Ново Село — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Потекло и значење на селото

Името на селото е најчесто сретнуваното во Македонија и неговото значење е едноставно: спојување на придавката „ново“ со именката „село“, што доаѓа од мало населено место.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа на источната страна на подрачјето на Општина Струга, речиси во средишниот дел на Струшкото Поле. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 705 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 12 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 2243.

Ново Село е мало село, сместено во рамниот сув дел на Струшкото Поле. Околни села се Биџево на југ, Делогожди на североисток, Долно Татеши на север и други. Водата за пиење доаѓа од бунари во кои се поставени пумпи. Длабочината на бунарите е на 6-7 метри. Некогаш мештаните пиеле вода од изворите Бара и Чешма.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Суви Ливади, Лаз, Дрење, Бранејнца, Островица и Мера.

Селото има збиен тип, поделено на маалата Лога, Иљази и Туши.

Историја

Ново Село се наоѓа на стариот патен правец Дебар-Битола, кој доаѓал од запад од селото Добовјани кај Црн Дрим. Од Ново Село до околу 1935 година патот водел на исток преку селата Ливада и Требениште. За потребите на патот во селото постоел ан.

Ново Село најпрвин било мало христијанско-словенско село. Имало црква и гробишта на месноста Бранејнца. Надгробните плочи не се зачувани бидејќи околу 1925 година биле употребени од муслиманските Албанци за изградба на куќи.

До крајот на турската власт во 1912 година, во Ново Село постоел чифлиг на Шаин-бег Пустиња од Дебар. Него го наследил синот Абди-бег, кој живеел во Ново Село до својата смрт во 1975 година. Неговите три сина живеат во Струга. Шаин-бег ја добил земјата на подарок од турската државна власт по војната во 1878 година.

Од 1920 година започнала продажбата на чифликсајбиската земја. Земјата ја купувале муслимански Албанци од другите села. Поради тоа, од селото се иселиле постарите македонски родови (околу 5-6 домаќинства). Родовите Раџиовци и Ставревци се иселиле во соседното Биџево, а други заминале во соседното Ложани.

Во селото постои џамија, а учениците одат да учат во училиштето во Биџево.

Стопанство

Атарот е мошне мал и зафаќа простор само од 1,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 119 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.

Во селото има услужни објекти.

Земјата околу Ново Село е под ниви, ливади, пасишта и дабова шума. Шумата се наоѓала на месноста Бранејнца, но била исечена во Првата светска војна од страна на Бугарите. Потоа, таа повторно израснала.

Жителите се занимаваат со земјоделство и сточарство. Во поново време, мештаните одат и на привремена работа во странство. Дел од атарот на селото бил заземен од страна на земјоделскиот комбинар „Струшко Поле“ во југословенскиот период.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ново Село живееле 34 жители, сите Албанци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 253.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Ново Село се води како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 14 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Биџево имало 72 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 164-165.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Албанци.

Во 1961 година селото броело 143 жители, од кои 128 биле Албанци, а 15 жители Турци, додека во 1994 година бројот се зголемил на 213 жители, од кои 171 биле Албанци, а 42 жители други.

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Ново Село, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.

Според пописот од 2002 година, селото броело 280 жители, од кои 235 Албанци и 45 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 228 жители, од кои 162 Албанци, 53 останати и 13 лица без податоци.

Родови

Ново Село е албанско село, а имало и македонски и ромски родови.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1980 година, родови во селото: Албански родови: Лога (8 к.), Изери (3 к.), Фејзула (2 к.), Фејза (2 к.) и Шакири (1 к.). Лога се доселени од селото Поум. Изери и Фејзула се доселени од дебарско (Мал или Голем Папрадник) и Шакири се доселени од селото Песочани, Дебрца. Наведените родови се доселени околу 1925 година; Иљази (4 к.), Читаху (2 к.), Туши (5 к.), Беќири (1 к.), Дема (1 к.) и Мена (1 к.). Родот Иљази е доселен од селото Поум. Читаху е доселен од селото Делогожди. Туши е доселен од селото Добовјани. Беќири е доселен од селото Долно Татеши. Дема е доселен од Богојци и Мена е доселен од селото Мислодежда. Сите наведени родови се доселени после 1945 година. Ромски род: Џаку (4 к.), доселени се пред 1912 година, по потекло се од Дебарско. Македонски род: Затарковци (1 к.), доселени се во 1938 година од селото Безово, Дебарски Дримкол. Купиле доста земја во селото.

Иселеништво

Од селото се иселиле македонски домаќинства по пропаѓањето на чифлигот и доселувањето на албанските муслимански родови од другите села околу 1920 година.

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Ново Село било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Драслајца, во која покрај селото Ново Село, се наоѓале и селата Биџево, Делогожди, Драслајца, Ливада, Ложани и Мороишта. Во периодот 1950-1952 година, селото Ново Село било дел од некогашната општина Драслајца, во која влегувале селата Биџево, Драслајца, Ливада, Мороиште и Ново Село.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1901 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Биџево.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Гробишта — населба од доцноантичко време; и Црква — средновековна некропола.

Цркви Во минатото постоела црква со гробишта на месноста Бранејнца.

Џамии Џамија — главна селска џамија.

Поврзано Општина Струга Струшко Поле

Наводи

Забелешки

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга