите пријатели Османлиите и руските непријатели, кои го виткале тутунот во парчиња од стари весници, затоа што немале соодветна хартија за цигари. Употребата на цигарите се зголемила и со појавата на соодветен тутун и со развојот на египетската индустрија за извоз на цигари.

Во почетокот димот од цигарите не се вдишувал , исто како при пушењето на лулињата и пурите. Кога тутунот станал понежен и покисел, димот од цигарите почнал да се вдишува.

Германскиот маршал Молтке (германски: Moltke), забележал дека Отоманите, го вдишувале димот од нивните лулиња. Распространетото пушење на цигари во Западниот свет, претставува голем феномен во 20-иот век. Во почетокот на векот, во САД, годишниот просек изнесувал 54 цигари по човек (помалку од 5% од населението пушело по 100 цигари годишно). Потрошувачката во Америка го достигнала својот максимум во 1965 година, кога годишната потрошувачка изнесувала 4.259 цигари, по човек. Во тоа време околу 50% од машката и 33% од женската популација биле пушачи. До 2000 година, потрошувачката опаднала на 2,092 цигари по човек годишно, што значи дека 33% од мажите и 20% од жените пушеле повеќе од 100 цигари годишно. До 2006 година годишната потрошувачка се смалила на 1.691 цигари по човек, односно, 21% од населениото пушело повеќе од 100 цигари годишно.

Германските доктори први ја откриле поврзаноста меѓу пушењето и ракот на белите дробови и тоа довело до основање на првото движење против пушењето во нацистичка Германија.

За време на Првата и Втората светска војна, на војниците им биле делени цигари, а за време на Виетнамската војна, цигарите им биле послужувани заедно со оброците. Во 1975 година, владата на САД престанала да ги дава цигарите како дел од војничките следувања.

Во втората половина од 20-иот век, лошиот ефект кој го имаат цигарите врз здравјето бил широко познат, па на кутиите од цигарите биле пишувани предупредувања. Предупредувањата биле распространети, но не и популарни, најмногу поради политичкото влијание кое го имале одгледувачите на тутун. Соединетите Американски Држави, сè уште немаат воведено графички натписи за предупредување на цигарите, за кои се смета дека се поефикасен начин да ѝ се објасни на јавноста опасноста од цигарите. Во Канада, Тајланд, Малезија, Индија, Австралија, Бразил, Нов Зеланд, Обединетото Кралство, Франција, Романија, Сингапур и Турција, се употребуваат и текстуални и графички предупредувања, визуелни слики со кои се покажува како цигарите го уништуваат човечкото тело.

Цигарите значително се сменети од нивниот зачеток. На пример, тенките линии, кои патуваат попречно кон "оската на пушењето", се наизменични парчиња од тенка и дебела хартија, која овозможува побрзо горење на цигарата кога димот се вовлекува и нејзино побавно горење кога мирува. Синтетичките филтри отстрануваат мал дел од катранот, пред тој да стигне до пушачот. Не сите цигари се направени од хартија, некои се од пластика или од гума.

Производство

Модерно изработените цигари се навидум едноставни производи, кои се составени главно од мешавина на тутун, хартија, лепило, кое го поврзува надворешниот слој хартија и целулозен филтер. Цигарите се наместени праволиниски во кутијата. Големо внимание се посветува на создавањето на секоја посебна цигара, особено на мешавината на тутун, која може да содржи над 600 состојки, од кои повеќето му даваат вкус на тутунот. Главната состојка, со која цигарите предизвикуваат зависност, е преработениот тутун, кој содржи адитиви кои го прават никотинот лесно испарлив, кога цигарата е запалена.

Хартија

Хартијата во која се витка тутунот, може да се разликува во порозноста, со што се овозможува вентилација на жарта, или може да содржи материјали кои го контролираат степенот на горење на цигарата и постојаноста на создадената пепел. Хартијата која го обложува филтерот го заштитува од плунката и го контролира горењето на цигарата, како и пренесувањето на димот, со помош на една или две низи од мали, ласерски издупчени воздушни дупки.

Според Сајмон Чепмен (англиски: Simon Chapman), професор по здравство на Универзитетот во Сиднеј, потикнувачите на процесот на горење на цигарата, кои се наоѓаат во хартијата, се причина за голем број пожари и нивното отстранување би било едноставен и ефикасен начин да се намали запаливоста на цигарите.

Уште во осумдесеттите години, истакнати производители на цигари како што се Филип Морис (англиски: Philip Morris) и Р. Џ. Рејнолдс (англиски: R. J. Reynolds), создале потешко запаливи цигари, но не ги пуштиле во продажба. Запаливоста на хартијата од цигарите се регулира преку додавањето на различни видови на микро кристална целулоза во неа. Хартијата од цигарите е специјално конструирана со создавање на групи со различна порозност, со цел да се добијат безбедни цигари. Овие цигари горат побавно кога не се пушат и со тоа се овозможува сами да се изгасат. Безбедната хартија се добива со механичко менување на поставувањето на смесата.

Њујорк била првата држава од САД која наредила сите цигари кои се произведуваат и продаваат да го исполнуваат стандардот за безбедност. Истото го сторила и Канада.

Мешавина од тутун

Процесот на мешање му дава постојан вкус на крајниот производ, кој е збир од повеќе видови тутун кои се одгледувани во различни подрачја и може да го сменат својот вкус со текот на годините, поради различни услови во животната средина.

Во модерните цигари, кои се произведени по педесеттите години и се состојат главно од исечени ливчиња тутун, се употребува значително големо количество на обработени нуспроизводи во мешавината. Секоја мешавина на тутун во цигарата, најчесто се состои од листови од светлолисен тутун исушен на пламеник, берлеј и ориентален тутун. Листовите се одбираат, обработуваат и одлежуваат, пред да се помешаат и наполнат во цигарата. При обработката на светлолисниот тутун и берлејот, се добиваат неколку нуспроизводи како на пример дршките од листовите, тутунов прав и парчиња од листовите на тутунот. За да се подобри економичноста при произведувањето на цигари, овие нуспроизводи одделно се преработуваат во облик во кој подоцна повторно ќе може да се додаде во мешавината од тутун, без да го променат квалитетот на цигарата.

Во последниве години произведувачите сакаат да постигнат максимална заработка и во мешавината од тутун ги употребуваат не само листовите тутун, туку и рециклираниот отпад од тутунот и стеблата од растенијата. Стеблото се крши и се сече за да наликува на лист, пред да се измеша заедно со исечените листови. Според податоците на Светската здравствена организација (англиски: World Health Organization), количината на тутун која се употребува за да се направат 1000 цигари во 1960 година изнесувала 1.03 килограми, а во 1999 година 0.41 килограми. Овој пад во количината на тутун е настанат како резултат на употребата на преработен тутун и адитиви.

Адитиви

Според рецептот, оформената комбинација од светлолисен тутун, берлеј и ориентален тутун се меша со навлажувачи, на пример пропилен гликол или глицерол, како и со производи со вкус и засилувачи, како состојки од какао, шеќерна репка, екстракт од тутун и различни видови на шеќери. Потоа, во мешавината од тутун се додава вкус или арома на парфем, кои ја подобруваат постојаноста на вкусот на цигарите кои се поврзуваат со одредена марка. Додадените ароми го заменуваат вкусот кој е изгубен за време на процесот на наводнување и сушење на тутунот. На крај, со оваа мешавина од тутун се полнат цигарите и се пакуваат.

Пет големи американски компании за цигари, направиле список од 599 адитиви кои се додаваат во цигарите. Во април, 1994 година, овој список го одобрил Одделот за здравство и социјални услуги. Ниту еден од овие адитиви не се наведуваат во списокот на состојки, на кутијата од цигарите.

Хемикалии се додаваат поради органолептични причини, а многу од нив ги зголемуваат својствата на цигарите кои предизвикуваат зависност, особено кога согоруваат.

Една од хемикалиите на списокот е амонијакот. Тој овозможува врзаните молекули од никотин во цигарите да се претворат во слободни молекули од никотин. Овој процес го зголемува ефектот на никотинот врз пушачот.

Оданочување