Карловце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

Населбата се наоѓа во областа Козјачија, во северниот дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, од левата страна на реката Пчиња. Селото е раштркано и има ридски карактер, чии маала се издигаат на надморска височина околу 405 метри. Од градот Куманово селото е оддалечено 30 километри.

Селото се наоѓа мала висорамнина, лево и десно од долината на реката Бистрица, притока на Пчиња.

Атарот е мошне мал и зафаќа површина од само 2,8 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 132 хектари, на пасиштата отпаѓаат 110 хектари, а на шумите само 29 хектари.

Карловце е село од разбиен тип. Десно од Бистрица се маалата Тодоровци (3 к.) и Ќелинци (2 к.), додека лево од неа се маалата Ридарци (6 к.) и Стојановци (3 к.).

Историја

На атарот на Карловце нема остатоци на старини. Населбата спаѓа во релативно младите села во Кумановско. Основачи биле две домаќинства од кои потекнуваат денешните родови, Ќелинци и Стојановци, кои се доселиле од негде, веројатно во првата половина на век.

Карловце најпрвин се наоѓало во дното на долината на Бистрица, месноста Грашиште. Таму се наоѓало до 1870 година. Потоа, жителите се поделиле на маала.

Во XIX век, Карловце било христијанско село во рамките на Кумановската Каза на Отоманското Царство.

До 1912 година, селото било подложни на грабежи од Арбанаси од селата Мутилово и Бугариња од Прешевско. Најчесто краделе волови и овци.

Стопанство

мини|300п|десно|Одгледување овци во селото мини|300п|десно|Поглед на селото мини|300п|десно|Изолирана куќа, дел од селото

Селото има полјоделско-сточарска функција.

Поради лошите услови во селото, неговите жители честопати оделе на печалба. Во текот на отоманскиот период, оделе во Романија и Бугарија како пекари и ѕидари. Во текот на двете светски војни оделе во Србија, а по завршувањето на Втората светска војна се одело во Германија.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Карловце имало 126 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Карловце имало 120 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.

Карловце е мала населба, која што во 1961 година броела 77 жители, а во 1994 година само 16 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Карловце имало 11 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, од кои 4 Македонци и 1 лице без податоци.

Родови

Малобројното население на Карловце потекнува од предоците на доселените. Родови се: Ќелинци (2 к.) и Стојановци (2 к.), слават Свети Никола; Тодоровци (3 к.), слават Свети Никола, со потекло од селото Бајловце, го знаат следното родословие: Ѓоргија (жив на 70 г. во 1970 година) Илија-Каравил, кој се доселил; Раманчани (4 к.), слават Свети Архангел, доселени во 1912 г. од селото Рамно; Иванковчани (2 к.), слават Свети Архангел, доселени помеѓу двете светски војни од Иванковци во Горна Пчиња.

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Карловце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце.

Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.

Иселеништво

Родот Гарејци (4 к.) се иселил во соседното Степанце. Во поново време, иселувањата биле кон градот Куманово.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане