Ложани — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Воздушен поглед на главниот дел на селото со црквата „Св. Власиј“

Според легендата, Ложани претставува старо село кое било основано околу еден ан, кој се наоѓал на патот на денешните населби: Долна Белица-Враништа-Ложани-Биџево-Требеништа. Крај анот на патниците повремено им се случувало по нешто лошо (кражби, убиства). Според тоа и местото го добило името Лош-ан.

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Сретселото

Селото се наоѓа во средишниот дел на Струшкото Поле, во средишниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку од самиот град Струга, сместено на десната страна на реката Црн Дрим. Селото е рамничарско, на надморска височина од 698 метри.

До селото водат асфалтни патишта од регионалниот пат 2243 со двоење кај Биџево и од регионалниот пат 1201 со двоење кај Враништа.

Ложани е изразено низинско село покрај коритото на Црн Дрим, сместено на неговата десна страна. Околни села се Враништа, Биџево, Драслајца и други. Водата за пиење доаѓа од бројните бунари, чија длабочина е од 57 до 90 метри. Низ Ложани тече малата река Стара Река, десна притока на Црн Дрим. Реката извира од карстен извор кај селото Џепин во подножјето на Караорман. До 1926 година, селаните пиеле од таа река.

Месностите на атарот околу селото ги носат следниве називи: Шурдова Ливада, Ограѓе, Асанои, Оџои, Вировник, Кушинов Трг, Камење, Селска Нива, Волништа, Габајца, Певци, Блата, Долни и Горни Ливаѓе, Преку Малеш, Крај Малеш, Брод, Црквино, Вокуси, Лески, Трине, Требеша и Стара Река.

Ложани има збиен тип, поделено на маала наречени по родовите. Попознати маала се Спасевско, Жупановско, Шумуликовско и други.

Историја

Народната традиција наведува дека селото е старо и дека се создало околу еден ан. Кај Враништа се наоѓал мост преку Црн Дрим (месност Калдрма). Двете села (Ложани и Враништа) ги одвојува коритото на реката Црн Дрим. Во 1491 година, Јусуф Челеби ги подарил двете села со 6 воденици, 6 дуќани, лозја, ан и рибник на џамијата Имарет од Охрид.

Околу 1878 година, во селото бил основан голем чифлиг на некој дебарски паша од родот Аголи. Пашата ја добил земјата од државната власт затоа што се истакнал во војната на страната на Турците. Околу 1900 година, пашата го наследиле неговите синови — Јусуф-бег и Емин-бег.

Чифлигот имал доста земја, зафаќал три четвртини од атарот на селото, додека остатокот бил во посед на селските македонски родови. По 1912 година, Јусуф-бег заминал во Албанија, додека Емин-бег живеел во Дебар (како пијаница). Мештаните ја купиле земјата од беговите до 1928 година.

Во Ложани се наоѓа црквата „Св. Власиј“ или наречена и „Св. Ѓорѓи Кратовски“, изградена во 1890 година и реновирана во 1952 година.

Во времето кога била изградена црквата во селото имало околу 25 македонски домаќинства, кои припаѓале на родовите Спасевци, Поповци, Иљовци, Шурдовци, Јаулевци, Дулевци и Танчевци.

На местото Стара Недела има слаб култен извор со евла, кој е посетуван од мештаните.

Во 1903 година, за време на Илинденското востание, селото дало 21 жртва. Денес, постои споменик подигнат во чест на загинатите во востанието и за време на борбите на НОБ во текот на Втората светска војна.

Стопанство

Атарот е мал и зафаќа простор од 5,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 525 хектари, па затоа има исклучително полјоделска функција.

Во минатото во него работела земјоделска задруга, а денес има услужни објекти. Задругата била наречена „Напредок“, единствена во околината на Струга, била од трговски тип.

Поради местоположбата, мештаните се занимаваат со земјоделство, главно произведувајќи пченка, пченица, зеленчук и овошје. Од стока пак одгледуваат крави, свињи и по некој коњ. Меѓутоа, голем дел од населението е вработено надвор од селото или пак на привремена работа во странство.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ложани имало 300 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Ложани е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 45 куќи.

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ложани имало 240 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци и 50 Албанци.

Селото е средно по големина, без поголема промена во бројот на население. Така, Ложани во 1961 година имало 748 жители, од кои 709 биле Македонци, а 37 жители Албанци, а во 1994 година 710 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Ложани живееле 729 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 644 жители, од кои 511 Македонци, 9 Албанци, 1 Ром, 6 Власи, 4 останати и 113 лица без податоци.

Родови

Ложани е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1980 година, родови во селото се: Спасевци (30 к.), Шурдовци (17 к.), Жупановци (16 к.), Шумуликовци (16 к.), Перевци (12 к.), Јаулевци (12 к.), Иљовци (12 к.), Поповци (10 к.) и Танковци (10 к.). Родот Поповци е доселен од селото Рајца (денес во Албанија на самата граница со Македонија), нивните роднини во Рајца се сега муслимански Албанци. Родот Јаулевци е доселен од сега албанското село Ливада го знаат следното родословие: Танас (жив, 40 години во 1980 г.)-Нестор-Аврам-Анѓеле-Ѓорге, основачот на родот кој се доселил; Трајановци (1 к.) и Танковци (1 к.), доселени се после Првата светска војна од селото Биџево; Савевци (1 к.), доселени се кога и претходните родови од планинското село Брчево.

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле: Староседелци: Спасевци (21 к.), Иловци (8 к.), Шумуликовци (7 к.), Ругузовци (4 к.), Шурдовци или Крстановци (8 к.), Дулевци (3 к.), Жупановци (8 к.) и Савевци (1 к.). Доселеници: Танковци (8 к.), доселени се околу 1825 година од соседното село Ливада; Поповци (7 к.), доселени се од селото Рајца во Албанија, на границата со Македонија; Танковци II (1 к.), доселени се во 1926 година од селото Биџево, таму припаѓале на истоимениот род и Грчевци (1 к.), доселени се од селото Брчево во 1860 година.

Иселеништво

Јован Трифуноски забележал дека родот Загуровци (8 к.) се иселил во соседното Враништа, а родот Милошевци (17 к.) се иселил во соседното Драслајца. По Втората светска војна, селото се нашло под влијание на индустријализацијата и имало голем бран на иселувања, главно во Скопје, а помал дел во Струга, Охрид и Белград. Вкупно се иселиле околу 50 домаќинства.

Бранислав Русиќ, пак, запишал за следните иселеници до крајот на 1940-тите: од Савевци во Драслајца (како домазет од 1938 година); од Поповци во: Брезница крај Петрич (едно семејство од 1918 година) и од Мечкаровци во Биџево (како домазет од 1943 година). Целосно се иселиле Милошовци (во Драслајца и Враништа) и Кошарковци (во Струга).

Општествени установи

Подрачно основно училиште „Св. Климент Охридски“, подрачно основно училиште до петто одделение во состав на ОУ „Св. Климент Охридски“ - Драслајца Дом на културата Месна заедница

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Ложани било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, една од општините која доживеала најголеми промени со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Драслајца, во која покрај селото Ложани, се наоѓале и селата Биџево, Делогожди, Драслајца, Ливада, Мороиште и Ново Село. Општината Драслајца постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1867 според Државната изборна комисија, кое е сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Св. Власиј“ — главна селска црква и централен парохиски храм на Ложанската парохија; Црква „Св. Преполовение“ — нова селска црква, изградена во 2006 година; Црква „Св. Богородица“ — камен-темелник удрен на 25 октомври 2015 година, каде што има извор на света вода.

Параклиси Параклис „Св. Недела“ — параклис надвор од селото.

Споменици Споменик со спомен-плочи за загинатите борци во Илинденското востание и борбите на НОБ.

Редовни настани

Слави Свети Власиј — црковна и селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Ложани Александар Климов‎ (1881 - 1967) — офицер од Бугарската армија и револуционер на ВМОРО; Величе Шумуликоски — македонски фудбалер; Дуко Стефанов Жупанов — македонски револуционер од ВМОРО; Сидор Наумов Илоски — македонски револуционер од ВМОРО; и Сотир Јаулески — македонски револуционер од ВМОРО.

Култура и спорт

Во селото работи фолклорниот ансамбл „Билјана“ од 1978 година, како и фудбалскиот клуб „Напредок“, кој е создаден во 1978 година.

Галерија

Поврзано Струшко Поле Општина Струга Струга

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга