Бешиште — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на селото
мини|300п|лево|Поглед на селото
Името на селото како Бешишта првпат е споменато во документи од век (1467-68 г.), додека понатаму се споменува и како Бешиште, Бесиште и Бешишча. Името доаѓа од ојконимот Бесвица и додавката -иште со значење „место каде што се наоѓа(ла) Бесвица“ или од личните имиња Бех или Беш (Бешо), што е изведено како „село што му припаѓало на Бех(ш)“. Сепак, ниту еден историски запишан податок ниту предание кај населението не споменува ваков облик на името ниту пак постоење на село Бесвица во околината, ниту пак врски со тиквешкото село Бесвица. Исто така, споменатите лични имиња не се познати во историските записи за овој крај и за Македонија.
Според една легенда која ја кажуваат мештаните името потекнува од турскиот збор за бројот пет („беш“), а него го дале арачлиите кои доаѓале да собираат данок од селото со пет куќи. Сепак низ историјата Бешиште отсекогаш било едно од најголемите мариовски села, во кои сѐ до последниот период на отоманското владеење, воопшто не доаѓале Турци по никаква основа.
Иако во селото никогаш не живеело турско население, можно е неговото име да потекнува од турскиот збор бешик што значи „колевка“ што пак одговара на изгледот на селото со изразита издолженост во распореденоста на куќите во долот во кој е сместено, поради што тоа има изглед како да е во колевка. Друга претпоставка што соодветствува на условите од теренот е дека името може да потенува од македонскиот глагол „беси“ поради обесени бунтовници од Мариовската буна, чиј водач бил од блиското соседно село Сатока (денес во бешишкиот атар) или пак од изгледот на малкуте дрвја кои изгледаат како обесени на рабовите на падините над селото.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Воздушен поглед на селото Бешиште
Селото се наоѓа во прилепскиот дел на областа Мариово, во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Новаци, како и со мал дел со државната граница со Грција. Поточно, Бешиште се наоѓа во ридско-планинскиот дел на Големо или Старо Мариово од десната страна на Црна Река. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 900 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 43 километри. Селото е сместено во дол на подножјето на планината Козјак помеѓу двата гребени (ридови) Скрка со врвот Панделе (1.344 м.) од исток и Амот (1.059 м.) од запад.
До селото води регионалниот пат 2338, а истиот се двои од асфалтираниот регионален пат 1107 непосредно пред манастирот во Мелница. Патот до крстосницата за селото Полчиште е делумно асфалтиран, а потоа кон Бешиште продолжува како широк и натапкан земјен пат.
Бешиште претставува село од збиен тип со изразита издолженост во распореденоста по куќите во долот во кој е сместено. Селото се наоѓа токму во средината помеѓу мариовските села Манастир на северозапад, Зовиќ на југозапад, Градешница и Старавина на југ, Полчиште на исток, Витолиште на североисток и раселеното село Мелница кај познатиот манастир „Св. Илија“.
Историја
мини|300п|десно|Стара историска фотографија на селото
Најстариот запис во кој се споменува селото под името Бешишта потекнува од втората половина на век, односно од турските пописни дефтери од 1467-68 година, а под сегашното име Бешиште се споменува во турските документи и во век во 1568-69 година. Во овој средновековен период во селото живееле 26 семејства во 1476/77, во 1481/82 биле попишани 34 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 82 домови во 1519 година, па потоа опаѓање на 71 домаќинство во 1528/29 и мал пораст на 75 во 1544/45 година.
Во овој период Бешиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската Каза и било едно од поголемите и најбогати мариовски села, кое се занимавало со производство на јачмен, градинарство и лозарство, за што тоа плаќало и највисоки годишни давачки.
Во атарот и близината на селото, недалеку по земјениот пат јужно од Бешиште се наоѓа манастирската црква „Св. Петка“ крај реката Сатока, на местото каде што некогаш во минатото постело истоименото село, од каде што бил Димитри Стале, еден од водачите на познатата Мариовска буна од 1564-65 година.
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 година за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Бешиште запишал дека имало 125 куќи и стара црква „Св. Илија“.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во времето на револуционерните и народно-ослободителни борби во Мариово била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Бешиште било до линијата на нејзината граница, а од овој крај бил Трајко Бешот, кој бил началник на првиот обласен комитет на ТМОРО создаден во соседното село Полчиште.
Како и цело Мариово така и Бешиште поради близината на линијата на познатиот Солунски фронт настрадало многу за време на Првата светска војна.
По Втората светска војна сѐ до шеесеттите години на XX век, растел бројот на населението на Бешиште при што тоа достигнало најголем број во 1953 кога имало 1.228 жители од кога поради неповолните развојни економски политики започнал големиот бран на иселување кој довел до тоа денес селото да биде пред целосно раселување.
Стопанство
300п|мини|десно|Куќи на влезот во селото Бешиште
Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 67,1 километар квадратен. На него пасиштата заземаат површина од 2.867,9 хектари, на шумите отпаѓаат 2.038 хектари, а на обработливото земјиште 1.700,8 хектари.
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во минатото, во селото работеле продавници и земјоделска задруга.
Најзастапена стопанска дејност во Бешиште и неговиот атар е сточарството, односно одгледувањето на значаен број стада овци коишто преку целата година се напасуваат на бујните ливади непосредно околу селото. Во помал обем се одгледуваат и кози. Од добиените и помешани видови на млеко се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење.
Во минатото во селото биле доста развиени и поледелството, градинарството, лозарството и пчеларството, кои поради наглото иселување и малиот број преостанати жители се речиси целосно напуштени. Во сосема мали размери се одгледуваат жита претежно пченица, ’рж и јачмен и сточна храна. Дел од некогашните жители кои сѐ уште ги посетуваат и престојуваат во своите куќи и имоти, се занимаваат и со пчеларство и производство на ливадски мед, како и со одгледување на градинарски производи како пиперки, патлиџан (домат), кромид, краставица, марула во дворовите за тамошни сопствени потреби. Некои жители и иселеници се занимаваат и со собирање и продажба на печурки на големо и шумски плодови.
На патот, непосредно пред раскрсницата кон Бешиште и Полчиште, постои ископ на камен и погон со стовариште за градежен камен и материјали.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бешиште живееле 360 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бешиште имало 1280 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 116-117.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Бешиште се водело како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 157 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950 Македонци.
Според бројот на жителите Бешиште во минатото било големо село, но силниот бран на иселување кое го зафатило Мариово не го одминало и ова село, поради што тоа станало мало село. Така, во 1961 година селото броело 1.171 жител, а во 1994 година бројот на населението се намалило дури на 93 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото Бешиште броело 22 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 14 жители, сите Македонци.
Родови
Селото Бешиште отсекогаш па сѐ до денес во целост е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Поради оддалеченоста и непристапноста на целиот мариовски крај, речиси сите родови во селото се староседелски или пак потекнуваат од предци кои повремено се преселувале во разните околни мариовски села како Полчиште, Витолиште, блиското и одамна раселено село Сатока, Чаниште и други.
Македонски родови и семејства кои живеат и се од Бешиште се: Врглевци, Гајтановци, Аспровски, Митревски, Ѓорговци, Муневци, Шамоски, Куневски, Милошески, Чакрески, Мирчевски и Поповски.
Иселеништво
Најголем дел од населението на Бешиште е иселено во градовите Прилеп, Битола и Скопје, а има иселеници и во прекуокеанските земји, односно во Австралија.
Општествени установи
Поранешно основно училиште Поранешен дом на културата
Самоуправа и политика
Во век, Бешиште било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Бешиште, се наоѓале и селата Витолиште, Врпско, Живово, Манастир и Полчиште. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година. Во периодот 1945-1952 постоела Општина Бешиште во која влегувале селата Бешиште, Манастир и Полчиште.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1528 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на месната заедница. Во ова избирачко место е опфатено и селото Манастир.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Горни Лозја — населба од римското време; Огради — средновековна населба; Турчија — средновековна некропола; Врља Грамада — населба од праисториско време; и Гробишта — некропола од непознат период.
Цркви Црква „Св. Петка“ — главна селска црква;Ограбена црквата Св. Петка во прилепско Бешиште на страницата на Макфакс. и Црква „Св. Петка“ — манастирска црква во некогашното село Сатока.
Манастири Саточки манастир — манастир во рамките на денешниот атар на селото.
Реки Бешишка Река — помала река која поминува покрај селото
Редовни настани
Слави Петковден — селска слава која што се прославува со црковно-народен собор на кој присуствуваат жителите, иселениците и нивните потомци, како и голем број на гости
Личности
Родени во Бешиште Стојан Цицов — македонски револуционер, подоцна грчки андарт; и Стана Митрова Дуревска (1912-) — учесник во НОВ на Македонија и носител на Орден заслуга за народ.
Култура и спорт
Во текот на постоењето на фестивалот Mariovo Off-Road Experience, селото Бешиште било посетувано од велосипедистите на двете тури секоја година на крајот од месец мај, при што тоа претставувало и точка каде што нивните патеки се разделуваат. Пред селото Бешиште стоел пунктот за освежување со вода, пијалаци и останати намирници, од каде што големата тура свртувала кон десно и продолжува кон Градешница, додека малата тура се враќала назад и продолжувала кон Витолиште.
Галерија
Поврзано Општина Прилеп Мариово
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Прилеп