Франгово — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга.
Потекло на името
мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото со издвоеното маало Фјоришта (десно на фотографијата) кое се наоѓа на самата атарска граница помеѓу Франгово и Радолишта
Името на селото првпат е споменато како „Франгово“ во 1345 година. Под слични варијанти е споменувано и во други документи.
Постојат повеќе објаснувања за потеклото на името: Од антропонимот Франго; и Од посесивната форма образувана со наставката -ово од етимонот Франг/Франк што означува „западноевропеец, небалканец“ и веројатно е сврзано со Крстоносните походи.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Поглед на селото
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во југозападниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига до сртот на планината Јабланица, каде се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 810 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 6 километри.
До селото водат повеќе локални асфалтни патишта кои се двојат од државниот пат А2 кој води кон граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница од кој селото е оддалечено четири километри.
Селото се наоѓа на источните падини на планината Јабланица, десно од државниот пат Струга-Ќафасан. Околни села се: Калишта, Радолишта и Мали Влај. Атарот на Франгово е побогат со вода од останатите делови на планината, па така во него има десет извори на вода од кои попознати се Добра Вода, Руен, Крује-Маљ, Дељура и други. Од последниот извор е спроведена вода во селото со водовод до сите селски маала.
Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Цунга (1.078 м.), Грмаде, Маша, Гропа, Урда, Бота, Исра, Те-Крала, Каменица, Лопата, Варса, Зае, Фазлица и Аргунга.
Селото се состои од неговиот главен дел и издвоеното маало Фјоришта, кое е оддалечено околу 2 километри од главното село. Јован Трифуноски пренесува дека мештаните во 1970-тите години кажувале дека тоа маало можеби ќе стане посебно село. Маалото денес е доста раширено, од некогашните 15 домаќинства, и се простира не само во атарот на Франгово, туку и во атарот на Радолишта.
Историја
Селото спаѓа меѓу старите села во Струшко. Него, кралот Стефан Душан го предал на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ од Охрид кога е споменато како Фругови во грамотата од 1342-45 година.
Иако, Франгово е целосно муслиманско албанско село, одредени месности во атарот на селото наведуваат дека изворно било словенска населба, како што се Добра Вода, Каменица, Лопата, Руен, Грамади и други. Некои од овие топоними се од средниот век. Доктор Милер кој поминувал низ Струшко во периодот 1837-38 година запишал дека Франгово тогаш имало мешано словенско-албанско население.
Денешните албански родови во селото потекнуваат од доселени предци од села во јужна и северна Албанија, што се случило во периодот 1825-1860 година. Албанците во селото имале особено висок наталитет.
Во средишниот дел на селото постои џамија подигната во 1925 година, а претходно имало трошна џамиска зграда.
Во селото постои споменик на НОБ.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 9,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 648 хектари, на пасиштата отпаѓаат 138 хектари, а на обработливото земјиште 124 хектари.
Во селото работат услужни објекти.
Во минатото, населението многу се занимавало со сточарство. Одгледувале бројна стока: кози, овци, говеда и коњи. Меѓутоа, по Втората светска војна тоа се променило. Денес, повеќе се посветени на полјоделството и на печалбата.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Франгово имало 360 жители Албанци муслимани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Франгово е претставено како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 45 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Албанци.
Франгово е големо село, населено со албанско население. Тоа, во 1961 година имало 844 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.554 жители.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Франгово, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.
Според пописот од 2002 година, во селото Франгово живееле 1.739 жители, од кои 1.734 Албанци и 5 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.206 жители, од кои 1.156 Албанци, 1 Бошњак, 13 останати и 36 лица без податоци.
Родови
Во селото живее муслиманско-албанско население.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1979 година, родови во селото се: Даутлар (20 к.), Шаќирлар (10 к.), Мерколар (5 к.), Асолар (10 к.) и Маљеље (6 к.), потекнуваат од петмина браќа, синови на извесен Осман. Се доселиле околу 1825 година. Го знаат следниот родослов: Амди (жив, 64 години во 1979 г.)-Ашим-Синан-Шаќир-Осман, кој се доселил од некое село во Јужна Албанија и бил од групата Тоски;Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., 11 стр. Љазилар (околу 20 к.), ја знаат следнава генеалогија: Зија (жив, 46 години во 1979 г.)-Изет-Јусуф-Илјаз-Максут, основач на родот, доселен околу 1840 година. И тие се Тоски; Вишколар (околу 30 к.), Голелер (околу 30 к.) и Амзолар (7 к.), доселени од некаде од Јужна Албанија заедно со родот Љазилар; Љуманлар (15 к.), најнов селски род и единствени припаѓаат на групата Геги, доселени од областа Љума од Албанија. Тие живеат во маалото Фјоришта, каде се преселиле од главното село во 1950-тите.
Иселеништво
Од денешниот род Мерколар неколку семејства се иселени во Турција и во градот Струга. Родот Френговци (1 к.) се иселил во струшкото село Мислешево. По кажување, помеѓу двете светски војни, од селото се имаат иселено околу 50 домаќинства, кои се иселиле во градовите Струга, Охрид, Битола и во Турција.
Општествени установи
Основно училиште „Асим Агуши“, подрачно основно училиште до деветто одделение во состав на ОУ „Асим Агуши“ - Радолишта Здравствена амбуланта
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Франгово било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Франгово, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Калишта, Мали Влај, Радожда, Радолишта и Шум. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Калишта, во која влегувале селата Калишта, Мали Влај, Радожда и Франгово.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места место бр. 1879 и 1880 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.
На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.639 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.634 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Кадри Црква — средновековна црква; Машра — некропола од доцен среден век; Троња — средновековна некропола; Фириште - Петрин Дол — населба и некропола од хеленистичкото и римското време; и Џепино — населба и некропола од римското време.
Џамии Џамија — главна селска џамија, изградена околу 1925 година.
Споменици Споменик на НОБ на сретсело.
Галерија
Наводи
Забелешки
Поврзано Дримкол Општина Струга Струга
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга