М’гленце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото
Селото се наоѓа во крајниот северен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во најсеверниот дел од ридско-планинската област Козјачија, чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 620 до 920 метри, а од градот Куманово е оддалечено 44 километри.
До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 на две места, односно може да се стигне до него преку селото Малотино или преку селото Рамно.
Селото се наоѓа лево од Мала Река, на северната падина на Козјак. Околни села се некогашното село Иванковац, Рајчевце и Шумата Трница. Водата за пиење доаѓа од извори, кладенци и два бунара. Попознати извори во атарот и во селото се Царица, Војводица, Голем Дол, Иваново Ливадче, Рупа, Бујак, Габер, Стојчески Кладенец и Чешмиче.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бујак, Голем Рид, Градиште, Огледник, Загузина, Забел, Шилегарник, Гумништа, Вичо Ториште, Козјак, Рутин Преслап, Царица, Војводица и Неделков Сењак.
Селото има разбиен тип и е поделено на седум издвоени маала: Бујак, Голем Рид, Загузина или Дунчанско, Гумнишка, Дедовац, Горно Маало или Старо Село и Долно Маало. Најиздвоено е Бујак, кое дури може да се смета и за посебно село, бидејќи има и свои месности. Останатите маала се поблиску едно до друго. Во маалата куќите не се групирани, па и помеѓу нив има растојание од 200 до 500 метри.
По народното кажување, околу 1850 година селото било збиено и тогаш се состоело само од Горно Маало или Старо Село. Бидејќи таму земјата се лизгала, новите куќи почнале да се подигнуваат на местата кај што им биле трлата со што се основале новите маала. Загузина или Дунчанско Маало настанало околу 1880 година, а во сличен период се создале и другите маала. Некои маала се основани од мештаните на Горно Маало, додека некои од доселеници од други села.
Историја
Во западниот дел на атарот се наоѓа возвишението Градиште, каде имало „ѕидови“ околу кои денешните мештани граделе трла.
Селото е споменато во поменик на манастирот Прохор Пчински, каде двапати е запишано под името Магленци.
Во селото има месноста Селиште, каде денес е сместен главниот дел од селото. Во минатото таму се наоѓало и старото село, при што мештаните наоѓале земјени ќупови и рачни воденици. Порано, таму постоела и црква со стари гробишта.
За време на турскиот период, кога Турците по еден настан го срамниле со земја соседното село Рамно (од каде потекнува и неговото име), дошле и во старото село Селиште, но мештаните не биле во него туку избегале. Турците тогаш рекле дека „таму е магла“ во смисла дека било пусто село. По овој настан останало името и за новооснованото село.
Денешното село пак е релативно поново. Во традицијата се наведува дека пред околу сто и нешто години постоела само една задружна куќа од која потекнуваат некои родови. Останатите родови се доселени во тоа време или подоцна од другите села.
Во селото денес не постои црква, но селаните го слават Арангеловден. Селаните имаат гробишта на местото на старите гробишта на Селиште.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 10,3 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 493 хектари, на пасиштата отпаѓаат 409 хектари, а на шумите 70 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во М’гленце живееле 400 жители.Васил Кънчов. „Македония. етнография и статистика“. София, 1900, стр. 244.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во М’гленце живееле 400 жители, патријаршисти.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 150-151.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.
Поради емиграцијата на насеелнието, селото преминало од средно во мало село. Така, тоа во 1961 година броело 329 жители, од кои 176 биле Македонци, а 152 жители Срби, а во 1994 година 118 жители, од кои 107 биле Срби и 11 жители Македонци.
Според пописот од 2002 година, селото броело 84 жители, од кои 33 Македонци и 51 Србин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 14 жители, од кои 6 Срби и 8 лица без податоци.
Родови
М’гленце е македонско-српско село село. Во минатото во селото постоела само една задружна куќа од која потекнуваат некои родови. Неа ја сочинувале четворица браќа: Станко, Стоилко, Бојко и Томо, додека потомците од четвртиот брат не се сочувани.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1950 година, родови во селото: Староседелци или доселеници со непознато потекло: Ќосинци или Стаменковци (4 к.), потекнуваат од братот Станко, дедото Стаменко бил ќосав и затоа го добиле името; Луткинци (6 к.), потекнуваат од погоре споменатиот предок Стоилко. Го знаат следното родословие: Коле (жив, 70 години во 1950 г.)-Стоша-Стоилко, основачот на родот; Илинци (4 к.), гранка се од родот Луткинци; Поповци (1 к.), потекнуваат од предокот Бојко; Стајчинци (3 к.), потомци се на некој од погоре споменатите браќа; Ковачевци (2 к.), гранка се од родот Стајчинци; Куртинци (1 к.), и тие се гранка од Стајчинци; Станишлевци (9 к.), гранка се од родот Стајчинци; Марковци (2 к.), гранка на некој од погоре споменатите родови; Бирдоњци (1 к.), гранка се од родот Марковци, имаат иселеници во Војводина; Пешинци (2 к.), гранка се од некој погоре спомнат род; Лазаровци (2 к.), исто така гранка од некој погоре спомнат род и Стојковци (1 к.), гранка се од родот Лазаровци. Доселеници: Гулаци (5 к.), доселени се однекаде. Биле грбави и затоа го добиле името, и денес во овој род има грбави луѓе; Грчки (3 к.), доселени се однекаде. Не знаат како го добиле името. Некои мислат дека потекнуваат од предок Влав. Во овој род порано бил познат некој предок Стаменко Грчки; Цоканци (1 к.), доселени се од селото Герман. Имаат иселеници во околината на Гнилане; Цацаре (3 к.), некој говорел Цацаре и по тоа го добиле името; Дервиш-Јован (1 к.), доселени се од соседното село Рајчевци. Таму припаѓале на родот Близанци. Имаат иселеници во Славујевце кај Прешево и во Војводина и Томиќи (1 к.), доселени се од селото Сурдул кај Врање.
Иселеништво
Има многу иселеници од селото на територијата на денешна Србија. Јосифовиќи, Стошиќи, Дунгерини и Стојановиќи иселени се во Трстени и Пољаници. Од 1878 година од селото се иселиле уште 14 семејства, кои заминале во Врање, јабланичкото село Кљајиќ, потоа во Жеглигово, Прешевско, Горна Морава и во Параќин. Имало иселеници и во Војводина. Потоа едно семејство (Станислав) се иселило во кумановското село Ропалце, а Јанковиќи се иселиле во Алиѓерце кај Прешево.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, М’гленце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото М’гленце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Малотино, во која влегувале селата М’гленце и Малотино.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1173 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.
Редовни настани
Слави Арангеловден — селска слава.
Личности
Родени во или по потекло од М’гленце Роска Бујачка (1883-) — учесник во НОВ на Македонија; и Тодора Бујачка Китанова (1923-) — учесник во НОВ на Македонија.
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане