Мислешево — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга. Поради близината на својот град, се смета и за негово предградие.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Воздушен поглед на сретселото со црквата „Св. Јован Крстител“
Од каде дошло името на селото Мислешево е доста тешко да се утврди. За тоа постојат доста преданија, меѓу кои се прикажува и една мала анегдота за името на селото, во која се вели дека неговите жители се думале какво име да му дадат на селото. Долго и долго мислеле, мислеле... и на крајот му го дале името „Мислешо“ или „Мишлешо“, како што се нарекувало и нарекува во народниот говор. Според некои извори името е од словенско потекло и спаѓа во групата лични имиња, а е изведено од зборот „мисл“.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во јужниот дел на Струшкото Поле, во југоисточниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку од самиот град Струга и до патот Струга-Охрид, па затоа припаѓа на рурбалната зона на градот. Селото е рамничарско, на надморска височина од 698 метри. Тоа е најблиското село до градот Струга и се наоѓа на околу 2 километри североисточно од него.
До селото водат асфалтни патишта од државниот пат А2, кој поминува до селото, но може да се дојде и преку регионалниот пат 1208.
Мислешево е големо низинско село во близина на градот Струга во североисточна насока. Околу Мислешево од сите страни се наоѓаат плодни обработливи површини. Соседни села се Мороишта на север и Горенци и Оровник на исток. Од 1963 година, селаните имаат вода од градскиот струшки водовод, а претходно водата ја носеле од Стара Чешма оддалечена 1 километар источно од селото. Во 1934 година биле избушени три бунари, длабоки над 70 метри.
Месностите на атарот околу селото ги носат следниве називи: Рибница, Биоларница, Крбла, Пералиште, Требенишки Мост, Волински Пат, Мороишки Пат, Мороишка Топола, Кошара, Стара Пруга, Темни Јаз, Доганџица, Бостаниште, Шаркиница, Подливада, Вишенско Блато, Пашиница, Градски Пат, Маторник, Шемоска Ограда, Бранејнца, Барски Ливаѓе и Ливаѓе.
Селото се состои од два дела: стар и нов. Стариот дел има збиен тип и се наоѓа североисточно, додека новиот дел има разреден тип и е издолжен околу 1 километар долж патот кон Струга.
Историја
мини|300п|десно|Спомен-чешмата посветена на борците од НОБ
Во средниот век се споменува „стас“ – низински имот во селото, кој кралот Душан (1342-45 г.) со своја даровница, му го дарувал на манастирот „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Во Мислешево постојат разни преданија и траги од поранешни населби. Општо е кажувањето дека некогаш во близина на ова село покрај патот Мислешево-Струга постоело посебно село наречено Вишо. Меѓутоа, за време на отоманскиот период, таму се појавила чума. Дел од населението изумрело, додека другиот дел се преселил во денешното Мислешево. Така, селото Вишо престанало да постои. Неговото селиште денес се нарекува Вишевско Блато.
Во минатото околу селото се протегало познатото струшко блато, што го предизвикувале поплави, кои биле присутни во доцните есенски, зимски и раните пролетни месеци, предизвикувани од излевањето на езерото и реките Црн Дрим и Сатеска. Тогаш низ селото се одело исклучиво со чизми, односно „скорни“, како што тука се нарекуваат, или пак со кукалки, за што мислешевци биле добри мајстори. Но, затоа пак, полето било многу плодородно.
Околу селото се наоѓаат месностите Пречиста, Св. Климент и Св. Атанасиј, каде има слаби остатоци од старини. Се пренесува дека на месноста Св. Атанасиј некогаш имало манастир. Уште се верува дека кај овие месности има закопани богатства, кое сега никој не може да го откопа. На месноста Св. Климент селаните одат на првиот петок пред Велигден.
На сретсело се наоѓа црквата „Св. Јован Крстител“, околу која се наоѓаат селските гробишта.
Во селото постои спомен-чешма на НОБ.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 13,2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.223 хектари, па затоа има полјоделска функција.
Во селото работат услужни објекти.
Во отоманскиот период, земјата припаѓала на чифликсајбиите Шабан-ефенди Пустиња и Расим-ефенди од Дебар, Ферат-бег од Охрид, Риза-бег, Деливер-ага и Кромидче-ага од Струга. Дебарчаните ја добиле земјата како подарок од султанот и тие биле должни секоја година да даваат храна за помала единица на војската. Останатите ја присвоиле земјата од „каурите“. Кромидче-ага бил убиен од страна на мештанинот Јаковче Галески пред крајот на турската власт.
До 1912 година, селаните работеле на чифлиците и престојувале во куќите на чифликсајбиите. Само 5-6 домаќинства имале свои куќи, како родот Прентовци. Во селото долго време биле зачувани три кули, а во кулата на Шабан-ефенди дури било сместено и некогашното училиште.
Поради својата местоположба и бројните плодни обработливи површини, селаните се занимавале со земјоделство. Најчесто произведувале пченка, зеленчук, пченица и други. Меѓутоа, земјоделството е тесно поврзано со сточарството, па така се одгледувале говеда, свињи и малку коњи. Во поново време присутно е заминувањето во странство на привремена работа.
Како приградска населба на градот Струга и големо село во Струшкото Поле, кое е сместено на важен автомобилски пат, Мислешево е економски многу развиено село. Голем е бројот на современи куќи за живеење, а скоро секое семејство има свој патнички автомобил или некое парче на земјоделска механизација. Со тоа животот е многу олеснет, земјоделското и сточарското производство многу зголемени, а селото се претворило во вистинска приградска населба.
Во Мислешево денес работат неколку индустриски капацитети, производствени погони и стоваришта за градежни материјали, печатници, три салони за мебел, автосервиси, локали за забавен живот на младите, сместувачки капацитети за туристи, трговски и други приватни претпријатија.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мислешево имало 700 жители, сите Македонци.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Мислешево е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 62 куќи.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мислешево имало 504 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 164-165.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.
Мислешево е големо село, со значителен пораст на бројот на населението. Поради близината до градот Струга, Мислешево привлекло и доселеници. Селото во 1961 година броело 1.213 жители, од кои 1.204 биле Македонци, тројца Хрвати, двајца Црногорци и двајца жители Албанци, додека во 1994 година бројот се зголемил дури на 3.246 жители, од кои 2.668 биле Македонци, 433 биле Албанци, 52 Турци, 41 Влав, 14 Срби и 38 останати. Во бројките за население е вброена и населбата Мислешевски Пат.
Според пописот од 2002 година, во селото Мислешево живееле 3.507 жители, од кои 2.791 Македонец, 28 Турци, 13 Роми, 527 Албанци, 66 Власи, 15 Срби и 67 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.969 жители, од кои 2.195 Македонци, 368 Албанци, 50 Турци, 26 Роми, 38 Власи, 7 Срби, 3 Бошњаци, 182 останати и 100 лица без податоци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Мислешево:
Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Вкупно1948—————————76119531.0281————...——1.02919611.2042—......1...6—1.21319711.3015——...—...2—1.30819811.886761—43...18—1.98819912.9286826122811—57—3.13019942.66843352—4114—38—3.24620022.79152728136615—67—3.50720212.195368502638731821002.969 * Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови
Мислешево е македонско село, отсекогаш населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед, кои и во денешно време претставуваат најдоминатно мнозинство во населеното место во кое како жители се водат и лица од други националности, кои всушност живеат во струшката приградска населба Мислешевски Пат, која административно се води како дел од Мислешево. Во етнографските истражувања се забележани следните родови, кои може да се поделат во староседелци, постари доселеници и понови доселеници.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, родови во селото се: Македонски родови: Староседелци и доселеници со непознато потекло: Шулевци (30 к.), Мечкаровци (6 к.), Коруновци (3 к.), Мижимаковци (15 к.), Шавревци (8 к.), Љубевци (7 к.), Рембовци (9 к.), Кајмаковци (20 к.) и Бунчевци (7 к.). Првите три рода се најстари, тие се најверојатно староседелци. Од родот Кајмаковци потекнува познатиот пејач Даниел Кајмакоски. Стари доселени родови со познато потекло: Кожевци (2 к.), доселени се од селото Волино; Бочевци (10 к.), доселени се од некое село во Дебрца; Шуковци (10 к.), доселени се од селото Горенци; Прентовци (20 к.), доселени се од селото Прентово во Албанија. Тоа село било западно од Струга, на пат за Елбасан; Рајчиновци (10 к.), доселени се од селото Рајце, исто така во Албанија. Како се зборува Рајце се наоѓало во близина на селото Прентово. Понови доселеници: Ташманоруштани (22 к.), Луковчани (12 к.), Брчевци (8 к.), Радождани (7 к.), Јабланичани (7 к.), Длабочанци (7 к.), Луковчани (4 к.), Нережани (4 к.), Ржановци (3 к.) и Вевчанци (1 к.), доселени се во периодот од 1971-1977 година. Имињата ги носат по селата од каде се доселени. Тие се населиле долж патот за Струга и нивните починати биле закопувани во градските гробишта. Муслимански родови: Албански род: Франговци (1 к.), доселени се од селото Франгово. Торбешки род: Лабуништанци (7 к.), доселени се од селото Лабуништа.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле: Староседелци: Шулевци (24 к.) и Мечкаровци (4 к.). Со непознато потекло: Ѓиковци (4 к.), Кајмаковци (21 к.), Бочевци (9 к.), Шавревци (3 к.), Крецевци или Крецуле (1 к.), Коруновци (3 к.) и Бунчевци или Џутевци (4 к.). Доселеници: Прентовци (26 к.), околу 1750 година се иселиле од селото Прентово кај Елбасан во Албанија. Најпрво се населиле во селото Лабуништа, каде останал еден дел од родот. Потоа се населиле во Заграчани, Враништа и Охрид. Па во почетокот на XIX век некој ага ги донел во Мислешево; Мижимаковци (11 к.), доселени се околу 1808 година од селото Болно во Преспа; Лабовци (6 к.), доселени се околу 1820 година од селото Мешеишта кај Охрид; Шуковци (4 к.), доселени се околу 1890 година од селото Горенци кај Охрид; Гагалевци (3 к.), доселени се од Охридско; Крстановци или Сирулци (3 к.), доселени се од селото Сирула кај Охрид; Кожевци (1 к.), доселени се од селото Волино кај Охрид, таму имале роднини; Черенковци (1 к.), доселени се од селото Сливово во Дебрца; Рајчиновци или Трајковци (14 к.), доселени се на почетокот од XIX век од селото Рајце, западно од Охридското Езеро, во Албанија.
Иселеништво
Јован Трифуноски забележал дека во соседните села се иселиле родовите Букчевци (4 к.) во Мороишта, Ничевци (10 к.) во Враништа. По Втората светска војна имало иселувања во градовите, но сепак селото примило многу повеќе доселеници.